ОСВРТ НА 32. ФЕСТИВАЛ ВО САРАЕВО: Импресивни фестивалски слики помеѓу „Жена со пејзаж“ и „Ничија земја“

post-count icon
08.30.26

Најголемото признание, „Златното срце на Сараево“, му беше доделен на австриско-германскиот филм „Секогаш“ на Сандра Волнер, додека Наградата за режија ја доби грузиската авторка Ана Урушаџе за филмот „Споредна улога“. Македонската актерка Ева Костиќ го освои „Срцето на Сараево“ за најдобра женска улога, а романскиот актер Адријан Ванчика ја понесе наградата за машка улога во „Не припаѓаш овде“ на Флорин Сербан * Фестивалот се одржа во знакот на два босански филма, „Жена со пејзаж“ на Ивица Матиќ, направен пред точно половина век и „Ничија земја“ на Данис Тановиќ, чија реставрирана верзија доживеа премиера

Наш специјален известувач

Душко Димитровски

Сараевскиот филмски фестивал годинава, на своето 32. издание (од 14 до 21 август), почна и заврши со два исклучително значајни филма за Босна и Херцеговина. Станува збор за филмови кои на особено експресивен, визуелен начин го претставуваат своето турбулентно минато, како што се: „Жена со пејзаж“ (1976/1989) на Ивица Матиќ и „Ничија земја“ (2001) на Данис Тановиќ.

Филмот „Жена со пејзаж“ на извонредно талентираниот млад синеаст, Ивица Матиќ (1948-1976), има доживеано необична судбина. Имено, овој филм е целосно снимен во далечната 1976 година, но не и завршен, поради прераната смрт на авторот Матиќ.

Подоцна, по цели 13 години неговите колеги ќе ги премонтираат снимените материјали и филмот ќе ја доживее својата премиера во 1989 година во Пула, каде што ќе ја освои и специјалната „Златна арена“. „Жена со пејзаж“ беше прикажан еден ден пред официјалното отворање на годинешниот фестивал, по повод 50-годишнината од неговото снимање, но и од заминувањето на неговиот режисер, кој бил познат и како директор на фотографија и писател.

Во него авторот ја следи трагикомичната судбина на еден шумар, самоук сликар со голема страст за сликање женски актови. Во приказната шумарот ќе биде преместен во едно мало село во Босна, каде што успева да ги наговори тамошните жени да му позираат голи. Кога за сето тоа ќе дознаат селаните ќе се обидат да ги осквернават неговите слики. Со впечатлив филмски јазик, со одлично доловена атмосфера и креативна режија, вклучувајќи ја и импресивната улога на Столе Аранџеловиќ како шумарот, „Жена со пејзаж“ е експлицирана сага за еден несфатен самоук уметник. Во него Матиќ покажува дека умее да ги претстави длабоките и префинети чувства, како за сликарството, така и за вклопувањето на човекот во пејзажот. Би можело да се каже дека нераскинливата врска помеѓу природното, секојдневното и уметничкото сфаќање на светот е, всушност, главната тема на овој навистина несекојдневен филм.

Додека, пак, фестивалот е затворен со проекција на реставрираниот босански филм, оскаровецот „Ничија земја“ на Данис Тановиќ, во кој авторот на посебно животен начин ја претставува судбината на Босна и Херцеговина во последната стравична воена катастрофа, низ ликот на еден босански војник кој лежи на гранати, но и низ судирот на двајцата војници од спротивставените страни кои, по играта на случајот, ќе се најдат заробени во ров односно на „ничијата земја“.

Меѓу овие две остварувања на 32. Сараевски филмски фестивал беа прикажани дури 250 филма од 70 земји, играни, документарни и анимирани, распоредени во повеќе натпреварувачки секции, за кои одлучуваа меѓународни жирија. Акцентот, како и секогаш, беше ставен на филмовите од нашиот регион.

Најголемото филмско признание, „Златното срце на Сараево“ во компетитивната долгометражна продукција, му беше доделен на филмот „Секогаш“ („Everytime“) на Сандра Волнер. Филмот е работен во австриско-германска продукција, инаку станува збор за сосем авангардна трансцендентална, речиси сенишна приказна, во која трагедијата ги обединува мајката, ќерката и еден тинејџер, додека се борат со чувството на вина и простувањето. Оваа необична тројка ќе отиде на Тенерифе на семеен одмор, кој можеби никогаш не се ни случил…

Македонската кинематографија беше доста добро застапена годинава на фестивалот, а посебно позитивни оценки од критиката и громогласен аплауз по проекцијата доби филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума. Инаку, тоа е трагикомична сага за судбината на едно ромско девојче, Адела, и нејзиното мало семејство, кои се борат за опстанок во, за нив, речиси непријателска средина.

Специјална награда за унапредување на родовата рамноправност, воведена оваа година, ја доби македонскиот филм „17“ на младата и талентирана режисерка, Косара Митиќ, за кој во „Филм+“ претходно веќе е пишувано. На овој филм му припадна и Наградата за најдобра женска улога, која ја доби Ева Костиќ.

На крај би можело да се заклучи дека она што провејуваше низ повеќето добри остварувања на фестивалот, би била една помалку или повеќе успешна интенција на авторите да ја прикажат реалноста, но и актуелноста на општествено-политичкиот момент, а сепак во себе да ги задржат оние општочовечки карактеристики, шти ги красат главните херои.

Според долгогодишната традиција, и овој пат на фестивалот беа доделени повеќе почесни признанија за истакнатите филмски уметници во светот. Оваа година меѓу добитниците беа: Емили Вотсон, Вуди Харелсон, Диего Луна, Азгар Фаради и Емир Хаџихафизбеговиќ.

Триесет и второто издание на фестивалот ќе остане запаметено и по рекордниот број на посетители, како и по добрата атмосфера која се чувствуваше во градот за време на неговото одржување.