САРАЕВСКИ ФЕСТИВАЛ: „Срцето на Сараево“ го доби филмот „Секогаш“ на Сандра Волнер, додека нашата Косара Митиќ со дебито „17“ освои три награди

post-count icon
08.22.26

Годинава ќе биде запаметена по огромното учество на македонските филмови и автори на 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал. Освен двата дебитантски филма на Косара Митиќ и на Дина Дума, кои беа вклучени во главната програма, имавме филмови и во документарна програма, каде беше прикажан „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, како и во програмата на кратки играни филмови, во која Ханис Багашов го претстави филмот „Кучињата немаат соништа“. И, тоа не е сѐ, бидејќи овој пат имавме и двајца претставници во жиријата, Сара Климовска во долгометражната програма, а Георги Унковски во програмата за перспективи на младите

Пишува: Сунчица Уневска

Главната награда на 32. Сараевски филмски фестивал, односно, „Срцето на Сараево“ во натпреварувачката долгометражна програма го доби австрискиот „Секогаш“ на Сандра Волнер. Како што пишуваа медиумите, тоа е филм за семејството, за вината и за тагата, за болката и простувањето, кој го освои жирито со „моментите на филмска милост што лебди низ оваа хипнотичка и трансцендентална приказна“. Филмот на Волнер триумфираше оваа година и во Кан, во програмата „Извесен поглед“.

„Срцето на Сараево“ за најдобра режија и припадна на грузиската авторка Ана Урушаџе за филмот „Споредна улога“, во кој низ приказната за една остарена актерска ѕвезда, си поигрува со реалноста и сонот проткајувајќи ги прашањата за смислата на животот. Интересно е дека за овој филм, кој во Ротердам ја доби Специјалната награда, како и Наградата на критиката „Фипресци“, жирито ќе рече дека бил вистински филмски предизвик и дека со нетрпение го очекуваат нејзиниот следен филм.  

За најдобра актерка, сосем очекувано, беше прогласена нашата млада дебитантка, Ева Костиќ, која одлично ја игра улогата на Сара во филмот „17“ на Косара Митиќ, за што веќе доби признанија и неподелени симпатии. Костиќ буквално го носи филмот и многу добро се снаоѓа во оваа улога, иако нема искуство. За неа жирито во своето образложение напиша: „Бестрашно стапување на сцена на младата актерска надеж, која дава сирова, длабоко емотивна и инстинктивна изведба“. Овој филм ја доби и Специјалната награда за унапредување на родовата рамноправност, како и годинешната Награда на публиката.

Додека улогата за најдобра машка улога отиде кај романскиот актер Адријан Ванкика за улогата во филмот „Не припаѓаш овде“, инаку новото остварување на извонредниот режисер од поновата генерација, Флорин Сербан („Кога сакам да свиркам, свиркам“). Сербан уште еднаш се осврнува на темата за односите во семејството, правејќи и овој пат една неочекувана и невозможна криминална драма.

Вториот македонски филм кој беше во главна конкуренција, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума,  ја доби Специјалната награда за перспективата на младите. Жирито кое го предводеше Винко Брешан, а во кое беше и македонскиот режисер Георги Унковски, истакна дека наградата се доделува на оваа „трогателна приказна за заедништвото, семејството и надежта што ја дава припадноста. Според гласањето на публиката овој филм се најде на третото место.

Во категоријата на документарни филмови, во која годинава беше прикажан и новиот филм на Милчо Манчевски „Добри луѓе“, главната награда му припадна на филмот „Планина“ на Билјана Туторов и Петар Гломазиќ, направен во копродукција меѓу Србија, Хрватска и Црна Гора, „каде што борбата за зачувување на планината носи незаборавно патување“. Победникот во оваа категорија се квалификува за номинација за „оскар“. Наградата за краток документарен филм ја доби хрватскиот „Тивка миса“ на Карла Јелиќ, додека наградата за краток игран филм повторно отиде во Србија за Тамара Тодоровиќ и нејзиниот филм „Никој ништо не рече“. Во оваа програма, која исто така од оваа година го квалификува победничкиот филм за номинација за „оскар“, Македонија имаше уште еден филм, новото кратко остварување „Кучињата немаат соништа“ на нашиот млад автор Ханис Багашов, на кого ова не му е прво учество во Сараево.

Вечерта на затворањето беше посветена на босанскиот актер Емир Хаџихафизбеговиќ, кој го доби почесното „Срце на Сараево“ за севкупниот придонес кон филмската уметност. Крајот на филмската програма, пак, донесе една ексклузива, имено за првпат беше прикажана реставрираната верзија на најуспешниот босански филм, оскаровецот „Ничија земја“ на Данис Тановиќ.

На крај да кажеме дека во индустрискиот дел, кој вообичаено се објавува одвоено, бидејќи тоа и не е официјален дел од филмскиот фестивал, како и многу години наназад повторно голема поддршка добија сестрите Митевски со нивните нови проекти (башка колку многу беа застапени на фестивалот, со „Мајка“, каде што косценаристка е Елма Татарагиќ, со мастеркласи, со специјално интервју на Теона Митевска каде што зборува доста „интересни“ работи, за кои допрва треба да се пишува, итн.). Две награди на маркетот „Синелинк“ отидоа кај Лабина Митевска како продуцент на филмот „Вкусот на праската“ на грузиската режисерка Елена Микабериџе, кој ќе се прави како копродукција меѓу Македонија, Белгија и Грузија, додека Теона Митевска и Соња Просенц ја добија поддршката за серијата „Мала Југославија“ во рамките на наградата на „Синелинк“ за женските гласови, поддржана од Фондот на ОН за изградба на мир под наслов: „Жените го предводат патот кон мирот и сигурноста во Босна и Херцеговина“. Станува збор за копродукција меѓу Македонија и Белгија, жанрот е хорор-комедија, а наградата е во вредност од 20 илјади евра.