Денеска во Домот на АРМ почнува 8. издание на Фестивалот на филм и музика „Ѕирни“

post-count icon
09.28.26

Оваа година селектирани се над 30 филма, во чии рамки ќе се одржат и седум скопски премиери на македонските кратки филмови. Во Домот на АРМ и „Котур“ богатата програма нуди и мастеркласи, работилници, панели, изложби, театарски претстави, вкусна храна и многу музика. Сѐ со цел да се поддржи независната филмска и театарска продукција, но и да ги поттикне младите да уживаат во јавните простори и да ги доживеат како свои

Од 28 септември до 5 октомври ќе се одржи 8. Фестивал на филм и музика „Ѕирни“, кој годинава во текот на осум дена носи над 30 филмови, со тоа што дури седум краткометражни филма ќе ја имаат својата скопска премиера. Овој фестивал веќе е познат по својата посебност во поглед на сеопфатноста, каде што покрај филмови и музика, има и панели, работилници, интервјуа, мастеркласи, изложби, театарски претстави, детска програма, но и во поглед на особената атмосфера, зачинета со вкусна храна, интимна и доволно инспиративна за да ја предизвика љубопитноста, посебно на младата публика.

Оваа година фестивалот ќе се одржува на две локации, во неговото матично место, Кафе и кино „Котур“, но и на платото пред Домот на Армијата. Официјалната филмска програма е поделена на 4 натпреварувачки секции, и тоа интернационална и национална селекција на кратки филмови, како и студентска интернационална и национална селекција. Годинава ќе се одржат и три специјални проекции на кратки филмови на членовите на тимот „Ѕирни“.

Имено, свеченото отворање на фестивалот е денеска во 19,30 часот пред платото на Домот на АРМ, по што следуваат проекциите на шест кратки филмови, и тоа: „Раѓање“ на Милена Витман, „Клупа“ на Трифун Ситниковски, „Вошки“ на Розе Симоновска, „Живот по животот и бескрајните преродби“ на Леарт Рама, „Преку прагот“ на Тара Гајовиќ и „No Skate“ на Гуил Села. Додека, во 21 часот во „Котур“ музичката програма започнува со селекцијата на диџеј Бојан Јанев.

Во следните два дена ќе можат да се видат по 12 кратки филма во Домот на АРМ и во „Котур“, меѓу кои е и филмот „Сопри ја колата“ на Игор Христов, кој беше прикажан на „Браќа Манаки“, потоа наградуваниот филм на Ханис Багашов, „Печурки од минатото“, како и „Кво вадис Јан“ на Леона Јариќ, која ја видовме на струшкиот фестивал „Дримшорт“. Што се однесува, пак, до музичката програма, за годинава се највени дури  седум диџеј сетови, меѓу кои: Андреа Салпе, Еми Ермилова, Давид Николовски, Андреј Влашки и Диџеј Чваре, Боле и Double G, како и пет концерти на бендовите: Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp од Швајцарија, LELEE од Словенија, Roza од Србија и домашните САМ и HOT JAZZ QUARTET.

Во рамките на придружната едукативна програма, веќе за вториот ден е предвидена мастеркласата на директорот на фотографија, Самир Карахода, а следуваат и работилницата за глума пред камера и самостојно снимање со актерката Сара Климоска, како и панел-дискусијата на тема „Улогата на филмските фестивали во креативниот развој на краткиот филм“. А најавено е и отворање на две изложби, на 29 септември изложбата „Со сите наши чворови“ на Крсто Глигоријадис, курирана од Наде Циева, а на 2 октомври и групната изложба на студентите од ФЛУ „Во воздух“, во соработка со арт-платформата „Пионери“. „Со сите наши чворови“, како што објаснува Наде Циева, е изложба која се надоврзува на делото „Распарчено тело“ на Глигоријадис, со тоа што ја материјализира метафизичката и телесна траума преку визуелно и тактично доживување.

Оваа година по четврти пат ќе се одржи и, веќе традиционалниот 48-часовен предизвик, кој е особено важен за младите ентузијасти, а кој го води режисерот Игор Христов. Оваа иницијатива, како што велат организаторите, се спроведува во повеќе од 50 градови низ светот. Се работи за изработување на кратки филмови во рок од два дена, кои ги оценува професионално жири и кои последниот ден, значи на 5 октомври, се прикажуваат пред публиката.

Како што веќе се знае, филмовите вклучени во официјалната селекција се натпреваруваат за наградата „Данчо Чеврески“, како и за Наградата за најдобар филм според публиката. Додека, филмовите од студентската програма се натпреваруваат за најдобар студентски филм. Жирито кое годинава одлучува за официјалната селекција е во состав: Василис Терзополус, програмер на фестивалот за краток филм „Драма“ од Грција, Сара Климоска, актерка и режисерка и Дарко Набаков, актер, историчар на уметност и извршен директор на „Македокс“. А во жирито за студентската програма се: Тамара Ристоска, актерка, Атанас Велкоски, снимател и режисерот Игор Христов.

На денот на прогласување на победниците, на 1 октомври, ќе може да се види и специјална проекција на долгометражниот документарен роуд-муви, „Југото оди во Америка“ на Филип Грујиќ и Алекса Борковиќ, направен во српско-хрватска копродукција. Додека на 4 октомври ќе се прикаже театарската претстава „Казабалкан“ во режија на Дамјан Костовски, направена според текст на Горан Стефановски. Претставата зборува за индививуата во време на војна, кога љубовта и основниот инстинкт за преживување го мотивираат човекот да поверува во чуда.

Тука и ќе завршиме, потенцирајќи ја токму желбата на организаторите на овој начин да се поддржи независната театарска продукција и да им се овозможи на младите театарски уметници да добијат простор за слободно изразување надвор од конвенционалните театарски сцени. Слично како и со идејата, младите бесплатно да уживаат во музиката на јавни простори, со цел да им овозможат да изградат своевидна емотивна поврзаност со нив, со цел што повеќе тие простори да ги доживуваат како свои. И во тоа е навистина посебноста на овој фестивал, кој умее да го препознае и моментот, но, како што се вели, да го спои и убавото и квалитетното на еден поинаков начин, со што полесно ќе стигне до младата публика, земајќи ја предвид целата нејзина денешна особеност и сензитивност. Па, да уживаме во следните осум дена, за кои распоредот и програмата се достапни на социјалните мрежи, Кафе и филм КОТУР и SИРНИ, како и на вебсајтот www.dzirnifestival.com, додека влезот за сите настани е слободен. (С.У.)