Кон: „Фјорд“, режисер и сценарист: Кристијан Мунгиу, улоги: Ренате Реинсве, Себастијан Стан, Лиса Ловен Конгсли, Торбјерн Хар, Ингвилд Лиен, Адријан Титиени, фотографија: Тудор Владимир Пандуру, монтажа: Мирсеа Олтеану, Романија/Франција/ Норвешка/Шведска 2026
Пишува: Сунчица Уневска

Норвешките фјордови и прекрасната непредвидлива природа со сето свое значење и метафори романскиот режисер, Кристијан Мунгиу, овој пат ги зема како база за својата толку суптилна приказна во истоимениот филм „Фјорд“. Бидејќи, тоа не е обичен филм. Во него, и покрај едноставноста во раскажувањето и минимализмот во водењето на приказната, станува збор за едно извонредно нијансирано дело, во кое значењата се претопуваат или преклопуваат, исто како и прашањата, кои постојано се отвораат, но свесно и индиректно не се нудат и одговори, иако приказната си тече од почеток до крај, следејќи го својот тек, до кулминацијата и завршницата, кои навидум како такви, воопшто, и ги нема. Со други зборови, Мунгиу не ја раскажува класично оваа приказна, која не случајно е сместена во енигматичните фјордови и мистериозната околина, кои му ја даваат единствената можност совршено да ги испреплете со природата на човекот, поттикнувајќи и повикувајќи го гледачот да се нурне целосно за да може да ги види и препознае симболите, знаците, тајните…

„Фјорд“ не им се допаѓа на сите, некако дури и ја подели публиката и критиката, но токму во тоа како да лежи и неговата сила, тој е едноставен, за многумина дури и здодевен, но само ако ја гледате неговата појавност. Токму онаква каква што е и околната природа, сјајни и проѕирни, навидум мирни води, фјордови кои ја симболизираат вечноста и траењето, но и неочекуваното, бидејќи нијансите секогаш се тука, само треба внимателно да гледате и да ги слушате приказните кои одѕвонуваат низ вековите, но и онаа несопирлива сила која умее така невидливо да ги измени. Впрочем, филмот и почнува со лавина или еден т.н. снежен бран, со оние појави кои се тука, но кои, сепак, никогаш не можеме да ги предвидиме. Започнува со симболиката која совршено ги отсликува сите емотивни тензии и недоразбирања до стравот и надежта, до замирањето и преоткривањето, до разочарувањето и возбудата, до соочувањето и осознавањето, до фактот дека предрасудите често умеат да ја искриват вистинската слика, која после природните непогоди умее да излезе повторно во целиот свој сјај.

Филмот „Фјорд“ е приказна за едно семејство со пет деца, кое од Романија доаѓа да живее во Норвешка. Како еден вид ветена земја, мир, совршена природа, питоми луѓе. Нивните сфаќања и конзервативен начин на живеење се разликуваат сосем, барем на прв поглед, од новата средина и нивниот начин на однесување, либерални принципи или поинакви воспитни методи. Набрзо мирот што ги опкружува ќе поприми сосем нови димензии, особено кога домаќините ќе се посомневаат во злоупотреба на децата. Тоа во Норвешка е недозволиво, но испитувањата што следат наеднаш ќе се претворат во нов предизвик, кој го отсликува судирот на култури дотолку што станува апсурден, па дури и карикатурален. Сето тоа добива таков интензитет, кој ќе доведе до постојана напнатост, осуда и надзор, до одземање на децата и испитување за детали што навидум неприметливо се претвора во разорна сила која наликува на лавината од почетокот на филмот, што полека, но сигурно се спушта кон градот.
Но, и покрај тоа, Мунгиу на сето ова му пристапува на доста необичен начин, исцртувајќи ги невидливите граници како што природата ги „црта“ оние парадоксални линии додека ги обликува (своите) фјордови. Бидејќи, ништо не е еднодимензионално како што изгледа, ниту пак јасно и оправдано, разумно или логично, од било која страна и да се погледне. Неверојатно е дека тој повторно се занимава со бирократскиот апарат, кој е карактеристика во неговите претходни филмови, како неизбежен дел од случувањата во неговата земја, но, како што ќе се покаже, никогаш не треба да го потценуваме опсегот или границите на нештата.

Токму тоа, на свој начин, Мунгиу и ни го порачува. Ништо не е совршено, ниту пак лишено од задни, да не речеме прикриени намери. Тој навистина никого не оправдува, ниту пак напаѓа, не, тој зборува за животот онаков каков што е. Убедувањата и „слепите“ верувања можат да бидат подеднакво лоши како и скриените намери или отпорот кон било каква појава. Дали родителите се однесуваат со најдобри намери, без оглед на нивните методи, не е и најважно за Мунгиу, туку многу повеќе тој се фокусира на емоционалните врски, кои можат да бидат подеднакво погубни без оглед на методите. Тој не се труди да ги прикаже родителите ниту како невини, ниту како жртви, но што се случува со „прогресивната“ страна чија цел навидум е заштита и забрана, односно поставување граници во одбрана на либералноста, која во одредени околности може да биде сфатена и сосем спротивно.
Впрочем, кој има право да каже што е добро, а што лошо. Кој има право да ви каже како да ги воспитувате децата и каде е онаа тенка граница каде што строгоста и принципиелноста поминува во суровост и угнетување. И колку, воопшто, намерата е вистинска и чиста, особено кога се работи за мигрантите и нивните религиски убедувања. Си поигрува Мунгиу со многу прашања, со многу рабови и предрасуди, градејќи ги или обликувајќи ги многу внимателно финесите во однесувањето, но и во намерите. Толку добро умее тој и наративно и визуелно да ги долови спротивностите, но и заблудите, верувањата, но и сомнежите, отвореноста, но и напнатоста кон некои работи за кои ни треба само искра, па вистинската намера или убедувања да излезат на површина.

Интересно е дека станува збор за вистинска приказна за која Мунгиу пред десетина години прочитал во весник, слично како и за претходните два негови филма. Но, тој е во право дека сега е можеби вистинското време за оваа приказна која во себе ги вткајува сите денешни многу актуелни и горливи теми, за глобализацијата, за отпорот кон миграциите, за културните, а особено религиски судири, за предрасудите и бирократските апарати, кои навидум се толку различни во оние конзервативни или во т.н. прогресивни средини. Во сето тоа, Мунгиу извонредно ги гради ликовите, особено фаќајќи ја онаа нивна внатрешна борба, емотивни судири и дилеми, кои се доведени до крајни граници, но мора да бидат потиснати ако, воопшто, сакаат да излезат од целата оваа небулозна ситуација.
Одлични и толку добро доловени и доживеани улоги даваат и Себастијан Стан и Ренате Реинсве, воздржани и моќни, Михаи како човек на кој му е одземен авторитетот, посебно кога станува збор за неговата повзраност со евангелистичката црква и каноните во кои безрезервно верува, и на што секојдневно ги учи своите деца, а сега се чувствува толку немоќно и понижено, и Лисбет како жена која сѐ уште се обидува да го најде балансот, да биде храбра, иако ранлива, да ја покаже понизноста, но и силата со која му ја дава поддршката на сопругот во борбата, што се чини како однапред да е загубена. Од друга страна, пак, тука е и земјата која се залага за слобода и толеранција, која се залага за правата на децата, но која во еден момент како да го нема моралниот ориентир особено кога целата ситуација, вака или онака, ја носи (навидум непостоечката) општествена контрола.

Необично е што Кристијан Мунгиу, заедно со снимателот Тудор Владимир Пандуру, во целата оваа толку „лична“ приказна главно ги користи крупните кадрови, многу повеќе трудејќи се да ја долови атмосферата отколку интимната болка или борба. Што се случува во средината, што се случува со природата, што се случува со човекот кога ќе се судрат временските зони, или прилики, или состојби, па на крајот и убедувања. Каде е границата, што е праведно, што не е, колку е морално, но говорејќи за двете страни, колку е возможно да ја доживеете и почувствувате природата со целата нејзина сила и непредвидливост, кога сте обземени со личните и оштествени неправди. Иако, всушност, како што рековме и на почетокот, тие се испреплетуваат, или токму тоа Мунгиу и го пренесува, колку е трајно и колку е можно совршенството во, на прв поглед, недопрената природа.
Впрочем, мистеријата околу промените не е ништо ново, дали на долг или на краток рок, но во суштината на природата се промените, а колку индивидуалното и личното можат да влијаат на сето тоа, на изглед како да не е ни важно. Или можеби е, особено ако гледате на нештата во обратен правец. Промените се неминовни, но последиците се различни. Сѐ зависи до каде се границите, оние природни или индивидуални, до каде е силата или немоќта, природна или лична, бидејќи како и да е, некој опстанува некој не, но излезот секако го бараат сите, во природата или надвор од неа. Како и да е, убавината останува, исто како и заканата, а каде секој од нас ќе го пронајде излезот, зависи од своите сопствени убедувања. Бидејќи, сепак, на крајот ништо не е онакво какво што изгледа. А можеби и е, па и покрај неминовните промени, бидејќи факт е дека нашата перспектива лежи во нашите верувања колку и да се тие спротивни едни со други.