Годинешната 83. Мостра, која традиционално се одржува на преубавиот остров Лидо, имаше само еден филм во главната програма што самостојно го режирала жена, за разлика, на пример, од лани кога во конкуренција беа селектирани дури шест филма кои ги потпишуваат женски автори. Претседателката на жирито, Меги Гиленхал, упати критики уште на самиот почеток поради изборот, но на крајот токму данската режисерка, Меј ел-Туки, го освои „Златниот лав“, за што Гиленхал потенцираше дека се работи за неговиот квалитет, а не за некаков отпор или порака
Наш специјален известувач
Душко Димитровски

Звучи парадоксално, па сепак, е вистинито.
Имено, на 83. Филмски фестивал во Венеција, кој годинава се одржа од 2 до 12 септември, од 21 филм вклучени во официјалната конкуренција за престижните награди „Златен и Сребрен лав“, само еден филм го режирала самостојно жена. И, токму тој филм, „Непозната жена“ на данската режисерка Меј ел-Туки, сосем оправдано го доби „Златниот лав“, запишувајќи се во историјата на фестивалот како осма жена која ја освоила главната награда. Инаку, филмот е двоен добитник, бидејќи нему му припадна и Наградата за најдобра женска улога, пехарот „Копа Волпи“, кој отиде кај Матилда Арсел за нејзината контроверзна, но силна улога во овој филм.
„Непозната жена“ е моќна психолошка драма, во која Меј ел-Туки прецизно го експлицира контролираниот психограм на една жена во патријархалната Данска, непосредно по завршување на Втората светска војна, кога жените кои имале врски со германските војници биле јавно стигматизирани.

Главен лик во филмот е куќната помошничка Мари, во исклучителна интерпретација на Матилда Арсел, која својата работа во едно богато данско семејство ја извршува речиси рутинирано. Тоа е времето по завршувањето на Втората светска војна, кога во состојба на една вжештена повоена клима се спроведува лов на нацистичките колаборационисти.
Посебно се „интересни“ жените кои, според обвиненијата, биле во љубовни врски со германските војници, поради што им се бричеле главите целосно. Дефинитивно, импонира начинот на кој режисерката, продорно и стилски ефектно го носи визуелното сведоштво за тоа како женското тело станува воено поле за националниот идентитет и јавните работи (што ја погодува самата суштина на она што теоретичарките, како Ортнер или Јувал-Дејвис, го нарекуваат улога на жената како „чувар на нацијата“ или симбол на колективниот идентитет).

Впечаток на потресна и исклучително впечатлива драма остава и документарниот филм „НАЗА“ на израелските режисери, Јувал Абрахам и Рејчел Сор. На овој филм, кој беше вклучен во последен момент, но кој доби буквално 25-минутни овации, му беше доделена Специјалната награда на жирито. Филмот зборува за тригодишниот терор на израелската влада, на чело со Бенџамин Нетанијаху, која под изговор дека сака да го неутрализира Хамас, всушност, систематски ја бомбардира Газа и крајно немилосрдно и нечовечки го уништува нејзиното цивилно население.

Во „ NAZA“, што е инаку хебрејска кратенка за израз што се користи за проценка на бројот на цивили што можат да бидат убиени во еден воен напад, се прикажуваат одделни стравични воени злосторства, а во сеќавање неспорно останува снимката на снајперистот кој пука во невооружените цивили додека трчаат по транспортот за храна. „НАЗА“ зборува отворено за воените стратегии кои се користат за време на агресијата на Израел во појасот Газа. Сниман е во текот на три години, и тоа во тајност, навечер на крововите на зградите во Тел Авив. Во него сведочат 24 поранешни припадници на израелската војска, меѓу кои има и разузнавачи и војници, кои во детали го опишуваат систематското убивање на палестинските цивили.
Сметам дека е доста неправедно што „Сребрениот лав“ – Големата награда на жирито му беше доделена на дилмот „ДАУ“ на рускиот режисер, Илја Кржановски, во кој се занимава со руската нуклеарна програма, а инаку од 2007 година живее надвор од Русија, со тоа што во 2024 година доброволно се откажа од руското државјанство.

„ДАУ“ е доста контроверзен монументален еп, проект за советските физичари кои работеле на изработката на атомската бомба. Во него се мешаат филмски фрагменти и уметнички инсталации, чие траење е дури 195 минути. Филмот му е посветен на физичарот, добитник на Нобелова награда, Лу Ландау, една верзија на американскиот Роберт Опенхајмер, кој живеел и работел во тоталитарниот Сталинов режим.
За жал, гледачот тешко може да се снајде во оваа, инаку визуелно многу импресивна сага. Режисерот Илја Кржановски во знак на протест против војната во Украина, наградата и ја посвети на Украина, каде што е родена и неговата мајка.

Во втората натпреварувачка програма „Хоризонти“ пријатно изненадување донесе филмот „На крајот на денот“ на веќе афирмираната српска режисерка, Јелена Максимовиќ, направен како копродукција помеѓу: Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија и Германија. „На крајот на денот“ е сага за двајца млади луѓе, учесници во студентските демонстрации, раскажана со модерен, на моменти и доста авангарден визуелен јазик, кои сакаат општествени промени, но се наоѓаат на спротивните страни на барикадите. Додека Лена е анархистички настроена студентка, Стефан е провладино ориентиран, но и покрај тоа тие се зближуваат.
Посебно импресивно делува завршната секвенца на филмот, кога наеднаш во полето покрај главните протагонисти, се појавуваат учесниците во демонстрациите, кои само поминуваат покрај нив и се искачуваат по стрмните падини на ридот. Се стекнува впечаток дека и самите не се доволно свесни за тоа каде одат, но со голема енергија одат и одат…

Посебна вредност во филмот е добрата глума на двајцата главни протагонисти, Лена Трифуновиќ и Андрија Кривокапиќ, како и експресивната фотографија на атмосферата со згуснат колор на Пол Спенгеман, и со адекватна усогласеност на сите елементи на филмот, благодарејќи секако на впечатливата режија на Јелена Максимовиќ.
Годинава на црвениот килим во Венеција, што секако е незаобиколен дел на сите големи фестивали, можеа да се видат: Хавиер Бардем, Пенелопе Круз, Роберт Патинсон, Сузан Сарандон, Алисија Викандер, Карол Буке, Лора Дерн, додека наградите за животно дело ги добија Елен Бернстин и Џорџ Клуни.
Награди на 83. Венециски фестивал
„Златен лав“ за данскиот „Непозната жена“ на Меј ел-Туки
„Сребрен лав“ за „Можна љубов“ на Ли Чанг-Донг, Јужна Кореја
„Сребрен лав“ за режија за рускиот „ДАУ“ на Илја Кржановски
„Копа волпи“ за главна женска улога за Матилда Арсел во „Непозната жена“
„Копа волпи“ за главна машка улога на Џон Малковиќ за „Див коњ девет“
Награда за сценарио за Стефан Бризе за францускиот „Добриот мал војник“
Специјална награда на жирито за „НАЗА“ на Јувал Абрахам и Рејчел Сор
„Марчело Мастројани“ за млада актерка на Малу Кебизи за „Место за исцелување“