„Изминативе десет години беа непрекината школа за истрајност. Од оваа гледна точка, сфаќам дека таа ‘силина на волјата’ не значеше само упорност да се опстане, туку одлука да не се изгуби смислата“. Неверојатна е зрелоста на овие млади вљубеници кои веќе десет години создаваат Филмски фестивал на кратки филмови во Струга, пркосејќи им на сите правила и стереотипи. Уште од почетокот „Дримшорт“ беше поинаков, донесе таква полетност, енергија, љубов и инспирација, кои не се изгубија со времето, напротив. Како што, впрочем, вели еден од основачите на фестивалот, Лидија Мојсовска, дека нивната доследност не беше инаетење, туку свест дека ако го изгубат тој микросвет, ќе го изгубат и самиот дух на „Дримшорт“
Разговара: Сунчица Уневска

ФИЛМ+: Кога ќе се навратам на овие десет години постоење на „Дримшорт“, се сеќавам дека тоа беа турбулентни години во текот на кои го сменивте годишното време, па местото на одржување, поддршка некогаш имаше повеќе, некогаш помалку, но секогаш инспирираше таа ваша љубов и ентузијазам што од првиот момент ги вложувавте во него. Уште во почетоците тоа беше исклучително мотивирачки фестивал, кој веднаш се наметна како поразличен, но навести и дека, иако зад него стојат млади луѓе, сепак, се чини дека точно знаат каде треба да одат. Паметам една твоја изјава која секогаш ме замислува: „Во сивилото е тешко, а во синилото треба силна волја за да се издржи“. Од оваа гледна точка, како гледаш на изминатиот период, колку волја требаше за да стигнете до еден ваков јубилеј?
Лидија Мојсовска: Изминативе десет години беа непрекината школа за истрајност. Од оваа гледна точка, сфаќам дека таа „силина на волјата“ не значеше само инаeт да се опстане, туку одлука да не се изгуби смислата. Кога почнувавме како млади ентузијасти, водени од чиста љубов кон филмот, можеби и не бевме целосно свесни колку препреки нè чекаат во поглед на логистичките предизвици, честите смени на локации, па сѐ до периоди кога поддршката беше минимална.

Но, за да се случи сето ова и за да стигнеме до овде, најзаслужен е тимот кој остана доследен на идејата од првиот ден. Ние, пред сè, сме пријатели, ние сме фамилија. А кога тој фамилијарен пристап и таквата блискост ќе ги внесеш во еден фестивал, тогаш успеваш да одгледаш и да израснеш „дете“. Секако дека финансиите се важни и неопходни, но љубовта кон „Дрим шорт“ кај сите нас е толку голема, што по секоја цена наоѓаме начин фестивалот да се случи. Токму таа енергија нè научи дека синилото е и одговорност да се зачува просторот за слобода, а овој јубилеј е само потврда дека сите сопнувања вредеа бидејќи нè изградија во ова што сме денес.

ФИЛМ+: Вие секогаш фестивалот го надградувавте, но она што е неверојатно, е дека успеавте низ годините да останете верни на себе и на својата првична идеја. Факт е дека и денеска правите „интимен, непретенциозен, скромен и искрен фестивал“, не потпаднавте под онаа заводлива идеја да се претворите во некаква гламурозна манифестација, иако остваривте соработка и донесовте многу значајни европски, па и светски имиња. Дали бевте во искушение, особено кога имавте важни гости, дека можеби нешто треба да се промени. Што беше она што ве тераше да останете доследни на себе?
Лидија Мојсовска: Искушението да се премине во нешто „поголемо“ или погламурозно секогаш постои кога фестивалот расте и кога доаѓаат познати светски имиња. Сепак, одговорот за ова го добиваме токму од сите тие големи имиња кои доаѓаат на фестивалот, бидејќи тие не бараа црвени килими, напротив, тие бараа простор за искрен разговор, непосредност и вистинска поврзаност со публиката. Таа интимна и скромна атмосфера, всушност, покажа дека уметноста најдобро дише кога е ослободена од суета. Доследноста не беше инаетење, туку свест дека доколку го изгубиме тој микросвет, ќе го изгубиме самиот дух на „Дрим шорт“.

ФИЛМ+: Како што во неколку наврати сум пишувала, вашиот фестивал, кој апсолутно го оправдува квалификативот – филмски фестивал, донесе полетност, енергија и свежина, но факт е дека и на многу поискусните им покажавте дека тоа што го работите е длабоко обмислено, зрело, внимателно планирано и секогаш актуелно, како во своите пораки, така и во своите избори. Од каде ги црпевте идеите, од каде тој стремеж и верба дека на таков начин можете да го пласирате тоа во што верувате, но и да комуницирате, како со филмаџиите, така и со публиката?
Лидија Мојсовска: Идеите ги црпиме од сè она што нè опкружува, од секојдневните процеси и од оние нешта со кои сме во постојан дијалог, и како најобични жители на оваа планета, и како граѓани на ова наше општество, но и како филмски автори и работници. Нема некоја голема тајна или формула, сè произлегува од рефлексијата на светот со кој секојдневно се соочуваме и од желбата да ги отвориме вистинските прашања.

Секогаш сме се труделе да учиме од поголемите и поискусните од нас, градејќи концепт кој е зрело обмислен, но лишен од непотребна формалност. Секогаш сме верувалe дека сè додека пристапот е искрен, длабок и непретенциозен, тој сам ќе си го најде патот и ќе допре, како до филмаџиите, така и до публиката. Луѓето го препознаваат тоа, бидејќи не им нудиме само програма, туку споделуваме вредности во кои вистински веруваме.
ФИЛМ+: Интересно е дека вашиот фестивал никогаш не беше составен само од филмски проекции, напротив, од почеток „Дримшорт“ беше многу повеќе од тоа, секогаш отворен за нови идеи и содржини, што го збогатуваат и му даваат поинаква аура. Во рамки на фестивалот имаше место за изложби, за промоции на книги, за своевидни оригинални рачни изработки, за организирање на еден извонреден „винил маркет“ наменет за вистинските колекционери, се разбира, покрај работилниците, мастеркласите и неизбежните дискусии. И тоа во само четири или пет дена. Како тоа ви успеваше?

Лидија Мојсовска: Како што реков, за да го правиш овој фестивал треба навистина да си вљубен во неговата идеја, а кога си вљубен сè оди многу полесно и без мака. Тој ентузијазам е погонот што ги движи сите тие четири или пет дена.
Идејата да вклучиме изложби, книги, винил маркет и работилници не потекнува од желба само технички да ја збогатиме програмата, туку од нашата примарна мисија – да ја раздвижиме и збогатиме целокупната културна понуда во градот, не само во насока на филмот, туку многу пошироко. Од почеток верувавме дека преку филмската уметност и преку таа енергија можеме да поттикнеме развој на целата локална културна сцена. Кога сите содржини произлегуваат од истата искрена идеја, тие не се оптоварување, туку природно се надополнуваат.
ФИЛМ+: Бев одушевена кога ја видов изложбата на фотографии „Убивање на културата“, која се осврнува на темата: „Соочување со минатото“, и зборува за загубените културни простори во поранешна Југославија, или кога присуствував на дискусијата: „Разоткривање на минатото низ филмот“, како една од темите што може да ја подигне свеста во заедницата... Сето тоа ми беше во склад со вашите преубави и содржајни пораки: „Кога реалниот свет е посуров од филмската фикција, бесконечноста е нашиот придонес кон слободата“, или кога велите: „Дали е варварски да се создава уметност во предвечерие на војна“, или „Убавината ќе го спаси светот“... Секогаш едноставно, ненаметливо, водејќи се од срцевината. Понекогаш се прашував дали е можно?

Лидија Мојсовска: Ме радува што тие сегменти оставиле толку силен впечаток, бидејќи за нас уметноста и фестивалот никогаш не биле замислени како декорација, туку како суштинска потреба. Прашањата за соочувањето со минатото, за загубените културни простори или за смислата на уметноста во тешки времиња, се прашања што нè засегаат сите нас, и како уметници и како луѓе кои живеат во контекстот на овие настани.
Можно е токму затоа што на тие тешки и длабоки теми никогаш не им пристапуваме од позиција на авторитет или со претенциозност, туку со искрен поттик да отвориме простор за размислување, емпатија и дијалог.
ФИЛМ+: Вашата мисија беше да го вратите киното во градот, да создадете подобро утре за културата во Струга, да бидете филмско јадро за промоција на младите македонски филмски автори, но и да помогнете во креирање на подобри услови во институциите на културата. Мотото беа рефлексиите на денешниот свет и филмските универзуми, додека ја повикувавте публиката храбро да зачекори во светот на филмското платно, зборувајќи за верба, копнеж, желба за промени, за боите кои ќе го разбијат сивилото. „Фестивалот ќе има иднина сѐ додека веруваме дека правиме нешто вредно“. Па има ли подобар доказ за тоа од оваа десетгодишнина?

Лидија Мојсовска: Има една изрека меѓу организаторите, дека десеттата година е пресудна, дури после неа се гледа вистинската истрајност, но и карактерот на публиката, што си успеал да ја изградиш низ сите тие години. Овој јубилеј е голем доказ, но зад него стои и една многу реална, човечка страна.
Ние уште од првиот ден искрено веруваме дека правиме нешто вредно за Струга, за младите автори и за нашата култура. Но, да бидеме целосно искрени, некогаш е премногу мачно да живееш и да туркаш работи само со таа верба и чиста волја. Ентузијазмот е силен погон, но тој бара и поддршка за да не согори. Сепак, кога ќе го видиме ,,киното“ (во случајов, Паркот на поезијата) полно, кога ќе ја видиме публиката што раснеше заедно со нас и рефлексиите на сите тие филмски светови на платното, сфаќаме дека целата мака не била залудна. Десетгодишнината ни потврдува дека направивме нешто што има длабок корен, но и нè потсетува дека за иднината треба уште поголема, системска грижа.

ФИЛМ+: Мило ми е што токму од овој јубилеј најважната филмска институција во земјава ви стана генерален покровител, зашто е многу важно квалитетот да се препознае и да се поддржи. Не дека без тоа нема да продолжите, тоа го покажавте и докажавте, но сметам дека е важно токму за нашата земја и за нашата култура да се препознае нешто што на тој начин придонесува и расте, па дури и се стреми да ја претвори Струга во препознатлив град на филмот. И тоа со кратката форма, која е скапоцена во откривање млади автори, но и доста потешка за промоција, со оглед на недостатокот на кинодистрибуција. Колку беше тешко да се поминат тие бариери?
Лидија Мојсовска: Беше исклучително тешко, најмногу затоа што краткиот филм кај нас сè уште се доживува како некаков преоден чекор или „вежба“ за долгометражен филм, а не како посебна, моќна и скапоцена уметничка форма. Недостатокот на кинодистрибуција за краток филм дополнително ја отежнува мисијата, требаше да изградиме навика кај публиката да дојде, да препознае и да го засака тој ритам, свежина и храброст, што ги носи кратката форма. И во тоа успеавме.

Годинава сме исклучително среќни што поддршката од Агенцијата за филм е најсилна досега. Посебно ме радува што на позициите каде што се одлучува денеска има млади луѓе, колеги со кои практично заедно созреавме во оваа професија, луѓе со кои се разбираме и споделуваме иста визија. Кога на такви места има професионалци со искрена желба да ги придвижат работите напред, со чиста мисла и јасна стратегија, промените почнуваат да се случуваат. Токму затоа сметам дека и нашиот фестивал сè повеќе ја добива соодветната валоризација, не само за да ни даде поттик, туку како потврда дека кратката форма заслужува сериозен третман, а Струга има реален капацитет да биде препознатлив филмски центар.
ФИЛМ+: „Капка по капка – Езеро“, „Секој бран не научи подобро да пловиме, секоја капка ни даде надеж и го зголеми езерото. Годинава ги славиме сите капки кои паднале во ова наше езеро, бидејќи ниедна приказна не е создадена сама“. Вака отприлика гласи годинешното мото, кое ми се чини совршено ја заокружи десетгодишнината.

Едноставно и вистинито, славејќи го заедништвото. Вие „секоја година ја бојадисувате стварноста со малку убавина“, но на ист начин и таа го бои вашиот сон, вашиот копнеж. „Дримшорт“ е фестивал на нови автори и идеи, но и фестивал кој секогаш со својата имагинација ни дава нешто да понесеме! Тоа е вашето обележје, но и вашата и наша приказна! Како за крај – ги оправда ли 10-годишнината вашите очекувања?
Лидија Мојсовска: Ги надмина, но на поинаков начин од оној што го замислувавме на самиот почеток. Кога ги собиравме сите тие капки низ годините, сфативме дека не сме создале само фестивал, туку еден зачуван микроуниверзум на слобода, љубов и заедништво. Секој бран што нè удираше нè правеше посилни, а секој човек што стана дел од овој сон, остави своја трага. „Дримшорт“ денеска е слика на сите луѓе што веруваа во него. И кога ќе погледнам зад себе, гледам дека тоа мало капнување од година в година успеа да се претвори во езеро, кое бојадисува со убавина. Тоа е нашата најголема победа и мотив за сите капки што капнале, но и допрва ќе капнат.
