Годинешниот филмски фестивал (12 до 23 мај), кој дефинитивно, е најголемата смотра на седмата уметност во светот, повторно помина во знакот на добрите филмови со длабоки и значајни теми, кои не само што не ги оставаат рамнодушни гледачите, туку продолжуваат да траат долго во нивното сеќавање
Наш специјален известувач
Душко Димитровски

Седумдесет и деветиот, претјубилеен, Кански филмски фестивал, како што и му прилега, со оглед на осумдецениското постоење, го одбележаа повеќе одличните филмови на некои од најголемите светски филмски автори отколку незаобиколниот гламур на црвениот килим.
Имено, станува збор за филмови што ги снимија токму „старите“ познаници на Кан, фестивалот каде што се наградувани со највисоките признанија за нивните претходни остварувања. Меѓу нив, секако, е „Татковина“ на полскиот режисер, Павел Павликовски, потоа „Фјорд“ на едно од најсилните романски авторски имиња, Кристијан Мунгиу, па германско-францускиот „Нежното чудовиште“ на Мари Кројцер или германскиот „Секогаш“ на Сандра Волнер.
Најголемо изненадување, по моето, како и мислењето на многумина на фестивалот, беше доделувањето на „Златната палма“ на филмот „Фјорд“ на Кристијан Мунгиу, направен и снимен во Норвешка. Треба да се нагласи, дека и покрај своите очигледни вредности, неговиот филм, сепак, не може да се нарече комплетно уметничко остварување, како што е „Татковина“, на пример, на Павел Павликовски. „Татковина“ според бројните филмски критичари (меѓу кои е и авторот на текстот), важеше за најголемиот фаворит за годинешната „Златна палма“. Во анкетата на реномираното филмско списание „Скрин интернешенел“, која традиционално се спроведува меѓу еминентните светски филмски критичари, акредитирани на фестивалот, „Татковина“ водеше за цело време со најголем број бодови.

Овој полски синеаст, исклучително меѓународно етаблиран (доволно е само да ги споменеме „Студената војна“, „Ида“), во својот нов филм, „Татковина“, ја претставува турбулентната, драматична ситуација во повоена Германија. Во 1949 година за првпат, откако ќе ја напушти Германија бегајќи пред нацистите и ќе замине во САД, познатиот добитник на Нобеловата награда за книжевност, Томас Ман, се враќа во татковината заедно со својата ќерка Ерика, затекнувајќи ја во страшни урнатини.
Како вистински антифашист, Томас Ман е среќен затоа што Германија, иако со големи загуби, сепак, успеа да се ослободи од оковите на нацизмот, но истовремено е и тажен поради исклучително тешката општествена ситуација во која ја наоѓа. Филмот „Татковина“, кој ја доби „Златната палма“ за режија, снимен е многу впечатливо во црно-бела техника, вметнувајќи и архивски снимки односно автентичен документарен материјал. Со минималистичка режија и со фасцинантните улоги на Ханс Зихлер како Томас Ман и Сандра Хелер како Ерика, тоа е филм кој силно се втиснува во сеќавањето на гледачите и по завршувањето на проекцијата…

Еден од најдобрите современи романски режисери, Кристијан Мунгиу („4 месеци, три недели и 2 дена“, „Матура“), во филмот „Фјорд“ прикажува современа општествена драма во амбиентот на норвешкото студено окружение, во кое едно семејство на романски доселеници се соочува со големи проблеми поради традиционалниот начин на воспитување на децата, непримерен за либералниот систем на Норвешка. Режисерот интензивно, но на моменти и со одвишна реторика, ја ткае сагата за проблемот на ускладување на различните менталитети.
Треба да се нагласи дека на годинешниот фестивал не беа во малцинство ниту жените-режисери, а меѓу нив по својот квалитет се издвоија филмовите: „Нежното чудовиште“ на Мари Кројцер и „Секогаш“ на Сандра Волнер.

Филмот на Мари Кројцер зборува за едно современо, на прв поглед, среќно австриско семејство, во кое наеднаш ќе се разоткрие една долго криена, многу непријатна тајна. Имено, таткото заработува пари на тој начин што репродуцира и дистрибуира снимки на детска порнографија. Кога за тоа ќе дознае, неговата сопруга ќе доживее нервен слом, што режисерката успева неверојатно исцелувачки и ефектно да го долови и визуелизира.
Додека филмот „Секогаш“ (прикажан во програмата „Извесен поглед“) е психолошка драма за една мајка која ќе ја загуби ќерката во несреќен случај. Режисерката Волнер прави еден неверојатно сочувствителен филм, приоѓајќи со големо разбирање кон таа страшна драма на мајката, која ја исправа пред толку предизвици…
Годинава во Кан немаше воопшто холивудски хитови, па со самото тоа, ниту ѕвезди кои би шетале по црвениот килим, иако можеа да се видат: Кејт Бланшет, Кетрин Денев, Хавиер Бардем и Пенелопе Круз, Деми Мур, Сандра Хелер, Тилда Свинтон.

И, на крајот, да кажеме дека многу пооправдани беа специјалните „Златни палми“, што годинава им припаднаа на австралискиот маѓепсник Питер Џексон, кој ја направи незаборавната трилогија, „Господарот на прстените“ и на американската актерска и музичка легенда, Барбара Стрејсенд.