Кон „Срам и пари“: режија: Висар Морина, сценарио: Висар Морина и Дорунтина Баша, улоги: Астрит Кабаши, Флоња Кодели, Тристан Халилај, Албан Укај, Кумрије Хоџа, Фиона Главица, а се појавуваат и македонските актери: Теута Ајдини и Рефет Абази, фотографија: Јанис Мазух, музика: Марио Батковиќ, монтажа: Џоел Алексис, копродуценти: Германија, Косово, Албанија, Словенија и Македонија, 2026
Пишува: Сунчица Уневска

Косовскиот режисер, Висар Морина, кој живее и работи во Германија, продолжува да ја одушевува светската публика со своите „едноставни“ приказни кои зборуваат за неговата култура, за обичниот живот на луѓето, за секојдневието кое, колку и да изгледа различно, во суштина ги носи истите дилеми и болки, истите прашања, истиот судир со светот кој навидум е поинаков надвор и дома. Умее Морина овие „локални“ приказни толку добро да ги соголи, да проговори за нив на начин во кој секој може да се препознае, па дури во нив да ја открие и есенцијата на нештата. Бидејќи, колку и да се земјите поинакви, каква и да е класната поделеност или правилата на игра, на крајот сѐ се преклопува во обидот на човекот да го најде своето вистинско место, она место на кое му припаѓа без оглед дали е свесен за тоа или не.

„Срам и пари“ е неговиот нов филм, со кој веќе триумфираше на „Санденс“, а кој беше прикажан и на фестивалот во Карлови Вари, каде што интересот беше огромен и за проекциите се бараше карта повеќе. Веќе самиот наслов ја открива темата, онаа универзална тема која зборува за толку различни апекти, и кога се работи за општествениот систем, а уште повеќе кога се работи за човекот. Таа носи толку предизвици кои можат да создадат рај или пекол, но не зборувајќи тука за фактичката состојба, туку за односот на човекот кога ќе се соочи со некои правила што се однапред дадени, со некои однесувања што го сведуваат животот на шаблон и рутина, заборавајќи дека има живот и некаде помеѓу.
Приказната за Шабан (Астрит Кабаши) и Хатиџе (Флоња Кодели), на која се фокусира Морина, е приказна низ чие огледало се прекршува светот во кој живееме, неправдите и небулозите, апсурдноста и бесмисленоста, како последица на еден систем кој во суштина не функционира. Систем кој е полн со корупција, чии правила често се извртени и злоупотребени, бескрупулозно претворени во алатка за моќ.

Но, Морина, и покрај критичноста која се провлекува низ филмот, не се осврнува на причините или на системот, туку многу повеќе на последиците. Тој го гради својот филм како еден вид интимна студија за луѓето кои се обидуваат да преживеат во неговите пукнатини.
Како жители кои доаѓаат од руралниот дел на Косово и кои се навикнати на секојдневна напорна работа за да го прехранат своето семејство, Шабан и Хатиџе наеднаш ќе се најдат во вителот на непознатото, во амбисот на едно гнило општество во кое се чини дека нормите ги „испишуваат“ луѓе кои немаат скрупули, кои немаат никаков морал, освен интереси. Филмот е исклучително силен, бидејќи не се труди да зборува за доброто или праведното, тој не се труди да дефинира или да заземе страна, ниту пак да понуди едноставни одговори, туку само нѐ соочува со тие бесмислени, нејасни ситуации ставајќи ги едни наспроти други, со чистата и искрена намера на оние што само сакаат чесно да заработат и достоинствено да живеат.

Но, низ својата приказна Морина како да покажува дека тоа е невозможно, особено не кога зависите од луѓе со искривени стандарди и од свет во кој не постојат правила и граници, или можеби постојат, но одамна ја изгубиле својата смисла и повеќе се предмет за потсмев отколку за почитување на било каков квалитет. Неговите главни протагонисти, пак, се олицетворение на искреност, пристојност, грижливост и љубов, на оние човечки вредности за кои постојано зборуваме, а кои сѐ потешко ги препознаваме во реалноста. Меѓутоа, во денешниот свет, се чини, дека нивните очекувања можат да бидат извор само на уште поголема трагедија, особено кога ќе се соочат со постапки кои се против здравиот разум, со реалност за која до вчера не ни биле свесни и која нималку не ја разбираат.

Зошто би било срамота чесно да работите за да му овозможите на своето семејство нормален живот. Зошто би сакале некој нешто да ви подари кога за тоа немате потреба, освен за тој да се чувствува подобро и да ја негува лажната слика за својата успешност. Како е можно вашата вредна работа да го уништи нивниот углед пред соседите. Наеднаш станува срамна и неможноста да се има дете. Зошто и кому му е потребна таква пресија за животот да има смисла, зошто сликата треба да биде совршена за да можете и самите да верувате во неа.
Кога вака ќе ги поставите овие прашања, се гледа целата нивна небулозност. Зошто воопшто зборуваме за тоа, впрочем нивната сила е можеби дотолку поголема додека не се изговорени. Морина некако наоѓа совршен начин низ паралелата, па дури одејќи во некои можеби и пренагласени крајности, да проговори за тој тотално превртен свет наопаку во кој живееме. Од друга страна, како своевиден контрапункт, тој успева да проговори и за традицијата, за големината на респектот во семејството, за односот кон некои симболични нешта, како што е лирата која на толку извонреден начин зборува за корените, за значењето на семејството, за потомството, за тие неверојатни врски што ни ја даваат припадноста, стабилноста. Нешто што сѐ повеќе го забораваме.

Но, што значи тоа, што значи лирата со целата своја симболика во овој денешен „прогресивен“ свет. За многумина, очигледно, ништо. Таа се претвора во извор на пари, поништувајќи го без двоумење значењето, смислата, наивниот обид на Шабан да ја поврати, да објасни… Неверојатен е тој судир и разговор помеѓу Шабан и станодавецот кога се работи за закупот. Работите се изменети, нели, но колку сето тоа можеме да го наречеме напредок е сосема друго прашање.
Висар Морина, кој го прави филмот според своето лично искуство додека како дете растел и живеел во таа рурална средина од која доаѓаат Шабан и Хатиџе, многу добро знае за што зборува, а знае и како, без нималку носталгија или романтизирање. Напротив. Тој вели дека трагедијата е уште поголема кога се судирате со празнина, со нешто што е надвор од логиката, кога, додека се борите за својот опстанок, наеднаш се исправате пред толку „важниот“ проблем на статусот, статусот кои вашите роднини го имаат изградено пред соседите (или пред себе) и не сакаат да се срамат. Да се рамат од што? Тогаш сфаќате дека проблемот не е во судирот, не е проблемот во нечиј друг став или стил на живеење, проблем е кога тоа го нема, проблем е кога се судирате со нешто етерично, со нешто што во себе не носи ни разум, ни смисла, а уште помалку вредност или критериум.

Затоа Шабан ќе се најде во толку непријатни ситуации, бидејќи неговото достоинство нема цена, а на него се повеќе атакуваат луѓе кои немаат „лоши намери“, они сакаат само да ви помогнат, за вие во нивната фантазија да не им одмогнете или да ви дадат дури и повеќе затоа што сте толку „добар дечко“.
Навистина се извонредни пораките што низ оваа приказна се така скромно, па сепак, исклучително силно проткаени. Има тука финеси што одушевуваат, кои на сосем едноставен начин зборуваат за тоа што може ненамерното насилство да направи. До што може да доведе. И колку тоа е присутно, видливо или не, во самото секојдневие во еден ваков изопачен и апсурден свет, во кој животот, и покрај сѐ, си продолжува.
Тука е и онаа свадба на улицата како контрапункт, тука е онаа толку добро избрана музика на почетокот и на крајот, во која се крие таква болка, таков емотивен набој и толку длабока наративност, тука е оној интензитет што Морина го постигнува и во другите филмови додека со камерата визуелно го доловува внатрешниот свет на своите протагонисти. Умее тој да му даде таков ритам на филмот, на настаните, на луѓето, на нивниот немир, на чувствата, на нелогичностите кои умеат силно да вознемират. Но, на крајот, и покрај кулминацијата, повторно да ве врати во реалноста, на самиот почеток и да ве натера да се запрашате за тоа, каде е стварноста, каде е денешнината и каде сте вие во неа. Ако тие финеси воопшто и ве допреле, ако не, не е ни важно, нели!
Реалноста има толку лица, сѐ зависи каков избор ќе направите, да ја прифатите или не, да ја разберете или не, да се помирите или не, да заминете или не, да станете дел од неа или да се спротивставите? Но, тогаш навистина ќе треба да знаете на што!?