Карлови Вари: Жилиет Бинош го означи крајот на 60. чешки филмски фестивал

post-count icon
07.13.26

Двојната јубилејна година на фестивалот донесе едно навистина поинспиративно издание, на кое беа продадени речиси 133 илјади билети, а прикажани вкупно 179 филма. * Атмосферата во Карлови Вари беше неверојатна, од утро до полноќ, а на почетокот ја одбележа сигурно единственото шоу со дронови, кое беше посветено на љубовта, на пријателството, на убавината, на ѕвездите, на симболичните знаци испишани на небото… * Бројката на новинари стигна до 600, а годинава дури седум исклучителни филмски актери и автори ги добија почесните награди

Специјално од Карлови Вари

Сунчица Уневска

Заврши 60. Филмски фестивал во Карлови Вари, на изненадување на многумина, доста шаренолико во секој поглед, а особено кога станува збор за наградите. Што можеби и не е чудно ако знаеме дека фестивалот за овој свој двоен јубилеј, 80 години постоење и 60 години одржување, некако се потруди да направи многу, да донесе многу, да прикаже голем број филмови и да награди бројни автори и на крајот да опфати сѐ можно, така што работите се завршија како што („некако органски и природно“) и се очекуваше, за секого по нешто. На тој начин, чудните одлуки уште во старт се оправдани, па останува така да го прифатиме и крајот, чуден, преполн со настани, необичен и секако, недоволно дефиниран, особено ако се земе предвид дека и самите жирија беа толку некомпатибилни. Но, како и да е, фестивалот заврши со доста силна статистика, бидејќи Карлови Вари, сепак, е фестивал со голема традиција и со такво изградено милје во кое може да се смести сѐ и пак да функционира.

А, така и беше. Сепак, да не заборавиме дека сите филмови во главната програма беа светски премиери, што е навистина голема работа, а и што секако го оправдува неговата долгогодишна А категорија.

Но, да тргнеме со редот, односно со крајот. „Кристалниот глобус“ односно Гран-прито на фестивалот, кој носи и 25 илјади долари за првпат му припадна на Мјанмар, за филмот „Собирање плодови“ на Аунг Пое, додека Специјалната награда на жирито, која носи и 15 илјади долари отиде кај данскиот филм „Гостин“ на Медс Менгел, кој ја понесе и Наградата за најдобра режија.

„Моите продуценти поминаа низ многу тешкотии“, зборуваше искрено младиот Аунг Пое. „Не знам ни самиот зошто веруваа во мене, бидејќи јас не верувам во себе. Сакам филмот да биде атмосферичен, а наедно и многу воздржан, зашто тоа е светот кој го познавам. Се обидуваме да создадеме свој национален јазик, но многу заостануваме, поддршка немаме и многу е тешко во нашата земја да се снимаат филмови“, додаде Пое.

Но, успева Пое да ја долови атмосферата, а исто така и да раскажува низ очите на ликовите, бидејќи станува збор навистина за голема фантазија и силни чувства. Неговиот филм ме потсети помалку на идејата на одличниот филм „Белешки за еден скандал“, бидејќи неговата преубава и многу впечатлива млада актерка, Нандар Миат Аунг, живее слично во својот свет на фантазии, каде што верува и е убедена дека знае што сака и дека е на добар пат нејзините соништа, за љубовта кон колешката, да ги оствари. Но, кога нема да излезе така, таа е подготвена на сѐ, додека да дојде мигот кога ќе го најде другиот објект на нејзината фантазија.

За филмот жирито ќе рече дека „Собирање плодови“ почнува како буен и медитативен портрет во однос на работата во текстилната фабрика и пријателството кое ги поврзува двете девојки, пред неочекувано и органски да се трансформира во потресна драма на опсесија и хомосексуалност, особено што се работи за земја каде што тоа е општествено неприфатливо.

Данскиот, пак, „Гостин“ е неверојатно силна и екстремна драма за мајчинството и за семејството, воопшто, која кулминира во моментот на крштавање на бебето на младата двојка, кога на свеченоста неочекувано се појавува мајката на младоженецот, која има ментални проблеми и која не може да поднесе што од овој толку важен чин е исклучена. Трине Дурхолм е фантастична како и секогаш, и голема штета е што не ја доби наградата за најдобра улога. Филмот е одлично направен и не е чудо што Наградата за режија му припадна токму на Менгел.

„Она што ме фасцинираше, зборуваше тој, е истражувањето за тоа како се менува нашиот однос кон родителите додека старееме, а особено во моментот кога создаваме свое семејство. Ме интересираше тој момент кога сигурноста почнува да пука и кога луѓето кои толку долго сме ги осудувале сега наеднаш нѐ тераат да се соочиме со некои свои предрасуди.“ Менгел е неверојатен во одењето до крајности, и воопшто не се воздржува да зборува најотворено и тие испади да ги прикаже онакви какви што сѐ, без никакво разубавување.

Сосем изненадувачко беше објаснувањето на жирито, чии пет членови (од Америка, Малезија, Норвешка, Русија и Чешка), вклучувајќи ги и нивните специјалности, и не можеа да бидат поразлични меѓу себе во однос на сѐ, кога меѓудругото за филмот рекоа дека е смешен, па без оглед дали мислеа на вознемиреност, на извртеност, на грчевитост, сепак, филмот може да биде сѐ, само никако не смешен. Тоа е една толку болна и непријатна драма за односот меѓу родителите и децата, за недоразбирањето и бариерите за кои често не сме свесни, а особено кога за нив имаме предрасуди кога се во прашање одредени здравствени состојби.

Како и да е, Наградата за главна женска улога отиде кај Ана Шинц за филмот насловен иронично, „Среќна фамилија“ на Жан -Ерик Мак. Тоа е швајцарска драма за очајничката борба на една самохрана мајка да биде блиску до своите деца по секоја цена, без оглед на крајностите до кои е доведена. Младата Ана Шинц е добра, но улогите меѓу неа и Дурхолм се неспоредливи. Додека Наградата за најдобра машка улога отиде кај Гасан Сад за либанскиот филм „Цевки“ на режисерот Карим Касем, кој е познат и како директор на фотографија. Станува збор за една топла приказна за пријателството и за љубовта на Хасан кон неговата работа и желбата да им помогне на луѓето во селото, каде што една исчезната водоводна цевка предизвикува хаос. „Сад ја добива наградата бидејќи во потполност ја отелотворува улогата на еден долгогодишен селски водоинсталатер кој секој неуспех го дочекува со неверојатна топлина и груб, но добар хумор“, ќе напише жирито во своето образложение.

Втората натпреварувачка програма на фестивалот, „Проксима“, донесе исто така 12 нови филмски остварувања.  Главната награда Гран-прито го освои словачко-чешкиот филм, „Љубовник, не борец“, поточно дебито на младата Мартина Бушелова, која се навраќа на светот на тинејџерите. Како што пишува во објаснувањето, ова не е само филм за љубовта, туку прослава на филмската слобода на Бушелова, која успева да внесе хумор и инвентивност во својот пристап и во самата приказна.

Додека Специјалната награда овој пат отиде во Јапонија, за необичната, но многу симболична приказна „Спалување“ на Шунтаро Ушида. Авторот прави, всушност, една поетска приказна врз основа на кратката сторија на јапонската писателка Каори Екуни (за која велат дека е „женскиот Мураками“), за едно девојче кое поради бунтовност ги пали работите, за потоа преку претставата на сенките да се соочи со реалноста и вистинскиот свет полн со предизвици.

Жирито за програмата „Проксима“ ќе рече дека најдобрите филмови во годинешната селекција беа оние кои не гледаа на иновативното како начин да се постигне грандиозност, туку како внимателно набљудување на секојдневието и на односите што ја сочинуваат суштината на нашите животи, па сепак, често му избегнуваат на нашето внимание.

Нестатутарни награди имаше повеќе, но овде само уште ќе ги кажеме наградите кои ги додели Меѓународното здружение на критичари „Фипресци“, при што во главната програма беше награден словачкиот филм „Само убави работи за гледање“ на Иван Остроховски, филм за важна тема, кога во 1980-тите Ромките во Чехословачка биле принудно стерилизирани, но доста (според мене) слабо направен, а во програмата „Проксима“ беше награден хрватскиот „Ситни крадци“ на Мате Угрин, кој со право предизвика големо внимание.

Годинава, како што веќе рековме имаше навистина многу добитници на почесните награди. Ако на почетокот тоа беа: Дастин Хофман, Џеси Ајсенберг и Меги Гиленхал, во текот на фестивалот „Кристалниот глобус“ за исклучителен придонес го доби еден од најголемите светски сниматели, Роберт Ричардсон од САД, за кого е доволно да ги споменеме филмовите, како „Вод“, „Роден на 4 јули“, „Немилосрдни гадови“, „Беше еднаш во Холивуд“, „Авијатичар“, кој има освоено три „оскари“ и за кого беше прикажан и документарниот филм на Јана Хојдова. Додека, на самиот крај, Жилиет Бинош го доби „Кристалниот глобус“ (и тоа од рацете на Аунг Пое) за нејзиниот исклучителен придонес кон светската уметност, а Џефри Рајт („Баскијат“) и Магда Вашарова, словачка актерка и дипломат, ги добија Претседателските награди.

При примањето на наградата Жилиет Бинош зборуваше за земјите и уметниците кои „не можат да се изразат“. „Размислувам, рече таа, за Палестина, Либан, Украина, размислувам дека ни требаат уметници кои ќе раскажуваат приказни, кои ќе ја зборуваат вистината. Страста е, всушност, суштината на она што го работиме. Животот поминува брзо, затоа да дадеме од себе колку што можеме повеќе. Мораме да се обединиме.“

Фестивалот се затвори со американскиот филм „Единствениот жив џепчија во Њујорк“ на Ноа Сеган, кој пристигна на фестивалот и ги изненади посетителите во Малата сала во хотелот „Термал“, каде што по проекцијата разговараше со присутните. Во филмот главната улога ја игра Џон Туртуро, а Сеган беше толку скромен велејќи дека филмот е брилијантен, но „вие тука на фестивалот сигурно сте виделе многу брилијантни филмови, па се надевам дека нема да ве разочарам“. Ноќ за паметење.

Инаку, фестивалот под насловот „Шари Вари“ продолжува во Прага и во Брно.