Многу пофални зборови за фестивалот, и со право, тоа е место на слобода, место на поврзување, место на љубов, вдахновеност и поддршка. Така рекоа годинешните холивудски ѕвезди, кои се далеку од оние умислени ѕвезди кои повеќе гледаат горе отколку долу… Беше навистина многу инспиративно да се слушаат: Дастин Хофман, Меги Гиленхал и Харви Кајтел, бидејќи нивниот поим за ѕвезда, значи љубов, задоволство, благодарност и понизност. Бидејќи, вредноста и големината одат заедно, не обратно
Специјално од Карлови Вари
Сунчица Уневска
Дастин Хофман, Меги Гиленхал и Харви Кајтел ја одбележаа ноќта на отворањето на специјалното издание на годинешниот Филмски Фестивал во Карлови Вари, Чешка, кој е единствен што слави два јубилеја, 80 години од постоењето и 60 години од одржувањето.

За оваа дискрепанца веќе зборувавме, овде само ќе кажеме дека тој повод беше силен мотив за организаторите да подготват навистина величествена програма, па сепак, она што остави најсилен впечаток беа токму холивудските ѕвезди. Но, не поради нивниот ѕвезден статус, не поради гламурот или славата, напротив, поради нивната едноставност, поради нивните емоции и возбуда, па дури и понизност со која зборуваа за задоволството што имаат можност да ги добијат овие признанија токму на овој фестивал.
Дастин Хофман кој беше и главниот добитник оваа ѕвездена ноќ, кога му беше врачен „Кристалниот глобус“ за неговиот придонес кон светската кинематографија, по гледањето на видеото со исечоците од неговите бројни исклучителни улоги, со големи емоции и растрепереност рече дека се чувствува многу среќен што вечерва е во можност на овој начин да го гледа своето животно дело на екранот. „Се чувствувам почестено, но и понизно поради оваа награда. Во филмот се вљубив бидејќи се чувствував изгубено во времето и некако инстинктивно тогаш сфатив дека тоа е начинот на кој сакам да живеам.

Сакав да бидам апсорбиран од времето, тоа ги дефинираше работите и правеше да се чувствувам жив“, изјави Дастин Хофман по гледањето на: „Тутси“, „Крамер против Крамер“, „Дождовниот човек“, „Полноќен каубој“, „Сите луѓе на претседателот“, „Маратонец“… „Гледајќи го сето ова на екранот денеска на моите 88 години се чувствувам многу ранливо, се чувствувам носталгично, но пред се благодарно, што имав можност да го работам тоа што го сакам со брилијантни луѓе, кои беа подеднакво вљубени во филмот“.
Тој се присети и на работата со Роберт Редфорд во филмот на Ален Пакула, „Сите луѓе на претседателот“, цитирајќи ги зборовите на Редфорд, кој рекол дека додека ги снимаш филмовите никогаш не размислуваш за својот опус, затоа што си зафатен токму градејќи го своето творештво. „И навистина, рече Хофман, задоволство е да ја работите оваа работа, да сте преокупирани со неа и да го изгубите поимот за времето.“

Инаку, Дастин Хофман се осврна и на филмот „Дипломец“ од 1967 година, кој беше прикажан во негова чест. И, секако, како прав Американец не ја заборави и политиката. „Америка е денеска поделена како во времето на Виетнамската војна. Иако, всушност, книгата е напишана пред Виетнамската војна, сепак е исто, Америка и денеска е поделена како и тогаш.“ И редно е да завршиме со неговата изјава за фестивалот во Карлови Вари, за кој имаше само пофални зборови, велејќи дека фестивалот е инспирација и поддршка за сите филмаџии и за актерите во светот, дека тој ја негува љубовта кон снимањето филмови и вистински се грижи за оваа уметничка форма. Хофман доби огромен аплауз од преполната сала во хотелот „Термал“.

Меги Гиленхал, американската продуцентка, режисерка и актерка, беше исто така наградена на отворањето, но со т.н. Претседателска награда, која се доделува уште од времето на легендарниот Јиржи Бартошка, кој почина лани и на кој организаторите вечерта му посветија посебен дел. Меги Гиленхал пристигна во друштво на својот познат сопруг, Питер Скарсгард, а публиката ја одушеви токму со своето страствено зборување за периодот на учење во Прага, кога дошла со размена како студент на „Колумбија“, истакнувајќи дека искуството во Прага, всушност, ја поттикнало и обликувало да стане она што е денес.

Пресудно влијание во тоа време на неа имале филмовите на Милош Форман, а особено неговиот филм од 1965 „Љубовите на една русокоса“, за животот на една девојка која работи во фабрика во времето на Чехословачка и очајно е во потрага по љубов. „Тогаш нешто се случи во мене, го обожавав тој филм, почнав да зборувам дека тоа сум јас, тоа е мојот стил. Го сакам Тарантино, ја сакам и Џејн Кемпион, а го сакам и ’Виолинистот на покривот’, ги сакам дури и опскурните филмови на Форман. Но, тогаш сфатив дека тоа сум јас, дека тоа е она што го сакам. И тоа беше пресудно за да станам режисер, да го изразам својот поглед на свет, колку и да е чуден и предизвикувачки, колку и да е различен.“
Таа беше одушевена од спектакуларната музичка прослава на историјата на фестивалот, што ја подготвија организаторите. Инаку, ова не е прва награда за Гиленхал на фестивалот, во 2006 година ја освојува наградата за најдобра актерка во филмот на Лори Колиер „Шерибејби“, но не можела да дојде и да ја прими. На фестивалот пристигна со својот нов филм, насловен „Невеста“.

Но, ако Дастин Хофман и Меги Гиленхал беа најавени, Харви Кајтел, иако се очекуваше, сепак, неговото појавување на отворањето беше изненадување за многумина. Инаку, Харви Кајтел доаѓа во Карлови Вари трет пат. Последниот пат беше пред 11 години. Оваа година треба да го претстави култниот филм „Валкани улици“ од 1973, кој го снимаше заедно со Мартин Скорсезе, со кого пред цели 6 децении и ја започна својата кариера.
И тој, некако како договорено (шегата на страна) изјави дека имал среќа да работи со луѓе кои му помогнале да открие кој е тој всушност. „Имав голема среќа што во животот запознав толку сјајни талентирани луѓе кои ме инспирираа. Среќен сум што ми помагаат и денес во овие ужасни времиња да се снајдам, луѓе како вас на овој фестивал, кои сакаат да најдат мир и љубов во ова преубаво окружение.“

На фестивалот беше промовирано и видеото со познати актери, видеа поврзани со наградата „Кристален глобус“ и самиот фестивал, во кој настапуваат големите актери, а се работи за доста штосни кратки настани, направени со многу љубов и хумор. Тие се обележје и традиција на овој фестивал и со години се прераскажуваат, бидејќи стварно се многу забавни и досетливи. Во новиот спот е шведскиот актер Стелан Скарсгард, кој овој пат „глобусот“ ќе го употреби како замена за котва во водата, каде што отишол на рибарење.

Отворањето беше единствено, со концертот Vary Special Show, посебна музичка програма која ја подготви ди-џејот и продуцент NobodyListen, а на која настапија водечките музичари од чешката сцена, при што беше направена една извонредна мешавина од електроника, рап и алтернативната сцена со изразити поп и вокални изведби. На крајот, за разлика од порано, немаше огномет, туку шоу со дронови.
Атмосферата во Карлови Вари годинава е неверојатна. И порано го краселе тие „орди“ млади луѓе, тие лежења по ходници, опседнување на киносалите, но и на сите концерти и музички настани, но годинава има толку многу народ, што едноставно е невозможно да се разминете.

Фасцинантна е живоста, оригиналноста и откаченоста, каква е само тоа посветеност, како на организаторите, така и на посетителите. Заедно со целата бајковидна „филмска“ сцена на самиот град, ова е случување кое е невозможно да се доживее на друго место. Навистина е привилегија да сте тука.
На крајот ќе го цитираме извршниот директор Криштоф Муча, кој рече: „Ви благодарам на сите што сте тука. Филмскиот фестивал во Карлови Вари отсекогаш бил место на слобода, па да уживаме во таа слобода во следните десетина дена“.