СИЛЈАН: Македонија за првпат на ЕМИ наградите

post-count icon
09.07.26

Тамара Котевска со својата „Приказна за Силјан“ изминатиот викенд се најде меѓу врвните американски продукции во трка за наградите „Еми“ во Лос Анџелес, кои се пандан на „Оскарите“ во филмот и на „Греми“ наградите во музиката. Овој, инаку трет долгометражен филм на Котевска, својата светска премиера ја имаше во Венеција, за потоа неговите права за прикажување да ги откупи National Geographic и да успее да привлече уште многу реномирани соработници. Документарецот „Силјан“ од македонските села и пејзажи, потпирајќи се на македонскиот фолклор, успеа да донесе еден локален, но и универзален „кинематографски дијамант“, како што го нарече англискиот дистрибутерски гигант, „Догвуф“

Пишува: Сунчица Уневска

Документарниот филм „Приказната за Силјан“ односно неговата екипа, предводена од нашата режисерка Тамара Котевска, на 5 и 6 септември беше дел од годинешното 78. доделување на наградите „Еми“, кои се сметаат за најпрестижни американски и светски награди во телевизиската индустрија. Се работи за креативните уметнички награди, награди кои се однесуваат на техничките и гостински категории, додека главната церемонија за доделување на Primetime Emmy ќе се одржи на 14 септември.

„Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм кој, воопшто, добил номинација за овие реномирани награди, што секако му дава историско значење, уште повеќе што се работи, не за една, туку за две номинации. Првата номинација е во категоријата за „Исклучителни заслуги во документарниот филм“, а втората за „Извонредна фотографија во документарната програма“.

Познато е дека наградите „Еми“ се сметаат за пандан на „Оскарите“ во филмот и на наградите „Греми“ во музиката, така што конкуренцијата беше доста голема, особено што се работи и за голем број награди во различни категории, претежно резервирани за американската продукција. Македонскиот филм „Силјан“ беше само еден од двата филма во категоријата за „Исклучителни заслуги во документарниот филм“, чија награда сепак и припадна на американската криминална документарна драма на Ким Снајдер, „Библиотекари“. Додека во категоријата „Извонредна фотографија во документарната програма“ во трка беа пет филма заедно со „Силјан“, а наградата ја доби еден од фаворитите со 6 номинации, „Океан со Дејвид Атенбороу“.

Во двете категории, како што се вели во соопштението, „Приказната за Силјан“ се најде во директна конкуренција со американските продукции. „Токму затоа, овој успех има уште поголема тежина со фактот што доаѓа од мала земја и мала филмска индустрија, која не располага со буџетите и продукциските услови на најголемите светски кинематографии“, со кои, како што се покажа во оваа трка се најде рамо до рамо. Ова, секако, е огромен успех за македонската кинематографија и за македонскиот филм кој успеа преку оваа мала, но очигледно голема приказна, да ги достигне стандардите на големите продукции за, воопшто. да се најде рамноправно со нив во трка за овие долгогодишни, исклучително значајни награди, кои главно се одвиваат, но и однесуваат на американската продукција.

Со други зборови, како што се наведува во соопштението, од македонските села и пејзажи, преку светските фестивали, како Венеција и Торонто, преку National Geographic и англискиот дистрибутерски гигант „Догвуф“, преку музиката на композиторите од светот на Ханс Зимер, преку фотографијата на Жан Дакар, преку режијата на Тамара Котевска и силната продуцентска екипа собрана зад филмот, ова преубаво, инспиративно дело кое корените ги бара во македонскиот фолклор, успеа да стигне до црвените килими во Лос Анџелес. Претходно филмот доби една независна паралелна, т.н. нестатутарна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award), која се доделува за инспиративност на филмовите што се прикажуваат во рамки на Венецискиот фестивал, каде што „Силјан“ беше вклучен во официјалната втора по значење програма, „Надвор од конкуренција“, докажувајќи колку едноставноста и вистинската идеја и верба можат и со „мало“ дело да направат ваков голем светски пробив.

Дефинитивно, „Силјан“ беше минатогодишното и годинешно изненадување во македонската кинематографија, кое уште еднаш докажа дека нема граници кога се работи за филмот. Нема граници кога знаете што сакате да кажете и како тоа да го направите, нешто што е непишано правило, како овде, така и секаде. Затоа кога Тамара вели дека тоа што ќе го донесат дома од најголемиот светски настан по оскарите (наградите „Еми“), а тоа е меѓународно признание, нова видливост за македонскиот филм и доказ дека границите на една мала земја не мора да бидат и граници на нејзините приказни, секако, треба да и веруваме. Навистина, голем успех за македонскиот филм.