КОМЕНТАР: До кога Агенцијата за филм и Министерството за култура ќе изигруваат новинари

post-count icon
06.01.26

Од Слаткаристика до игрите на среќа кои ќе ни го препородат филмот. Од нашето „историско“ учество на Берлинале, до нашето „активно учество“ на Канскиот филмски фестивал. Потонавме во небулози и инфантилност, а редовните „новинарски извештаи“ од Агенција за филм и Министерство за култура покриваат сѐ што треба од културата! Ич гајле да немате!!!

Пишува: Сунчица Уневска

„’Слушни ме’ не е филм кој се занимава исклучиво со музичката кариера на Слаткаристика. Станува збор за документарен проект со јасна општествена, едукативна и инклузивна димензија, кој преку неговата лична приказна ја отвора темата за говорните и комуникациски потешкотии кај децата и младите. Филмот ја истражува улогата на музиката и уметноста како можни алатки за надминување на овие предизвици… Особено значајно е што проектот обработува тема која директно засега голем број семејства. Преку автентична приказна и препознатлив јавен лик, филмот има потенцијал да придонесе кон подигнување на свеста и да поттикне поширока јавна дебата…“, итн. Министерството за култура е тука да ни објасни сѐ што треба.

Но, мојата цел не беше да пишувам за Слаткаристика, а уште помалку за небулозните објаснувања… Меѓутоа, „глупостите“ само се наметнуваат една по друга, па човек не знае за што попрво да напише. Затоа морам барем накратко да се осврнам на ова.

ЈА ЗНАЕ ЛИ НЕКОЈ РАЗЛИКАТА МЕЃУ ЕДУКАТИВЕН ФИЛМ И ФИЛМ

Зарем Агенција за филм, која постојано тврди дека е присутна на големите фестивали (за чие „присуство“ секако треба да се проговори), досега не ја научи разликата меѓу едукативен филм (чија цел е учење низ забава, кои често се користат како помошно средство во школите, а можат да бидат и одредена поддршка на проекти од општествено значење) и филм. За да се оправдаат одобрените средства за филмот веќе не знаат што да напишат, па навлегоа во друга тема.

Не случајно постојат жанрови, категории, различни пристапи и целни групи. Нешто што е особено важно кога правите филм. Овде е сѐ измешано. Едукативните филмови спаѓаат во друга категорија, имаат различен пристап и најважното, целна група. А ако сакаме да направиме филм со општествен импакт, тоа е друго прашање, но многу проблематично кај нас, бидејќи од искуство се покажа дека тоа доста тешко ни оди.

А што мислат дека ќе направат со овој филм со „општествена, едукативна и инклузивна димензија, кој треба да поттикне широка дебата“? Кому овој филм ќе му биде наменет? Не би требало ли Агенција за филм да поддржува филмови кои знаат зошто се прават, кои имаат јасна визија за тој „општествен импакт“, што имаат идеја за начинот на кој ќе ѝ пристапат на темата, што прават разлика меѓу биографски и едукативен филм, кои воопшто знаат што значи филм чија цел се општествени промени…

И зошто, всушност, тоа објаснување ни го дава Министерството за култура?

Да, прашања до нив секако имало. Но, зошто имаме институции и директори на институции? Зарем не треба, по сите овие реакции, да излезе на прес-конференција токму Агенцијата за филм односно нејзиниот директор и Комисијата која одлучува за изборот на проектите и за доделувањето буџетски пари. Не се ли они тие кои треба на јавноста да и објаснат зошто и како се избрани наведените проекти, и да одговорат на сите прашања?

МАКЕДОНИЈА ГОДИНАВА НЕ УЧЕСТВУВАШЕ НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

Токму тоа и ми беше поентата со овој текст!

До кога ќе добиваме извештаи во кои сѐ е измешано. До кога објаснување ќе ни дава една институција наместо друга. До кога извештаите на Агенција за филм и на Министерство за култура ќе се обидуваат да ги заменат новинарските текстови и да објаснуваат нешто што не е нивна работа. Никако да сфатат дека прес-службите во институциите се тука за да даваат информации, а не да ги пишуваат новинарските текстови.

Така, пред само една недела добивме соопштение од Агенција за филм за нашето присуство на Канскиот фестивал. Секако, спремно за печат. А дали некој, воопшто, знае што значи присуство на Канскиот филмски фестивал, кој има речиси осумдецениска историја?

Цитирам: „Агенцијата за филм и оваа година активно учествуваше на филмскиот фестивал во Кан, каде македонската кинематографија беше претставена преку бројни професионални, промотивни и меѓународни активности. На Канскиот фестивал присуствуваа претставници на Агенцијата за филм задолжени за меѓународна соработка и промоција на македонската кинематографија, меѓу кои и директорот Сашко Мицевски…“

Да кажеме дека сите земји, вклучувајќи го и регионот, имаа свои дописници од Канскиот фестивал и никаде, ама баш никаде (отворете „Јутарњи“, „Политика“, „Ослобоџење“ итн.) нема да најдете текстови за нивните филмски фондови и за нивните активности на маркетот. БИДЕЈЌИ ТОА НЕ Е КАНСКИ ФЕСТИВАЛ.

Канскиот филмски фестивал се одвива на друго ниво и во суштина, нема врска со филмскиот маркет. Маркетот се создаде од потребата за филмскиот бизнис, во моментот кога сите значајни филмски куќи се на едно место, што им носи бенефит и на филмаџиите, но и на Фестивалот, кој дебело заработува од тоа. Но, активностите на маркетот не се дел од Филмскиот фестивал и токму затоа новинарите за тоа не известуваат (сум известувала од лице место 15 години). Агенцијата за филм прво треба да го научи описот на нејзината работа, да знае зошто е присутна на маркетите и дека нема никаква потреба да ни кажува што прави на маркетите, бидејќи тоа е нејзина тековна работа. А она што е информација за медиуми е кога нивната работа ќе вроди со некаков конкретен плод. Дури тогаш се известуваат новинарите. Но, тоа за нас веројатно е „шпанско село“.

И, впрочем, што и е гајле на Агенцијата за тоа, кога сите тие небулози им проаѓаат.

ВО БЕРЛИН ПОМИНАВМЕ ОДЛИЧНО, ВЕЛАТ ОД АГЕНЦИЈА И МИНИСТЕРСТВО

Ако се сеќавате, уште полошо беше од Берлин, каде што имавме филм во главна конкуренција и каде што имавме новинари. Но, што се случи? Новинарите не беа повикани!  Нешто што на филмските фестивали, особено најголемите, е незамисливо.

А знаете ли каков е односот таму кон новинарите? Апсолутно можам да посведочам дека целата програма и начинот на конципирање на фестивалите е прилагодена на новинарските (особено дневни) известувања.

Затоа тие фестивали и се големи. Затоа што точно ја знаат спрегата помеѓу настани од таков калибар и значењето на медиумите. Таму се одигрува историја, бев присутна кога сала од 5.000 луѓе го исвиркуваше филмот „Антихрист“ на Ларс фон Трир, кој по две години беше протеран од Кан поради неговите изјави. Додека во далечната 1987 се случил преседан, кога новинарите силно негодувале на одлуката на жирито „Златната палма“ да ја добие Морис Пиалат за филмот „Под сонцето на сатаната“, а тој бесен излегува на сцената и вика: „Ако вие не ме сакате, не ве сакам ни јас“.

Неверојатно е што сѐ се има случено на големите фестивали, и позитивно и негативно, што се памети токму затоа што го пренесувале медиумите низ целиот свет. Па, никогаш, ама баш никогаш, на новинарите ништо не им било ускратено. Напротив.

Но, кај нас едно продуцентче со мегаломански амбиции (да не мисли некој дека се плашиме да го спомнеме Томи Салковски) виде како со партиска моќ и со дружење со  новокомпонираните „олигарси“ може да прави што сака, па дури мислеше дека и „Браќа Манаки“ ќе успее да го пресели во Скопје. Е, годинава, бидејќи тој беше продуцентот на филмот „17“ на Косара Митиќ, на новинарите им го забрани пристапот на премиера во Берлин. Замислете! Каков страв и немоќ од вистината. Да го знае тоа фестивалот, реакција сигурно би имало. Но, што се случи?

Таму беа и директорот на Агенција, Сашко Мицевски и министерот за култура, Зоран Љутков и никому ништо. Тие тоа му го дозволија.

И не само тоа, туку по фестивалот добивме соопштенија од овие институции за тоа колку добро поминала премиерата (за што не постои реален увид, бидејќи текст од новинар нема), со такви образложенија и квалификативи за филмот, во смисла каква е режијата, каква е нарацијата, каква е улогата на главната актерка, известувајќи лажно и надувано за тоа колку важни медиуми пишувале за филмот (при што не прават разлика меѓу интервју и рецензија, а да не збориме колку е тоа непотребно, бидејќи младата Митиќ си постигна доволно со своето деби и немаше никаква потреба од лажење и преувеличување). Поразително е што мислат дека можат и дека се повикани да прават и рецензии. Колку е тоа во интерес на продуцентчето не знаеме, но сигурно мислат дека е и во нивни интерес, бидејќи они ги даваат парите.

СУДИР НА ИНТЕРЕСИ И ИНФАНТИЛНОСТ КАЈ НАС СЕ ПОДРАЗБИРА

Излегува дека место тие институции со својот интегритет (кој по правило треба да го имаат) да интервенираат и да му кажат на Салковски до каде му е местото, напротив, он ги научи нив како да известуваат за своите проекти, за сето тоа да изгледа многу поуспешно отколку што е. Замислете, со каква инфантилност овие институции ја водат културата. Тогаш зошто нешто би не чудело?

Тоа што во ваквите написи има толку очигледен судир на интереси, бидејќи не можете за свои проекти сами да известувате, изгледа не е ни важно. Ниту тоа, што вакво нешто, дефинитивно, нема во ниту една земја.

Но, она што е најстрашно е дека овие бесмислици продолжуваат. И Министерството за култура и Агенцијата за филм кога одат во други земји го прават истото, нема таму новинари да пренесат што се случувало, ниту пак мислат дека треба да ги повикаат, а и зошто им се, кога нивните служби ќе си напишат новинарски текстови. Така беше и од Брисел кога министерот за култура присуствуваше на проекцијата на „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, па зборуваше „за универзалноста на филмот, за тоа каков импакт има, за тоа колку е зрела нашата кинематографија…“ Толку многу се влезени во „филм“, што ни ги опишуваат реакциите, настапите, приемот на филмовите, па уште и ги анализираат. Стварно се сестрани, јас не знам, воопшто, зошто ни се новинари?

Додека, другите земји своите написи буквално ги најавуваат преку имињата на новинарите, истакнувајќи го со тоа нивното реноме и значењето на автентичноста и авторството на текстот, напишан со искуство, со познавање и со објективност, со издржана анализа, онака како што треба и да биде.

ПОДДРШКАТА ОД ИГРИТЕ НА СРЕЌА ПРИДОНЕСЕ РАБОТАТА НА ДФРМ ДА БИДЕ ВИДЕНА И ПРЕПОЗНАЕНА

А до каде ни оди инфантилноста на институциите и на луѓето кои ги претставуваат најдобро зборува токму оној момент кога Владата го усвои Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри со кој се враќа финансиската поддршка за филмот во висина од 3 проценти од уплатените давачки. Тоа што во сите земји би било претставено како добар момент во поглед на тоа што ќе се зголеми поддршката за филмот, и толку, кај нас премина во еуфорија. Па, не само што го пренесе Агенција за филм, туку и министерот за култура, зборувајќи за ренесанса, за препород, за тоа дека „Македонија има приказна што вредело да се раскаже и светот да ја види“!!!

Да не ви се верува. Дали овде стварно се работи за нивно верување во ова што го зборат или за некои други релации. Едноставно, не можете, а да не се запрашате. Згора на тоа, тука се надоврза и тоа продуцентчето и онаа шака луѓе од ДФРМ (од кои и покрај сите написи и обелоденети незаконитости, сѐ уште многу работи во филмот зависат од нив) кои уште додадоа дека „за првпат чувствуваат како нивната работа е видена и препознаена…“. Епа, наздравје!

Страшно е до каде дојдовме!

И навистина, се прашувате – за што попрво да пишувате.

Нашава земја, а секако и култура, стана вистинска калакурница!