Годинешните награди „Срцето на Сараево“, всушност, се толку компромисни и поделени, што на крајот и не кажуваат ништо. Многу филмови, и тоа различни меѓу себе, беа фалени доста незаслужено, па на крајот и победата ја губи важноста, кога изгледа дека баш и се нема став
Пишува: Сунчица Уневска
Наградите на јубилејниот 30. Филмски фестивал во Сараево, барем за мене, беа разочарување. Не заради главната награда, напротив, победи токму мојот филм, поточно романскиот „Три километри до крајот на светот“, кој дефинитивно беше и најдобриот и на некој начин покажа што е филм и која е неговата вредност. Но, освен овој филм, другите награди беа поделени на сите по малку, од кои многумина воопшто и не ги заслужуваа, што на крај се прашувате, која беше поентата. Малку разочарувачки, особено кога ќе се пропушти да се награди она што во еден филм е добро, а да се занемари она што е навистина и само за себе таква мешаница, што и самите автори не знаеле што сакаат да кажат. Наспроти нив, имаше неколку филма кои требаше вистински да триумфираат, но тоа не се случи токму поради таа бесмислена поделеност.
Романскиот „Три километри до крајот на светот“ отскокнуваше во сè, тоа е буквално супериорен филм, особено во овој избор кој беше годинава направен во главната селекција. „Три километри до крајот на светот“ е филм кој на извонреден начин зборува за предрасудите односно за хомофобноста, и тоа не само заради нечии уверувања и осуда, туку и заради тоа што покажува до каде може да оди стравот, апсурдноста, примитивизмот, до каде може да оди верувањето дека нешто е исправно, а не е, и што сè се подготвени да преземат луѓето за да ги заштитат оние што ги сакаат, убедени дека така ќе ги спасат и од оние што ги осудуваат, но и од нив самите.
Овој филм, покрај темата и исклучителниот пристап, односно начин на водење на дејствието, имаше фантастична режија, одлично сценарио на Парву и Мируна Береску, феноменални улоги на шефот на полицијата, Валериу Андриуте, како и на мајката, Лаура Василиу. Тоа, дефинитивно, беше филм со таква структура, со таква нарација, ликови, атмосфера и развој, кој ве носи до една граница на емоции, на размислување, на судир со нешто кое е и разбирливо и сосема несфатливо, ве носи во еден неверојатен свет, а вистинит, кој наметнува безброј прашања, како за животот, како за општеството, така и за луѓето. Но, за жал, беше онеправдан во многу сегменти, заради тоа што награди требаше да добијат сите. Сосем несфатлива одлука, и чудна, особено ако земете во обѕир дека во жирито беа луѓе кои навистина треба да ја знаат разликата.
Но, за жал, така е со фестивалите. Правила нема, напротив, има многу компромиси кои ги одбележуваат тие изданија, тие погрешни одлуки, чии победници никој понатаму не ги гледа, но тоа си останува и никому ништо. Така беше и сега. А меѓу филмовите кои беа најмногу онеправдани првенствено би го истакнала српскиот, „Да се живее меѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, една извонредна драма, со одлична приказна, многу добро постигната тензија на секое ниво и фасцинантно изградени ликови, како и филмот „Света недела“ на Андреи Кон, уште еден романски филм, поместен на почетокот на 19 век.
Филмот на Вук Ршумовиќ е направен според вистинска приказна, која се случува во 2015 во времето на големата мигрантска криза, и зборува за судбината на младата Авганистанка, Фереште Хосеини, која ќе жртвува сè останувајќи во Белград со цврста намера да го закопа нејзиниот починат брат со неговото име и презиме. Тука започнува една вистинска голгота, особено поради односот кон мигрантите, но и поради невозможноста да се дојде до документи. Улогата на преведувачот од фарси јазик ја игра Никола Ристановски. Филмот е направен ефектно и некако ве носи низ целата таа приказна со својата реалност и срченост, што е навистина тешко да се постигне.
Додека, романскиот „Света недела“, пак, е уште поголем предизвик, затоа што зборува за едно сосем друго место, доста брутално и сурово, за еден начин на живеење несфатлив од денешна гледна точка, за едно место полно со расизам и антисемитизам, но и секакви можни предрасуди, кои се толку добро фатени низ камерата на Кон, што можете да ја видите и почувствувате онаа човечка природа, која се чини е непроменлива. Колку за утеха, жирито на овој филм му даде Награда за најдобар актер, за улогата на Дору Бем, кој ќе се најде во центарот на целиот тој прикриен брутализам и насилство, како сопственик на едно преноќевалиште.
Но, секако, да се вратиме и на останатите наградени филмови. Наградата за режија отиде за грчкиот филм „Аркадија“ односно за режисерот Јоргос Зоис. Тоа е еден тотално промашен филм, кој е обидува да биде бајка, да зборува за митови, да зборува за некое чистилиште и некој меѓуграничен простор меѓу животот и смртта, и сето тоа да го смести во денешното живеење. Наградата можеби и би можела да ја разберам ако зборуваме за тоа што сакал, но за тоа што направил, тешко дека би можела да ја оправдам. Тоа е тотално бесмислен и претенциозен филм, кој ни оддалеку не успева во својата намера.
„Срцето на Сараево“ за најдобра актерка е, исто така, уште една утешна награда. Не затоа што сомалискиот филм „Село покрај рајот“ на Мо Хараве е лош филм. Не, напротив, тоа е многу симпатичен филм, смел во својата намера во денешно време да зборува за некои базични теми на еден невин, природен и многу едноставен начин, да зборува за семејството, за љубовта, за поддршката, за неминовните промени, правејќи го сето тоа многу искрено, од срце, неизвештачено, а преполно со емоции, иако не и со патетика.
„Село покрај рајот“ е поинаков филм во оваа денешна агресивна понуда на филмови, кои, како што вели неговиот австриски продуцент, се полни со политички и општествени прашања, но не и кај Мо. Тој се обидува да ја долови комплексноста на животот, но не онаа која ние ја подразбираме, туку онаа која е карактеристична за тоа ветровито сомалиско село, во кое живеат питоми, но многу одлучни и храбри луѓе, кои знаат дека заедништвото и поддршката се во животот сè, ако сакате во него да опстоите. Затоа велиме дека наградата за Анаб Ахмед Ибрахим е утешна, затоа што филмот заслужуваше многу повеќе.
И документарниот избор годинава беше многу силен и донесе бројни интересни приказни. Главната награда ја доби украинскиот „Слика за паметење“ на Олга Черних, кој зборува за патувањата низ војните на едно семејство, односно на три генерации украински жени.
Наградата за човекови права ја доби унгарскиот „Твојот живот без мене“ на Ана Руби, кој се осврнува на борбата на жените за нивните деца со посебни потреби. Додека, новата награда за еколошка освестеност му припадна на домаќинот, односно на босанскиот филм „Небо над Зеница“ на Златко Прањиќ и Нана Френк Мелер, за борбата на новото здружение „Еко форум“ кое се обидува нешто да промени со оглед на тоа што железарницата во нивниот град, ја прави Зеница еден од најзагадените градови во светот.