Пишува: СУНЧИЦА УНЕВСКА
Македонија стана земја која живее во тотално погрешен филм („или можеби не, ајде да видиме“, што би рекол Шелдон во „The Big Bang Theory“).
Филм кој е преполн со импровизации, со лаги, со преувеличување на реалноста, преполн со неточни податоци, со фантазии, со неумереност и основни непознавања на нештата. Упорно сакам да верувам дека ова е лош филм од кој ќе се разбудам, ама не, новата реалност удира со уште „посилни“ аргументи и на крајот сфаќате дека бегање нема.
После Берлин и после Кан продолживме да ја освојуваме, сега не само Европа, туку и Америка. „Фестивалот на Де Ниро го одбра девојчето со шалвари и со скејтборд“, „Преполна сала на њујоршкиот фестивал ‘Трибека’ и долга сесија прашања со што се разви емотивна и прекрасна атмосфера“, „Скејтањето е за девојчиња, а филмот е за жени како Дина Дума и Лабина Митевска“…
Добро, има ли крај на небулозниве соопштенија? Зошто Македонија стана земја која сака од секое учество на фестивал да направи спектакл (последно е со филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума)? Од каде потребата да ги дуваме работите и да се прикажуваме во некакво поинакво светло? Што е проблемот, па не сме толку очајни, нели?
Ете, да не беше Хари Потер, оф, се извинувам, да не беше Сашко Потер, новиот директор на Агенцијата за филм, немаше да знаеме дека Македонија е во врвот на европската кинематографија. И не само тоа, туку, сега, откако ја освоивме Европа, замислете, „покажуваме интерес и можност за афирмација на македонската култура и во Америка“. Да не беше Сашко Потер Мицевски (да бидеме сериозни, и покрај неговите лекомислени изјави) јас немаше да дознаам дека „Трибека“ е фестивал од А-категорија и дека е еден од најбитните во Северна Америка…
До каде со овие изјави? Нас навистина не ни требаат новинари, а и зошто ни се, да пишуваат глупости? Вака, фино ќе си пратиме соопштение од нашите феноменални приеми на фестивалите, ќе напишеме сѐ што ни душа сака, а медиумите во Македонија тоа го преземаат од буква до буква, како да вежбале во Ресавската школа.
Зошто ни се новинари?
Кој може подобро да го претстави филмот од самите продуценти и од Агенцијата за филм, која сега ја водат млади, нели, со поинаква перспектива. Така, они си сфатија дека нивната работа е да патуваат, да не пропуштат фестивал каде што имаме премиера и да праќаат слики за да видиме до каде се „вивнала“ нашата кинематографија. А и што друго би работеле? Па, ако овие злонамерни новинари од нешто направат скандал, тука е министерот за култура за да објасни.
Зошто некој би ја нарушувал оваа филмска поточно фестивалска идила со некакви си податоци за фестивали, за филмови, за рецензии, за значење, за не знам што. Па си знаат младите, недоквакани партиски директори, што е добро за нашата земја, зошто би се придржувале до некакви правила кои се веќе застарени, нели? Па, денеска имаме „филмски“ сајтови со 5.000 кликови и видеа какви ти душа сака, а за текстови – ма кому му е тоа гајле. Сликата и незрелоста збори повеќе од илјада текстови. Зошто ни е било што друго? Партиските медиуми и онака се тука за да дадат поддршка и на коњ сме (или можеби ракета), следно би можеле да ја освојуваме и вселената. Каде ќе ни биде крајот?
