ФИЛМ ПЛУС ова писмо го пренесува во целост

Пред почетокот на годинешниот Сараевски филмски фестивал (14 до 21 август) беше испратено отворено писмо од страна на грчкиот филмски режисер и сценарист, Танасис Неофотистос, до членовите на Европската филмска академија, во врска со транспарентноста и судирот на интереси што веќе со години се случуваат на Сараевскиот филмски фестивал. Ова е дотолку поинтересно што покажува колку слични работи се случуваат во земјите во регионот, меѓу кои е и нашата, а за што токму оваа година пишуваа многу медиуми во текстовите посветени на македонскиот режисер Милчо Манчевски. За жал, овие работи не се од вчера, за нив неколку пати и новинарката на ФИЛМ ПЛУС како репортер од Сараево има посочувано, но очигледно нивните негувани врски со челниците во важните европски институции им помагаат овие значајни недоследности да поминат под радарот. Затоа, ова писмо е уште поважно, меѓудругото и поради тоа што е поткрепено со докази за сето тоа, а ќе видиме како ќе реагира Европската филмска академија, особено со оглед на тоа што некои од нивните челници годинава беа дел од жиријата во Сараево. Писмото, во кое е спомнат и судирот на интереси во врска со филмот на Теона Митевска „Мајка“ (не и другите филмови, иако судирот на интереси се случуваше за многу нивни заеднички филмови со селекторката Елма Татарагиќ), го пренесуваме во целост. (С.У.)
ЗАГРИЖЕНОСТ НА ЧЛЕН НА ЕФА ВО ВРСКА СО ТРАНСПАРЕНТНОСТА И СУДИРОТ НА ИНТЕРЕСИ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО САРАЕВО
Од: ТАНАСИС НЕОФОТИСТОС испратено на 11 август 2026 година
До ЕВРОПСКАТА ФИЛМСКА АКАДЕМИЈА
Почитуван тим на Европската филмска академија,
Ви пишувам како член на ЕФА и како режисер од Југоисточна Европа во врска со сомневањето што постепено се појави кај мене околу годинешниот Сараевски филмски фестивал и CineLink Industry Days.
Она што ме загрижува е поширокото прашање на транспарентност, судир на интереси и управување во рамките на една од највлијателните филмски институции во нашиот регион.
Претходно не бев свесен за степенот на преклопување на професионалните односи што се случува во рамките на Сараевскиот филмски фестивал. Дури оваа година, бидејќи и мојот завршен дебитантски филм и мојот нов проект стигнаа до напредни фази на разгледување, почнав поблиску да ги следам конечните селекции и забележав еден повторувачки образец.
Сакам да нагласам дека не се работи само за одбивањето на филмот „Момче со светлосини очи“ или на мојот нов долгометражен проект „Диви свињи“. Мојот филм ја имаше светската премиера на фестивалот SXSW London овој јуни и го продолжува своето меѓународно патување.
Голем број од овие преклопувања се однесуваат на Елма Татарагиќ, која е дел од Сараевскиот филмски фестивал од неговото основање во 1995 година и моментално е наведена како програмер на Натпреварувачките програми за долгометражен и за краток филм, како и на програмата „Во фокус“.

Неколку ситуации ме натераа да се осврнам на следниве прашања:
„МОМЧЕТО СО СВЕТЛОСИНИ ОЧИ“ стигна до потесниот избор во натпреварот за игран филм во Сараево. Самата Елма Татарагиќ ме информираше дека за филмот е дискутирано во рамки на насловите во потесниот избор. По светската премиера во Лондон, филмот, сепак, остана подобен за програмата „Во фокус“ и јас конкретно ја прашав Елма дали може да се земе во предвид таму, кога финалната програма во оваа секција го вклучува филмот „МАЈКА“, чиј косценарист е самата таа (косценаристи на филмот „Мајка“ се: Гоце Смилевски, Теона Митевска и Елма Татарагиќ).
Мојот нов проект „Диви свињи“, исто така, достигна напредна фаза на разгледување за копродукцискиот маркет познат како CineLink. Во преписката за одбивање, сегашната раководителка на CineLink, Асја Крсмановиќ, опиша дека била длабоко вклучена во прегледувањето на поднесените проекти, во дискусијата за нив и во конечниот избор. Еден од проектите што беше избран во рамките на годинешниот копродукциски маркет CineLink, каде што се подразбира дека ги исполнува условите за наградите во овој дел, е и филмот „WITH BLESSINGS ON YOUR WAY“, каде косценарист повторно е Елма Татарагиќ, заедно со Амра Бакшиќ Чамо, која се јавува како еден од продуцентите и SCCA/pro.ba како копродукциска компанија.
Оваа врска е особено релевантна бидејќи Амра Бакшиќ Чамо беше долгогодишен поранешен раководител и основач на CineLink, додека Елма и Амра се истовремено креативни соработници на избраниот проект за кој пишувам погоре. Не можев да најдам јавно достапни информации што објаснуваат каква постапка е применета за откривање или исклучување за време на тој избор.
На годинешниот натпревар за наративен краток филм, Сараево експлицитно наведува дека Елма ги избрала десетте филма од повеќе од 700 наслови. Еден од тие десет филма е и „МАМАМА“, продуциран од Амра Бакшиќ Чамо / SCCA/pro.ba, повторно ставајќи дело од сегашен професионален соработник на Елма во натпревар што таа директно го програмира.
Овие преклопувања не се ограничени само на оваа година. Елма, исто така, имаше своја работа презентирана и наградена во рамки на 30. Филмски фестивал во Сараево, вклучувајќи ја и наградата „Срцето на Сараево“ за најдобро сценарио во 2024 година за ТВ серијата „ЈАС ЈА ПОЗНАВАМ ТВОЈАТА ДУША“ (каде што таа е косценарист). Го споменувам ова не за да ја доведам во прашање вредноста на делото, туку затоа што дополнително илустрира колку блиску можат да се преклопуваат улогите на главен селектор, креатор и учесник во истата институција.
Во годинешната програма е вклучен и краток филм „СОНУВАМ, ГУБАМ / СОНУВАМ, ГУБАМ“, режиран и напишан од самата Елма Татарагиќ, додавајќи уште еден пример за нејзините истовремени улоги како програмер и режисер-учесник во истиот фестивалски екосистем. Повторно продуцирано од истата продуцентска куќа SCCA/pro.ba.
Но, се чини дека моделот е и поширок од овие две односно двајца поединци. Ишак Јалимам, поранешен раководител на CineLink и основач на Realstage, е продуцент на „HEDGEHOGS IN THE HAZE“, избран за CineLink Drama 2026, каде што, исто така, ги исполнува условите за индустриските награди. Ова го покренува истото структурно прашање во врска со движењето помеѓу лидерството, продукцијата и учеството во рамки на истиот институционален екосистем.
Овие примери не докажуваат несоодветно влијание и не ги доведувам во прашање уметничките доблести на ниту едно од избраните дела.
Но, заедно, тие поставуваат легитимно институционално прашање:
Кога сегашни или поранешни раководители на програми, сценаристи, филмски работници и продуценти постојано соработуваат едни со други додека нивните проекти истовремено се избираат, програмираат, финансираат или наградуваат во рамки на истиот фестивалски екосистем, какви транспарентни заштитни мерки постојат за да се спречат ваквите вистински или очигледни судири на интереси?
Поконкретно:
● Кој ги прави конечните избори во вакви случаи?
● Кои професионални односи формално се пријавуваат?
● Кога се применува изземањето?
● Кој ја разгледува одлуката независно кога селектор или поранешен раководител на програмата е директно поврзан со проект што учествува?
Ги изнесувам овие загрижености пред Европската филмска академија, не само затоа што Сараево е важна институција во рамките на европската кинематографија, туку и затоа што самата Академија има видливо присуство на годинешното издание. Претседателката на ЕФА, Ада Соломон, е член на жирито на CineLink, додека извршниот директор и режисер на ЕФА, Матијус Воутер Кнол, е член на главното жири во програмата на долгометражни филмови. Поради таа причина, сметам дека е особено важно секое преиспитување на овие согледувања да може да се одвива преку независен канал на ЕФА. За да не може да се создаде реален или перципиран конфликт за оние кои се директно вклучени во Сараево оваа година.
Не барам од ЕФА да интервенира во програмските одлуки. Само прашувам дали може загриженоста за транспарентноста, изземањето и независниот надзор да се преиспитаат кога влијаат на довербата на филмските автори во главната европска културна институција.
Овие загрижености веќе му ги кажав на директорот на фестивалот, Јован Марјановиќ, но не добив одговор.
Танасис Неофотистос, филмски режисер и сценарист, член на ЕФА