Осврт на Пулски фестивал: Визуелен паноптикум во Веспазијановата арена

post-count icon
07.29.26

Хрватскиот филм „Коке“ на Игор Јелиновиќ триумфираше на годинешниот 73. Филмски фестивал во Пула со освоени 4 арени, меѓу кои и тие за најдобар филм и сценарио. * Во малцинските копродукции, пак, за најдобар филм беше прогласен „Три недели после“ на Мирослав Терзиќ, кој доби вкупно три награди меѓу кои и таа за сценарио (темата е врсничко насилство), при што беше награден и Владимир Арсениевиќ, кој само неколку дена пред фестивалот беше претепан во Белград, а Пулскиот фестивал уште пред почетокот му даде поддршка и ја повика публиката на нивната премиера

Наш специјален известувач

Душко Димитровски

Веќе седум децении во волшебната Веспазијанова арена во Пула се одржува вистинска мала свеченост на седмата уметност. Оваа година повторно во најголемиот истарски град и во вообичаено добрата атмосфера познатиот Пулски филмски фестивал се одржа по 73-ти пат.

Некако самата атмосфера што ја носи големиот екран во велелепната Арена се чини како да создава еден специфичен однос со тој единствен гледачки аудиториум. Со еден збор, публиката покажува голем сензибилитет и познавање односно можност да ги почувствува правите вредности на филмот и да реагира кога треба некого да поздрави со громогласен аплауз, без оглед дали филмот или неговата екипа.

Годинешниот фестивал беше отворен со проекцијата на регионалниот филмски хит, „Свадба“, една доста симпатична комедија во режија на помладиот автор, Игор Шереги. Во чест на овој филм, кој на отворањето ја прослави бројката од 800 илјади гледачи, беше награден и јубилејниот осумстоилјадити посетител.

Инаку, филмот „Свадба“ во целиот регион, како што се вели – од Вардар до Триглав, оствари гледаност од повеќе од два милиони гледачи. Во Пула тој беше, исто така, одлично примен и еуфорично поздравен од огромната петилјадна публика, особено кога станува збор за главните протагонисти, Драган Бјелогрлиќ и Рене Биторајац, како и за режисерот Шереги, на кого ова му беше долгометражно деби.

Кога станува збор за одличните остварувања на фестивалот би ги издвоил: „Убава вечер, убав ден“ на Ивона Јука, „Коке“ (орогиналниот наслов) на Игор Јелиниќ, „Бог нема да помогне“ на Хана Јушиќ, „Оче наш“ на Горан Станковиќ, како и „Ветре зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ.

Филмот „Убава вечер, убав ден“ на повеќекратно наградуваната режисерка Ивона Јука, носи една сторија, снимена во експресивно црно-бела техника, за трагичната судбина на четворица студенти и пријатели. Имено, Ловро, Ненад, Стеван и Иван заминуваат во партизани, во борба против фашистичка Германија и нацистите. Шеснаесет години подоцна, односно во педесеттите години на минатиот век, во повоена Југославија, тие се афирмирани филмски уметници, кои наеднаш ќе бидат осомничени за хомосексуалност. Но, иследникот Емир (Емир Хаџихафизбеговиќ), кој и е крајно лојален на комунистичката партија, ќе ја одбие задачата да ги саботира нивните кариери и животи…

Ивона Јука вешто прави вивисекција на тогашните општествени односи и успева да изгради силна психолошка драма за невино обвинетите, кои режимот ќе ги претвори од херои во жртви и кои немаат никаква можност да се одбранат.

„Коке“ филмот на Игор Јелиновиќ (кој ја доби Големата Златна арена за најдобар филм, односно вкупно освои 4 „арени“) е сензибилна сага за едно далматинско семејство, во која главен лик е Тонина (актерски виртуозната Снежана Синовчиќ), грижлива и пробивна сопственичка на една сметководствена фирма, во која ги вработува својот сопруг и ќерката. Но, и покрај сите обврски, таа се грижи и за својата дементна неподвижна мајка. Нејзината помлада сестра Тајана (Александра Јанковиќ), пак, со семејството има многу поопуштен и помалку амбициозен пристап кон животот. Па, сепак, двете сестри ќе се судрат кога Тонина скришно ќе го откупи делот од нивната семејна куќа на островот од роднината Жељка (Наџа Перишиќ), иако имале договор куќата да ја купат заедно.

Филмот „Коке“ би можел да се нарече драма во потесна смисла, проникната со изразит хумор, која пред сѐ, ја одликува одлично прикажаната атмосфера, иако, за жал, на моменти ја губи драмската силина, посебно низ одделни одвишни дијалози и монолози на главните протагонисти.

А покрај Ивона Јука, би го издвоил и филмот на Хана Јушиќ, режисерката која интернационално се афирмираше со неколку одлични кратки филмови, како и со својот успешен дебитантски долгометражен филм, „Не гледај ми у пијат“.

Нејзиниот психолошки многу комплексен филм, „Бог нема да помогне“, кој е снимен во ефектна амбиентална колор-техника, зборува за Чилеанката Тереза која ќе дојде во изолираната заедница на овчари на Динара со тврдење дека е вдовица на братот на старешината, кој загинал во рудник во Чиле. Нејзиното доаѓање ќе ја поремети цврстата структура на заедницата и ќе внесе немир во неа, иако на некој начин ќе донесе и слобода.  

Режисерката во овој филм, би можел слободно да кажам, покажува дека е виртуоз во доловување на тие сложени меѓучовечки односи, кои успева да ги согледа во целата нивна полнота.

Филм кој драстично им се вовлекува на гледачите под кожа и долго време прави да се чувствувате потресени пред неговата трагична животна приказна е „Оче наш“, дебитантско остварување на младиот Горан Станковиќ, кој зад себе има неколку меѓународно успешни краткометражни дела. Филмот е потресна, но не и мелодрамски срцепарателна приказна за зависниците од дрога.

Кога главниот лик, младиот Дејан (Вучиќ Перовиќ) ќе дојде во манастирската комуна за лечење на зависници, веднаш ќе биде прифатен од харизматичниот Отец Бранко (Борис Исаковиќ), кој за старател ќе му го додели, Мионико (Горан Марковиќ), поранешен зависник. Во таа заедница, во која владеат строги правила, казни и брутални методи на лечење, Дејан набрзо ќе му стане миленик на отецот. Но, откако во јавност ќе излезат снимките од насилството што го врши отецот, а во манастирот една вечер ќе се врати Мионико дрогиран, Дејан ќе мора да одлучи дали ќе го спаси пријателот или по наредба на отецот пред сите брутално ќе го казни.

Посебна вредност во филмот се одличните актерски остварувања, што на Перовиќ ќе му ја донесе и Златната арена за главна машка улога во категоријата на малцински копродукции.

Филмот „Ветре, зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ е сосем оправдано добитник на Златната арена за најдобар филм како малцинска копродукција. Имено, не случајно, тој лани ја доби и главната награда на Сараевскиот филмски фестивал, како и повеќе други значајни признанија, но за овој филм веќе имаме претходно пишувано.

И на крај, да кажеме дека во специјалната програма „Посветено“ му беше оддадена почест на еден од најдобрите хрватски и југословенски сниматели и режисери, универзитетскиот професор Никола Танхофер, автор на незаборавните филмови: „H-8“, „Двоен обрач“, „Не беше залудно“ и „Разденувања“.

Владимир Арсениевиќ со српскиот филм „Три недели после“ и по инцидентот во Белград доби голема поддршка од Пулскиот фестивал