Филмот „Фјорд“ на романскиот режисер Мунгиу, направен во Норвешка, покрај „Палмата“, ја доби и Наградата на критиката, „Фипресци“. * Втората најпрестижна награда на фестивалот, Гран-прито му припадна на рускиот режисер Андреј Звагинцев за „Минотаур, инаку римејк на филмот на Клод Шаброл, „Неверна жена“. * Македонија годинава не беше дел од официјалната програма во Кан, единствено во индустрискиот дел во програмата „Продуценти во движење“ организирана од „Европската филмска промоција“, меѓу 20 европски продуценти беше селектирана и Ивана Шекутковска, продуцентка на „Диџеј Ахмет“
Пишува: Сунчица Уневска

Новиот филм на романскиот режисер Кристијан Мунгиу, „Фјорд“, кој е снимен и продуциран во Норвешка, ја освои „Златната палма“ на тукушто завршениот 79. Кански филмски фестивал. Жирито го предводеше корејскиот режисер Парк Чан Вук („Паразит“) и, како што пренесуваат медиумите, за овој филм имало жестоки расправи, а и критичарите биле поделени. Интересно е дека за поголем фаворит цело време важел филмот „Минотаур“ на Андреј Звагинцев, па сепак, на крајот победува оваа интересна норвешка драма освојувајќи ја „Златната палма“, но и Наградата на меѓународното здружение на филмски критичари, Фипресци.
Филмот „Фјорд“, како што пишува во „Варајети“, ја истражува напнатоста помеѓу религискиот конзервативизам и социјалниот либерализам. Станува збор за едно семејство со пет деца, припадници на евангелистичките христијани кои од Романија ќе се преселат во Норвешка и набрзо ќе бидат вплетени во случајот со злоставување деца, судирајќи се со норвешкиот општествен систем. Улогите на родителите ги играат Себастијан Стан и Ренате Реинсве („Сентиментална вредност“).

Како што се знае, ова не е прва „Палма“ на Мунгиу. Во 2007 година, со својот веќе антологиски филм, „4 месеци, 3 недели и 2 дена“ тој го направи вистинскиот пробив, ја освои „Златната палма“ и постигна вистинска светска слава. Од тогаш сѐ што ќе направи Мунгиу се следи со големо внимание, но еве, по цели 19 години тој повторно ја добива „Златната палма“ за филмот „Фјорд“ и се запишува на малата листа на двојни кански добитници, како што се: браќата Дарден, Кен Лоуч, Емир Кустурица, Михаил Ханеке, Рубен Естлунд и Копола.
Втората најпрестижна награда на фестивалот или Гран прито го доби рускиот режисер Андреј Звагинцев („Враќање“, „Левијатан“, „Без љубов“), за кого многумина очекуваа дека ќе биде годинешниот лауреат. Како и да е, Звагинцев триумфираше со својот нов филм „Минотаур“, кој го направи во егзил и тоа по цели девет години. Инаку, ова е негов четврти филм кој бил во главната програма во Кан, а досега ја има освоено само Наградата на жирито за филмот „Без љубов“.

„Минотаур“ е руски римејк на еротскиот трилер на Клод Шаброл од 1969 година, „Неверна жена“, кој Звагинцев го сместува во Русија во времето на почетокот на агресијата на Украина, но поради состојбата снимен е во Латвија. Тоа е приказна за еден успешен директор на компанија, чиј живот наеднаш ќе се најде пред распаѓање. Иако внимателно и контролирано ја гради својата професија и егзистенција, со сплетот на околности тој одеднаш ќе се најде соочен со професионална криза, глобален хаос и брачно предавство кои го влечат кон опасната точка на кршење.
Наградата за најдобра режија годинава ја делат два филма, „Татковина“ на познатиот полски режисер Павел Павликовски, кој прави црно-бел биографски филм за Томас Ман и неговата ќерка сместен во времето на Студената војна во Германија и шпанската историска мелодрама, „Црна топка“, на Хавиер Калво и Хавиер Амброси, инспирирана од драмата на Лорка, која се осврнува на судбината на хомосексуалци во текот на три генерации, од шпанската граѓанска војна до денес.

„Палмата“ за најдобро сценарио му припадна на францускиот автор Емануел Маре за филмот „Нашето оздравување“, во кој ја реконструира колаборационистичката кариера на сопствениот дедо, низ писмата со баба му, додека работел како висок службеник во вишиевската влада. Интересно е дека годинава наградите за улоги отидоа кај две филмски двојки. Така, наградата за женска улога ја добија француската и јапонската актерка, Виржини Ефира и Тао Окамото за филмот „Ненадејно“ на јапонскиот режисер Росуке Хамагучи. Додека, Наградата за најдобра машка улога отиде кај белгиските актери Емануел Мачиа и Валентин Кампањ за воената драма „Кукавица“ на Лукас Донт, сместена во времето на Првата светска војна.
Оваа година Наградата на жирито ја добива германската режисерка Валешка Грисбах за филмот „Сонувана авантура“, во кој бугарската актерка Јана Радева ќе се најде пред сопственото самопреиспитување. И, на крај, да кажеме дека наградата која е предвидена за дебитанти, „Златна камера“, овој пат отиде во Руанда за филмот на Мари-Клементин Дусабехамбо „Бенимана“, со кој оваа режисерка за првпат ја вклучува Руанда во селекцијата во Кан. Нејзиниот филм беше прикажан во програмата „Извесен поглед“, а се осврнува на геноцидот што во 1994 ќе го направат Тутсите над Хутите. Овој филм ја доби и наградата на критичарите Фипресци во програмата „Извесен поглед“.

Што се однесува до Македонија (особено со оглед на доста опширните и збунувачки извештаи за присуство на Канскиот фестивал од официјалните институции), да кажеме дека ние не бевме дел од официјалната програма на Канскиот филмски фестивал. Како Филмски фонд, а потоа и како Агенција за филм, Македонија уште одамна закупува штанд на филмскиот маркет што го дели заедно со повеќе земји од Југоисточна Европа, а каде што ја промовира нашата земја, нашите автори и новите филмски проекти. На маркетот вообичаено се одржуваат средби, работилници, состаноци, панели на разни теми, проекции, претставувања пред студија, пред продуценти и селектори, заради промоција и вмрежување, што спаѓа во редовна работа на сите филмски фондови во светот. Впрочем, филмските маркети затоа и постојат.
Во рамките на тој индустриски дел годинава бевме присутни на 27 едиција на програмата „Продуценти во движење“ (во која досега се имаат претставено голем број македонски продуценти), што ја организира платформата „Европска филмска промоција“ за време на Канскиот фестивал, со цел вмрежување за промовирање и поддржување на младите европски продуценти. Во оваа програма годинава влезе Ивана Шекутковска, која беше продуцент на успешниот македонски филм „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски. Програмата се состои од тоа што ги комбинира претходно одржаните онлајн сесии со четиридневната програма која ЕФП ја организира за време на фестивалот на лице место во Кан, што секако го олеснува и овозможува поврзувањето, запознавањето и работните средби.
