Филмот на Котевска веќе ниже успеси уште пред светската и северноамериканската премиера на претстојните фестивали, 82. Венеција и 50. Торонто. Зад „Силјан“ застана дистрибутерскиот гигант од Англија, „Догвуф“, кој го нарече филмот „кинематографски дијамант“, додека музиката ја работат композитори од креативниот универзум на еден од најголемите филмски композитори во светот, Ханс Зимер
Пишува: Сунчица Уневска
„Чест е по втор пат да се соединиме со Тамара Котевска, која се чини повторно на светот му подарува кинематографски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите низ целиот свет“, изјави Оли Харботл од англискиот дистрибутерски гигант „Догвуф“ (Dogwoof), што ги откупи светските права за интернационална продажба на новиот документарен филм на Котевска, „Силјан“ (The Tale of Silyan), кој својата светска премиера ќе ја има на претстојниот 82. Венециски филмски фестивал (27 август до 6 септември).
Како што пишува во прес-соопштението, „Догвуф“ е позната компанија која најчесто ги дистрибуира современите документарци што биле номинирани или ги освојувале најпрестижните филмски награди во светот, како „Оскар“ и „Бафта“. „Догвуф“ беше дел и од приказната на „Медена земја“ и ова е нивна втора поддршка за Тамара Котевска и верба дека филмот следната година може повторно да влезе во трката за овие и другите значајни филмски награди.
Како што веќе пишувавме, Тамара Котевска со својот нов филм „Силјан“, кој е длабоко вкоренет во македонскиот фолклор, влезе во втората по важност програма во официјалната селекција на Венецискиот филмски фестивал, „Out of Competition“, во која годинава се вклучени исклучително големи авторски имиња.
Но, она што е ново е дека по Венеција филмот на Тамара ќе ја има и својата северноамериканска премиера односно „Силјан“ е селектиран во главната документарна конкуренција на 50. Филмски фестивал во Торонто, кој ќе се одржи од 4 до 14 септември.
„Режисерката Тамара Котевска, која беше номинирана за ‘Оскар’ за филмот ‘Медена земја’, раскажува приказна за односот помеѓу земјоделецот и белиот штрк, испреплетена со народните приказни во Македонија. Во својот дебитантски филм од 2019 година, Котевска успеа да го долови животот на пчеларката со зашеметувачка фотографија и таква трогателност, што сосема заслужено ѝ донесоа оскаровска номинација. Нејзиниот најнов филм, ‘Приказната за Силјан’, покажува дека нејзината дарба за раскажување станува уште посилна во прикажувањето на овој необичен и воодушевувачки нов предел во нејзината земја Македонија“, пишува на сајтот на фестивалот во Торонто.
Правата за Северна Америка ги обезбеди UTA Independent Film Group, а на продукцискиот тим му се приклучи и Concordia Studios. Продуцентката од ова студио, Кејси Мјурер, го изрази своето огромно задоволство што зад филмот застаната компанијата „Догвуф“, велејќи дека уште од првиот разговор со Тамара тие биле целосно за вклучување во овој проект. Таа додава дека Котевска е исклучителен талент и дека нејзината храброст, уникатна визија и безрезервна предаденост блескаат од секој кадар на „Силјан“. Инаку, во продукцискиот тим, заедно со „Конкордија“, се и „Ciconia Film“ и „The Cornershop“, додека продуценти се: Тамара Котевска, Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми.
Она од што и Тамара и целиот тим се особено задоволни, е што во филмот се вклучија и композиторите од креативниот универзум на еден од најголемите филмски композитори во светот, Ханс Зимер, што секако претставува уште едно признание за уметничкиот квалитет на филмот. Така, сега оригиналната музика ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хан Оукпарк, кои создаваат „длабоко емотивен и суптилно слоевит звук што дише заедно со кадрите, поддржувајќи ја тивката болка, нежноста и визуелната поетика на ‘Силјан’. Композоциите не само што го надополнуваат наративот, туку стануваат и посебен лик во филмот, невидлив, но длабоко присутен“, пишува во соопштението.
Веќе се знае дека „Силјан“е вистинска приказна со бајковиден пристап инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век, која, како што вели Котевска, успеала да ја најде во најзаборавените, најбогати и најживописни предели на земјата, каде што како низ совршено огледало се допираат животите на белите штркови и човештвото. Така настанува оваа реална бајка, која ги рефлектира човечките судбини и патеката по која се движи општеството. И само да додадеме, дека покрај Котевска, која е режисерка и продуцентка на филмот, фотографијата е на Жан Дакар, кој исто се јавува и како продуцент, а монтажер е Мартин Иванов.
А ќе завршиме со уште еден цитат од Торонто, кој вели: „Како документаристка Котевска работи со свој дијапазон на изрази, користејќи поезија наместо дидактичност. Постојат такви визуелни моменти кои се толку впечатливи што би можеле да се врамат како фотографија и да се стават во музеј. Така и нејзините фасцинантни ликови од вистинскиот живот делуваат како да се актери, но тоа не е глума, ниту дијалозите се напишани, туку само сме во рацете на вешт набљудувач. Приказната за Силјан има моќ да ни ги отвори очите и срцата за животите кои инаку би можеле да ги пропуштиме.“