Ова е четврти филм на Милчо Манчевски селектиран во програмата на големиот Филмски фестивал во Токио, кој има А-категорија. „Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат, лута сатира и суптилна поема за брат и сестра, кои живеат на маргините на општеството. „Идејата за распродажба на народни херои на кило“, како што истакна продуцентот Јане Ќортошев, ги привлекла и странските копродуценти, а секако и можноста да работат со Манчевски

Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“ ќе ја има светската премиера на 39. Меѓународниот филмски фестивал во Токио на 30 октомври. Филмот е вклучен во натпреварувачката селекција на овој фестивал од А категорија.
Како што беше објавено на прес-конференцијата, Манчевски и дел од екипата на „Сестра, брат и шахта“ ќе продефилираат на црвениот килим на отворањето на фестивалот во Токио на 26 октомври (26 октомври до 4 ноември). А по премиерата на филмот на 30 октомври, која ќе се одржи во најголемата сала на фестивалот, предвидено е авторот и актерите да учествуваат во разговори со публиката и со јапонските и меѓународни медиуми. На 2 и 3 ноември закажани се уште две проекции на филмот.
„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат, лута сатира и суптилна поема за брат и сестра, кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој, во неповторливиот стил на Милчо Манчевски, отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како живеат и како се поврзуваат луѓето во современиот свет.
Манчевски е многу популарен во Јапонија. Тој беше првиот македонски автор што во 1995 година ги проби границите за македонскиот филм во Азија. После „Пред дождот“, тој беше повторно селектиран на токискиот фестивал со „Прашина“, а во 2022 година и со „Кајмак“. Продуцентот Јане Ќортошев изрази големо задоволство што македонскиот филм повторно ќе патува во Азија. Како што рече, пред сè, му се допаднала премисата на филмот – распродажба на народни херои на кило! „Брат и сестра крадат споменици и ги продаваат како старо железо. Па и шахти… Одлична идеја! Слични беа реакциите и на странските копродуценти, кои првенствено ги привлече приказната, потоа специфичниот јазик, но, се разбира, и можноста за соработка со Милчо.“

Режисерот Манчевски за приказната на филмот изјави: „Сестра, брат и шахта“ е остра сатира и нежен портрет на брат и сестра, кои со хумор и пркос се борат против едно корумпирано општество. Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата слепа баба“.
За предизвикот во градењето на ликот на Малина, Сара Климоска рече: „Нејзината сила и одважност ми беа јасни и неопходни во борбата да се преживее. Но, најтешко и најважно ми беше да најдам начин како ранливоста да произлезе природно од нејзината борба, а не да биде нешто што дополнително се глуми или нагласува. Ми беше важно таа ранливост да не ја направи Малина слаба, туку напротив, да ѝ даде сила да го штити својот брат“.
Во создавањето на улогата на братот Виктор, Филип Трајковиќ, вели дека почувствувал радост и среќната страна на постоењето. „Неговиот оптимизам и верба дека луѓето, сепак, се добри и чесни, е единствениот рецепт за вистинска среќа. Кога секоја постапка е водена од чиста љубов, не можеш да се осудуваш себеси дека си направил нешто зло. Тогаш можеш да се радуваш на сè што имаш, колку и да изгледа банално и неважно во очите на другите“, додава тој.
„Светската премиера на новиот филм на Манчевски, ‘Сестра, брат, шахта’, во Токио е уште една голема можност македонскиот филм да биде претставен пред меѓународната публика и филмската јавност“, вели Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм, и додава дека Агенцијата за филм, во координација со екипата на филмот, ќе ја поддржи светската премиера во Токио, како и активностите поврзани со неговата промоција и претставување во земјава и во странство.

За само една година Манчевски сними два филма, долгометражниот документарец „Добри луѓе“ и играниот филм „Сестра, брат и шахта“. Ова е редок случај во светската кинематографија и уследи дури откако судот ја спречи незаконската забрана на неговите филмови.
Агенцијата за филм одобри поддршка за „Сестра, брат и шахта“ во 2022, но потоа незаконски го забрани филмот затоа што Манчевски пријави корупција во Агенцијата. Неговите наводи ги потврди и Антикорупциската комисија. Тој тужеше и доби две судски пресуди против Агенцијата.
„Добри луѓе“, кој Манчевски самиот го финансираше и чии приходи во целост одат за Кочани, доби едногласни пофалби во земјава и во странство: „Варајети“ го нарече „потресен портрет на општествениот колапс“, според „Синеуропа“ тоа е: „непоколеблива медитација за тагата, преживувањето и тврдоглавата милост на човечката солидарност“, а во „Filmkommentaren“ пишуваше: „немам зборови со кои би го опишал овој документарец на македонскиот мајстор Манчевски.“
Освен нашата Агенција за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Главните улоги, покрај Климоска и Трајковиќ, ги играат: Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски и др. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција, директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија, додека костимографијата е на Жаклина Крстевска. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје.