Сан Себастијан: На границите на животот

post-count icon
10.11.26

Додека кризите на надворешните шпански граници продолжуваат да ја преокупираат земјата, Сан Себастијан (18 до 26 септември) повторно ја славеше врвната филмска уметност. Главната награда, „Златна школка“, му припадна на британскиот режисер, ветеранот Мајк Ли, за неговата суптилна, но моќна социјална драма „Tender Loving Care“, со која прави трогателна посвета на секојдневниот хуманизам, макар и во мал обем, во светот што се соочува со превирања

Специјален дописник за Филм Плус

Пол Каценбергер

Малку е веројатно дека некој што деновиве размислува за Шпанија, прво ќе помисли на „Балерман“ во Мајорка или на Коста Брава, наместо тоа, мислите првенствено се насочени кон нестабилната ситуација во енклавата Сеута, која при крајот на јули беше преплавена со 60.000 незаконски мигранти од Мароко. Се вели дека илјадници марокански бегалци сѐ уште се престојуваат во импровизираните засолништа за итни случаи на градската плажа. На 18 септември државната телевизија RTVE извести дека дошло до немири, кога шпанската полиција се обидела да ги премести мигрантите од градската плажа во привремениот прифатен центар на пристаништето. Телевизиските снимки покажуваа ситуација што се закануваше да излезе од контролата на безбедносните сили.

Истиот ден (18 септември) беше отворен 74. Меѓународен филмски фестивал во Сан Себастијан, Шпанија, иако сцените на другиот крај од Шпанија беа светлосни години далеку од она што се случуваше во северноафриканскиот пристаништен град и неговите сиромашни населби на плажите на „Трамполин“ и „Бенитез“. Сите кои бараа префинет гламур навистина уживаа тој ден во баскиското приморско одморалиште – не само поради природниот шарм на местото и пријатните температури на крајот од летото, туку и поради ѕвездената атмосфера која се создаде околу искусниот германски режисер, Вернер Херцог, на кого му беше доделено признание за животно дело.

Во Сан Себастијан копното и водата се среќаваат создавајќи единствена убавина. Уште во времето на „Бел епок“ тоа ја привлекувало шпанската и европска аристократија, која го збогатила ова летувалиште со величествените градби, како што се хотелот „Марија Кристина“ и театарот „Викторија Јуџинија“, кои и денес зрачат со класична елеганција.

Темната страна на латиноамериканскиот сон

Сепак, за време на филмскиот фестивал, величествената атмосфера не можеше да го прикрие фактот дека Шпанија и овде станува магнет за мигрантите од Глобалниот југ. Во бројните градски барови беше речиси невозможно да се избегнат уличните продавачи од Африка, кои се обидуваа на минувачите да им продадат евтин накит или други ситници.

Таа реалност се одрази и на програмата на еден од најзначајните европски филмски фестивали од А-категорија, кој по важност е веднаш зад оние во Кан, Венеција и Берлин, и во ист ранг со фестивалот во Локарно. Шпанија денеска се смета за земја, која под владата на Педро Санчез, оди спротивно на трендот во ЕУ – за воведување на построги закони за миграцијата и релативно лесно дава дозволи за работа и престој на мигранти, кои живеат во земјата илегално.

Фактот дека мигрантите во Шпанија не живеат удобен живот, беше очигледен во драмата „Пепел во устата“ („Ceniza en la boca“) на мексиканскиот режисер Диего Луна, кој илустрираше во колкава мера миграцијата во земјата е обликувана од заедничкиот латиноамерикански јазичен простор.

Филмската адаптација на истоимениот роман на мексиканската писателка, Бренда Наваро, од 2022 година, ја раскажува приказната за братот и сестрата од Мексико, Лусила и Диего, кои се селат во Мадрид за да живеат со нивната мајка. Таа веќе осум години работи во Шпанија без регулиран престој и досега го издржува семејството од далечина. Оваа драма моќно ја истакнува суровата реалност, со која, всушност, се соочуваат бегалците во Шпанија: несигурни работни услови и отуѓување во семејството, изолација и бирократијата околу илегалниот престој, придружени со психолошкиот товар на започнување од почеток во странска земја.

Минливоста на животот како централна тема

Тоа ги потврди сомневањата, дали либералната имиграциска политика во Мадрид би можела да ги поттикне лажните очекувања меѓу мигрантите. Бидејќи, она што Наваро и Луна го опишуваат, би можело да биде најдоброто можно сценарио за кое мароканските бегалци во Сеута сонуваат. Наместо тоа, десетици од нив, според американската организација за човекови права AMDH, платија со своите животи за нивното бегство преку морето, односно, обидот за масовен влез во енклавата однесе најмалку 141 животи.

Сепак, смртта е дел од животот и надвор од екстремните ситуации, што годинешниот Филмски фестивал во Сан Себастијан јасно го покажа: третина од 18-те филма кои беа во компетиција за главната награда „Златна школка“, беа фокусирани на конечноста на животот, што неизбежно ги поттикна фундаменталните прашања.

Како на пример, во филмот на отворањеро, „Ghost Song“, прославениот германски режисер Фатих Акин, открива сосема нова страна од себеси, припишувајќи го тоа на недостатокот на одговори, кои сѐ уште не ги нашол. Досега, неговите филмови, „Со глава во ѕид“ (2004) и „Златна ракавица“ (2019), континуирано ги истражуваа темите како: меѓугенерациска траума, кризата на идентитетот и културните конфликти во рамките на социјалниот реализам.

Излет на Фатих Акин во метафизичката сфера

Иако дејствието на филмот „Ghost Song“ е повторно сместено  во заедницата на мигранти во Хамбург, оваа драма раскажува метафизичка љубовна приказна за загубата и копнежот, која ги надминува границите на реализмот: дваесетгодишната Фараша (Мариам Давуд) умира истата ноќ, кога таа и Фарис (Ерен М. Геверсин) ќе се вљубат еден во друг на прв поглед. Сепак, Фараша успева во текот на 40 ноќи да му се појавува на Фарис во неговите соништа.

Во филмот Акин се бави со реални општествени прашања низ бегалското искуство на Сиријката Фараша и сложеното миграциско потекло на Фарис, Германец со турско потекло, кој растел без татко. Но, метафизичките простори во филмот поставуваат многу пофундаментални прашања за животот: Што значи смртта за оние кои остануваат на овој свет? Како се држат до својата надеж? Каде лежи смислата на понатамошното постоење?

Во Сан Себастијан, Фатих Акин, објасни дека неговата одлука да го збогати реалистичниот современ свет со натприродни елементи, за првпат во „Geister“, произлегува од границите во разбирањето со кое се соочува: „Доаѓа момент кога, теоретски, јас не можам повеќе да напредувам во поглед на сфаќањето на состојбата во светот. Вообичаените ‘изми’ едноставно веќе не функционираат, формулата за нивно разбирање: вештачка интелигенција, трансхуманизам…, не можам да најдам смисла во сето тоа. Затоа се запрашав дали можам да раскажам приказна каде што вообичаената рационалност, физика, гравитација, две, три, четири, пет димензии повеќе не важат“.

Последна шанса за спознавање

Со филмот „Лошиот татко“ на Роберто Буесо, фестивалот претстави уште еден филм од главната програма, во кој главниот карактер се обидува да поттикне еден вид будење кај своите најблиски, пред да дојде крајот на неговиот живот. Сантјаго Балмес (Едуард Фернандез), истакнат научник и писател, боледува од тешка болест и непосредно пред Божиќ, ги повикува неговите три деца да поминат неколку дена со него во старата семејна куќа на брегот.

Проблемот е што децата веќе со години се отуѓени од својот татко, бидејќи Сантјаго го напуштил семејството поради друга жена. Поканата станува емоционално исцрпувачко искуство за сите, за време на кое старите рани се отвораат повторно, а на површина излегуваат недоразбирањата и чувството на вина, додека во исто време се создаваат и комични, апсурдни, но и нежни моменти.

Филмот, кој вешто балансира помеѓу трагедија и хумор, со длабоко разбирање на семејната динамика, прикажува како може да дојде до длабоко вкоренета болка во односите помеѓу родителите и децата, како и меѓу браќата и сестрите, а притоа да не мора нужно да се работи за некаква голема злонамерност. Сантјаго не е никакво чудовиште, туку емотивно непредвидлив маж што се обидува да ги поправи работите за кои можеби веќе е предоцна. Кој не се нашол во таква ситуација?

Заробена во рутината

И во турскиот филм од натпреварувачката програма, „Она што останува“ на Јесим Устаоглу, смртта поприма значење за живите додека тие трагаат по својата вистинска суштина. Триесетгодишната поетеса Елиф живее во Истанбул со нејзиниот маж Мехмет и нивниот помлад син Селим.

Во таа безлична метропола, Елиф се чувствува заробена во рутината, мајчинството и ограниченоста на градскиот живот. Нејзината улога на мајка и паѓа тешко, иако многу се грижи за Мехмет и Селим. Нејзината поранешна креативност пресушила, и еден ден таа едноставно ќе отиде сама во природа, без цел, без план, водена единствено од потребата да може да дише повторно.

На своето патување низ Анадолија, Елиф ќе сретне три жени, од кои секоја и помага на различен начин, физички, емотивно и духовно. Пејзажите, природата, светлината, тишината, и спознавањето – ново за неа – дека нејзината баба, која била свирепо убиена, водела среќен живот во селото, и овозможуваат полека да се најде самата.

Што останува кога ќе оставиш сѐ зад себе

Додека Елиф е на пат, Мехмет, кој предава на конзерваториум, патува со Селим во пристанишниот град Трабзон за да му пружи поддршка на својот татко, кој е на умирање. Таму е принуден да се соочи со старите семејни трауми и почнува да ги трансформира звуците во природата во својот роден крај во авангардна музика – што е одраз на неговата внатрешна преобразба.

„Она што останува“ („Artakalan“) е филм за она што го оставаме зад себе кога сакаме да посегнеме по промените. Понекогаш долгите развлечени секвенци на т.н. „роуд муви“ изгледаа како исфорсирано стилско средство, но добро се вклопуваа со огромниот товар на егзистенцијата која понекогаш им се наметнува на луѓето. Тема која, исто така, се појавува и во другите филмови во конкуренција, како, на пример, мрачната нео-ноар драма „Граница“ од Кина или истоимената филмска адаптација на значајниот роман на Кнут Хамсун, „Плодовите на земјата“, од 1917 година.

Триумф на суптилноста

Сепак, главната награда, „Златна школка“, му припадна на филм, кој се карактеризира со релативна ненаметливост и кој е вкоренет во секојдневието. Во социјалната драма „Tender Loving Care“ искусниот британски режисер, Мајк Ли, ја раскажува приказната за лондонските социјални работнички Ејми (Кејт О’Флин) и Рози (Елис Бејли Џонсон), кои живеат заедно и се борат со типичните предизвици на нивната професија, како истоштеност и борба да се заштити сопствениот мир и интегритет. Кога таткото на Ејми, Џеф (Пол Џесон), ќе заболи од деменција, професионалниот притисок на двете жени, кои се во средината на четириесеттите, дополнително се зголемува.

Ли, добитник на „Златна палма“ во 1996 година во Кан за неговата семејна драма „Тајни и лаги“, хероините во својот филм не ги прикажува со драматично претерување, туку како кревка заедница поврзана со солидарност, фатена помеѓу дневните обврски и баналните трагедии на средното доба – тивок, прецизен портрет на светот во кој хуманизмот опстојува, макар и во мали размери.

Оваа година, Филмскиот фестивал во Сан Себастијан гледа онаму каде што недостигаат одговори и нѐ потсетува што е навистина важно во соочувањето со тешкотиите и минливоста.