Кон: „Убиј ги прво децата“, режија: Димитар Оровчанец, сценарио: Димитар Оровчанец и Александар Русјаков, улоги: Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски, Стефан Спасов, Александар Ѓоргиески, Адриан Азири, Анастас Тановски, фотографија: Владимир Самоиловски, монтажа: Софија Самоиловска, музика: Игор Василев Новоградска, Македонија 2024
Пишува: Сунчица Уневска
Жанровскиот филм во поновата кинематографија кај нас е многу малку застапен, прво затоа што имаме проблем со познавањето на филмскиот занает, а второ и заради тоа што имаме многу мала продукција. Како што веќе одамна зборуваме, одлично е и потребно младите автори да се испробуваат во тоа, а не да почнуваат со некои фантазии и експерименти, бидејќи токму жанровскиот филм може да го избруси познавањето на јазикот на филмот, а и дава далеку поголеми можности особено во поглед на созревањето на авторите. Интересно е дека дури и големите филмски фестивали во последно време сè повеќе во конкуренција ги ставаат жанровските филмови, и тоа (како што се покажува) не секогаш поради квалитетот, туку многу повеќе поради провокацијата, уривањето на границите и поигрувањето со сето она што во поглед на формата се подразбира под жанровски филм.
Но, да се вратиме на поводот за сето ова, а тоа е новиот македонски филм на Димитар Оровчанец, кој направи добар жанровски филм што не случајно својата светска премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Сараево. Бидејќи дебито на Оровчанец, „Убиј ги прво децата“, е акциона комедија која е забавна, носи свежина, зафрканции, носи игра, носи откачени (пародични) идеи при што на двете спротивставени страни ги става децата односно младите и криминалното подземје, кое веќе само по себе треба да донесе урнебесни ситуации. Уште на почетокот би кажала дека она по што овој филм се издвојува, со сите свои мани и доблести, е познавањето на филмскиот јазик, за разлика од грото македонски филмови направени последниве децении, кои се дел од тој т.н. современ македонски филм (независна македонска кинематографија).
Имено, она што најмногу фали кај нас, а што сме го посочиле многупати, е токму (не)познавањето на филмскиот занает, поради што и често сме говореле и говориме за филмското образование во нашата земја и за тоа дека нашите автори, и од помладата и од малку повозрасната генерација, не го владеат занаетот и тоа е видливо особено во филмовите направени токму изминативе три децении. Дури и кога имале добри приказни или идеи, рализацијата, за жал, била многу далеку од замисленото, Но, овде е обратно, Оровчанец го владее занаетот и оваа комедија е доста доследно раскажана, иако, како што веќе пишувавме по премиерата во Сараево, му недостига длабочина и општествено значење, што на филмот би му дало поголема смисла и поента.
Голема штета, бидејќи иако филмот се гледа во еден здив, на истиот начин и се заборава. А се гледа во еден здив затоа што е смешен, добро ја води нарацијата, доследно на својата замисла, се следи и успева да те заинтересира, без оглед на предвидливото. Иако е јасно (што за ваков жанр е и очекувано), со оглед на целиот контекст, па сепак, има во него ликови, заплети, изненадувања, штосови, има откачени идеи кои на моменти делуваат хаотично, ироничен е и забавен, па донекаде го зголемува и очекувањето…
Слободно може да се каже дека е така и со визуелниот дел, со музичкиот и со самото темпо на филмот. Тој игра на картата на контрасти и тоа е добро, затоа што навистина делува откачено, игра на картата на изненадувања во поглед на ликовите, и тоа знае да биде забавно, а умее да внесе и мали, ситни штосови, кои само ја зголемуваат забавата. Иако, мора да признаам дека има и доста банални работи, кои се баш карактеристични за нашите филмови, на кои не знам зошто им е важно да нагласуваат некои вулгарни муабети без никаква причина, веројатно мислејќи дека ќе бидат посмешни, но за жал, тоа знае да делува и доста инфантилно. Таа болка ја има и кај Оровчанец и е сосем непотребна, но факт е дека оваа акциона комедија се разликува од она што сме го гледале досега, и покрај тоа што и таа ги има многуте карактеристични проблеми (или стапици) кога се работи за македонските филмски автори.
Но, да се вратам на визуелното, кое делува освежувачки и многу симпатично. Тоа и го подига нивото, бидејќи освен со низата ситуации, тој самата нарација ја доловува и со визуелниот јазик, со ефектната монтажа и музика и навистина успева да ве фати и да го изгледате без здив. Се обидува и да урне одредени стереотипи, но и да си поигра со некои врежани сфаќања. Всушност, на целиот филм му дава една нота на зафрканција и на иронија, така што не е во судир сам со себе (што исто така е карактеристика на нашите режисери), кај него нема претенциозност, ниту умисленост дека прави нешто којзнае што, кај него нема некои предубедувања со кои сака да покаже нешто што не е. И тоа е добро, затоа што е искрен во целата наивност која го карактеризира филмот, а што сосем одговара на неговата идеја. И по тоа далеку се разликува од пристапот на домашните автори.
Што се однесува до улогите би рекла дека изборот на тројцата млади актери кои се носители на главните ролји е исто така одличен и неверојатно точен. Некако, Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов се стопуваат со Матеа, Мартин и Ѓорѓи, како со својот хабитус, така и со својата исклучително природна игра, пристапувајќи им искрено, со цело срце и со голема посветеност, што во суштина и го носи целиот филм. Но, доста добар е и изборот за споредните улоги, успева Оровчанец да направи добар колорит, одбира актери кои се баш со мерка вклопени во нивната ролја, без оглед дали мала или голема.
Има една компактност во филмот, темпото е ефектно, идеите се надополнуваат една со друга, дури има и ситуации во кои може да се препознаете, особено што самиот филм, како што се потрудил Оровчанец, извира од нашето поднебје. Па, дури и кога има претерувања, и кога има исмевање со врежаните мислења, и кога има одбивни или симпатични карактери, и кога има одредена доза на умисленост или занесување, кое е далеку од вистинските подземја, но секако адекватно со замислената пародија. Така што, во многу филмот е направен со вистинска мерка, со голем влог во тоа да се игра со стереотипите, а сепак да се обидете да ги избегнете. Има во него и сцени или како што често велиме посвети на филмовите на Тарантино, на „Евтини приказни“ или „Убиј го Бил“, има и откачени ликови и ситуации, односно докрај сатирични, но во рамките на она што е наше милје, а кои потсетуваат на делата на Гај Ричи. Но, тоа е направено свесно и забавно, без претензии, и затоа и се вклопува.
Така што, овој нов македонски филм можебо боледува од многу слични болки со филмовите од последниве триесет години во македонската кинематографија, но и се разликува. Сепак, минува некои граници, покажува дека занаетот го учел на друго место и ги познава законитостите важни за успешно филмско дело. Она што му недостига е длабочината, значењето, вредностите на кои не успева да асоцира, и покрај сатиричното, иако подлога за тоа има, а примери колку сакаш и тој е свесен за тоа. Но, тоа бара веројатно еден малку поинаков сценаристички пристап за работите да не останат на ниво на забава. Вака, „Убиј ги прво децата“ останува првенствено акциона комедија која се следи, забавна е, урнебесна, го држи вниманието, ве поведува на тој ролеркостер, но кога сето тоа ќе застане не останува ништо. Штета, бидејќи филмот дава можност за тоа и ги има сите елементи за позади таа игра и забава да укаже, да порача, да проговори за тежината на некои работи кои умеат играта да ја направат уште посмешна, иако не е.
Сепак, ова е играно деби на Оровчанец, на кое за жал чекаше долги години, а факт е дека можностите и условите за продукција се многу важни за профилирањето на авторите. За тоа кај нас има многу малку можности и тоа е голем проблем. Оровчанец може да биде добар автор и да созрее во својата професија, но за тоа се потребни услови. Како и да е, оваа комедија очекувам дека ќе биде гледана, бидејќи е меѓу ретките вакви жанровски дела кај нас во кои можеме да се препознаеме, но без критиката, без длабочината, без допирот на моментот онаков каков што е, без порака и доза на критика, сето тоа останува само на ниво на добра забава. Што е навистина штета.