РЕЦЕНЗИЈА: Мајка Тереза: Портрет без цел и суштина

post-count icon
11.06.25

Кон „Мајка“, режија: Теона Стругар Митевска, сценарио: Теона Митевска, Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ, улоги: Нооми Рапасе, Силвија Хокс, Никола Ристановски, фотографија: Виржини Сен-Мартен, монтажа: Пер Киркегаард, музика: Магали Грисела и Флеминг Нордкрог, продукциски дизајн: Вук Митевски, Македонија/Шведска/Белгија/ Данска/Босна и Херцеговина 2025

Пишува: Сунчица Уневска

„Мајка“, новиот филм на Теона Митевска има голема амбиција, да проговори за една жена која буквално го обележи 20 век и која се претвори во своевидна икона во поглед на хуманитарната работа во светот, но поради својата популарност и во еден вид поп-икона која стана дел и од популарната култура.

Можеби, нејзиниот филм не е насочен кон тоа да зборува за нејзината големина или да и направи класичен портрет, но без оглед на тоа, кога правите филм за еден таков лик невозможно е тоа да го избегнете или од тоа да се дистанцирате. Важноста на Мајка Тереза во светски рамки е огромна, освен што ја доби Нобеловата награда за мир, таа е прогласена и за светица, така што зборувањето за нејзиниот лик неминовно го впива во себе сето тоа, сакале или не.

Теона Митевска се одлучува да направи навидум понезависен и послободен портрет на Мајка Тереза, кој таа го нарекува како панкерска верзија. Што точно сака да каже (читајќи ги, секако, и светските написи и рецензии) не сум баш сигурна, бидејќи не знам дали се однесува на Мајка Тереза или на режисерката, но тоа не е ни важно. Важно е дека во тоа нималку не успева, затоа што без оглед кој период од нејзиниот живот ќе го опфатите, па дури и без оглед на стилот, низ него секако треба да проговорите за она што е суштествено за ликот на Мајка Тереза. А тоа, како и да завртите е голема одговорност и, секако, голема амбиција.

Најважното прашање кое се наметнува откако ќе го изгледате филмот е што, всушност, видовме, што од овој филм допре до нас, на каков начин ја доживеавме Мајка Тереза и која е воопшто поентата на Митевска, односно која е целта за еден ваков тотално недоречен и безначаен портрет. По филмот нема ни емоција, нема ни еден поинаков агол кој би нè натерал нешто поразлично да видиме, да осознаеме или да научиме, не се наметнува ниту потребата за било што да размислите, за било што да разберете или на поинаков нчин да го сфатите и да го погледнете ликот на Мајка Тереза и она значење кое самото нејзино име денеска го наметнува. Која беше главната мисла, која е темата, содржината, суштината, за што всушност зборува овој филм. Навистина, мора да признаам дека е многу чудно кога ќе се соочите со филм за еден толку важен лик, а филмот не кажува ама баш ништо. Неверојатно.

Но, секако, да се осврнеме на оваа „панкерска верзија“ и да се обидеме да видиме што филмот впрочем носи во себе. Не станува збор овде за тоа како е направен филмот, да, визуелната автентичност донекаде ја има (со оглед на толку видливата наместеност), добро е снимен и монтиран, Нооми Рапасе како Мајка Тереза носи фантастична енергија и експресивност, а одлична е и Силвија Хокс.

Не се работи за тоа, туку за суштината, се работи за главното, суштественото прашање – каде е суштината. Филмот, и покрај сè, на крајот е празен, бидејќи некаде попатно ја изгубил или воопшто и ја немал поентата. Како што реков, кога правите филм за еден ваков лик не можете да пристапите површно и сензационалистички, невозможно е, тоа се гледа, филмот мора да има длабочина, мора да има цел, мора да има агол, мора да има став, мора да има есенција, мора да одговори на основните прашања – зошто и со која цел.

Овде, колку и да се обидувам, тоа не го гледам. Дури и во оние сцени во кои се труди да извлече некоја карактеристика правејќи го замислениот портрет, но, веќе во следната сцена, сама себе се побива, односно тотално е контрадикторна. Од една страна, на отец Фридрих му зборува за непотребноста на ѕидовите што ги одвојуваат од надворешниот свет, а од друга страна, кога се лути на девојчето поради нејзината непослушност ја носи надвор од капијата и ѝ се заканува со надворешниот свет???

Сестрите ги вика со броеви, а од друга страна има емпатија, на момети ја прикажува како сурова, но истовремено и човечна, дистанцирана, но и блиска, студена, но и топла. Ја прикажува како жена која не поднесува спротивно мислење и која умее да се одмазди кога ќе се почувствува нападната, но од друга страна и како самосвесна и полна со грижа на совест. Нејзините правила кои важат за сите подеднакво се исклучително строги и ограничувачки, а од друга страна на отецот му зборува како е заробена тука додека тој може да прави што сака бидејќи во манастирот владее патријархат итн., итн.

Ако зборуваме за оние човечки и природни состојби кои се однесуваат на сите нас, во смисла на периодите од животот кога сме се барале, кога сме ги преиспитувале своите ставови, кога се бориме сами со себе во поглед на целите што си ги поставуваме и можностите на нив да одговориме, сепак, ниту тоа не е оправдување. Бидејќи, преиспитувањето не го менува карактерот (барем не во суштина), ги менува одлуките, ги менува насоките, нè тера да погледнеме поинаку, да побараме одговори… Она холивудско спасување на сестра Агњешка е дури и смешно. За каква панкерска верзија овде зборуваме, можеби Теона си ја пресликува својата потреба за бунтовност, без оглед дали за тоа има потреба или не, без оглед дали е адекватно во одредена ситуација, без оглед кон што е насочено итн. Бидејќи, бунтовноста дефинитивно бара став. А ова е филм на флоскули и на многу празни одови.

Ова е филм со толку непотребни сцени, филм кој кажува, не раскажува. Најголемиот проблем со ваквите филмови е приказната (но онаа што делува органски, а не вештачки). Особено кога се работи за нешто кое, сепак, е грандиозно и нешто кое е преполно со значења. Токму тогаш е најпотребна приказната. Бидејќи, кога би имало приказна работите би течеле живо и многу полесно би можело да се зборува за преиспитувањата. Не можете со дадени флоскули да зборувате за нечиј карактер или однесување или што и да е. Дали во манастир или не, животот тече и тоа мора да биде видливо, тоа мора да нè внесе во тој свет, да нѝ понуди приказна, човечна, со сите недостатоци и проблеми, со сите добри и лоши страни, приказна која во себе ќе ги исцрта, директно или индиректно ставовите за кои сака да зборува. Вака, овој филм не нуди ништо. За што да размислувате после вакви небулозни сцени, кои ја немаат поентата.

Ова е втор обид на Теона Митевска да зборува за Мајка Тереза, за жал, повторно промашен. Првиот беше во телевизиската серија „Тереза и јас“ кој не беше дистрибуиран, а според мене и подобро, бидејќи имав впечаток дека повеќе зборува за себе отколку за Мајка Тереза. За вакви филмови е потребно искуство, но и несебичност. Морате да мислите на ликот за кој зборувате, а не за себе низ ликот. Тоа е толку видливо. Не е проблемот во бесмислената „панкерска“ верзија, не е проблемот во музиката, имало и почудни и понеобични споеви кои можат совршено да функционираат ако знаете што сакате да направите.

Но, зошто воопшто една ваква верзија? Зошто да се зборува за нешто толку важно, а да се нема што да се каже. Важна е целта. Мора да знаете каде одите и зошто. Приказната, како што реков, треба да биде органска, да биде суштински поврзана. Структурата е замислена добро, да, ќе се осврне авторката на оние седум дена кога Мајка Тереза чека одговор од Ватикан за да може да оформи свој ред, Сестрите на милосрдието, кој ќе биде доста успешен и кој постои и денес и тоа во многу земји.

Но, дури и структурата ќе падне, бидејќи тие седум дена се претопуваат едни во други во својата бесмисленост и безначајност. Таа нема што да каже, само нафрлува, нафрлува мисли, ситуации, настани, сцени. Да, има во Мајка Тереза страв, ја прогонуваат халуцинации, но сето тоа е исилено, еднонасочно, неврзано, неврзано во суштинска смисла.

Мајка Тереза и целата онаа колоритност, која во многу нешта е наместена, заслужува многу повеќе. Многу повеќе од еден празен портрет, од предвидливост, од баналност, од сцени на кои им е толку видлива намерата, од обид да се биде шокантен, не знаејќи каде тоа води. Сценариото Митевска го потпишува заедно со Елма Татарагиќ и Гоце Смилевски, па сепак, во него го нема основното, ја нема приказната или да речам, природноста. Митевска често умее да го прави тоа, да прави филм од флоскули, во недостаток на приказна која би требало да резултира со пораки, со течение, со дејствие, со замисли кои би ја имале својата вистинска целовитост (заокруженост).

Не можете да зборувате за Мајка Тереза, за која се знае толку многу на ваков празен начин, напротив, мора да се најде аспект, да се создаде приказна, да се има развој, природно течение кое ќе нѝ раскаже или ќе нè соочи со некое гледиште од нејзиното живеење, од нејзиното битисување или работа, што ќе каже нешто, што ќе нè натера да ги видиме работите со други очи и да осознаеме една толку богата суштина со сите нејзини доблести и мани.

Во „Мајка“, покрај Рапасе и Фокс, игра и Никола Ристановски, на кого за жал оваа улога воопшто не му е адекватна и во неа е тотално безличен. Филмот додека го гледате го држи вниманието, најмногу заради глумата на Нооми Рапасе, која едноставно е неверојатна, која умее да понира во ликот без оглед на сите негови недостатоци. Фотографијата е одлична и има на моменти интересни визуелни решенија. И, за жал, тоа е се. Филмот за Мајка Тереза само по себе толку многу најавува, а не нуди буквално ништо. Празно и тотално неважно, тотално безначајно, без одек и без суштина. Го заборавате до следниот агол. Колку жално.