РЕЦЕНЗИЈА: Кога песот и човекот стануваат едно

post-count icon
10.22.26

Кон „Срцето на ѕверот“, режија: Дејвид Ајер, сценарио: Камерон Александер, улоги: Бред Пит, Џ. К. Симонс, Ана Ламбе, фотографија: Мауро Фиоре, музика: Џаред Мајкл Фрај, монтажа: Доди Дорн, САД/Нов Зеланд/Канада 2026 година

Пишува: Сунчица Уневска

Во срцето на Алјаска, во прекрасните, бескрајни, одушевувачки, таинствени предели се одигрува една толку обична, но истовремено и толку необична приказна за животот. Приказна која по својата силина ги допира најдлабоките чувства, а која по својата надворешност е толку едноставна, толку обична, толку непретенциозна, иако во себе ја носи сржта на живеењето, па и на преживувањето, ако сакате. Бидејќи, животот сам по себе, можеби, не бара жртвување, но за да ја достигнете онаа полнотија по која сите копнееме, бара посветеност, посветеност на целта, на идејата, на борбата, на начинот на живот, бара посветеност на себе, на своите верувања, но и на другиот, зашто без него би биле како „лист на ветрот кој трепери во ноќта“. Посветеноста ја дава смислата, а верноста и љубовта го буди она најблагородното во нас, пожртвуваноста. Така некако се исцртува, но и затвора оној животен круг, без клишеа, без премногу шаблони и фрази, следејќи ги чувствата и својата безрезерва предаденост кон суштината.

Кога го гледате филмот „Срцето на ѕверот“ не можете, а да не размислувате на тој начин. Бидејќи, тоа е филм на чисти емоции, на таква приврзаност која се создава со години, на таква бесценета припадност која ве одредува, на таква чиста љубов која ве исполнува, тоа е филм за убавината на пријателството кое нема граници, пријателство во кое се брише границата меѓу „ѕверот“ и човекот, зашто тие се стопуваат во едно, исти се емоциите, исти се чувствата, иста е љубовта, посветеноста, подготовката за жртва, борбата да се спаси другиот без оглед на себе. Затоа и таа љубов одушевува, не само затоа што се работи за човек и куче, туку затоа што срцевината на нештата прави да не ги гледате границите, не затоа што не се гледаат, туку затоа што ги нема.

Целата оваа „дива“ природа е толку совршена, толку неистражена, толку недопрена, толку суштествена, што овие двајца пријатели со неа некако неверојатно се вклопуваат. Има тука слики од кои ви застанува здивот, не само поради уникатните пејзажи, туку токму поради пејзажите кои овие две толку фасцинатно поврзани суштества така ги надополнуваат што во нив можете да ја почувствувате целата убавина, но и целата онаа безграничност и подготвеност со неа да се стопат, соочувајќи се со животните предизвици, па какви и да се тие.

Има некоја таква бестрашност во сето тоа, такви фотографии во кои едноставно уживате, се претопувате, во кои ве преплавуваат емоции, фотографии кои можат да бидат и фатени во времето, и бесмртни, и такви дадени како што се, но и фотографии кои на моменти внесуваат немир, очекување, па и страв од непознатото, во кое овие двајца бестрашни припадници на специјалните сили немаат никаков проблем да се впуштат. Такво длабоко е тоа разбирање меѓу нив и таа неизречена комуникација, која е толку силна и толку видлива што ги буди сите сетила. Такви длабоки и топли се очите на песот додека е во прегратка на неговиот соборец Џејмс, кога го смирува по страшните соништа. Соништа, што како флешбекови ги мачат овие двајца ветерани, кои поминале сѐ и сешто во војната, и најлошото и најблагородното, и она суровото што ќе се вкорени во нив, а сепак толку интензивно ќе ја продлабочи таа врска и љубов што ја чувствуваат еден за друг.

Алјаска, предели за кои на никого не му е гајле, иако во нив има нешто бесценето, неспоредливо со било што друго – тишината. Така ќе рече неговиот краткотраен сопатник Воткинс, кој веднаш ќе препознае дека Џејмс е војник, поради неговиот „смирен, но строг поглед“. Воопшто не се чудни овие разговори, бидејќи тоа е еден поинаков вид на луѓе, луѓе кои во оваа тишина слушаат многу повеќе отколку било каде, луѓе кои се претопуваат со оваа „дива“ природа која во себе неспоредливо ги крие оние суштински, често заборавени нешта. Додека Џејмс ќе возврати дека во неговиот „луд, оптимистичен поглед“ гледа човек кој трагал по злато, човек кој рударел и кој и понатаму на свој начин тоа го прави. Па, сепак, Воткинс беше вчудовиден од таа поврзаност на Џејмс и неговиот пес Один, иако на крајот ќе им ја остави книгата во која го потцртув пасосот за љубовта што животното, и покрај сѐ, ја развило кон луѓето. Имаше меѓу нив некое можеби миговно, но толку суштинско разбирање, на луѓе кои ја разбираат тишината, на луѓе кои ја чувствуваат поврзаноста, а сепак самотијата е она што целосно ги исполнува.

Филмот е направен извонредно, во секој поглед, иако долго време бил на црната листа за избор на сценарија, сценарио кое го лајкувале, но долго не се реализирало. Веројатно, како и сѐ друго, и тоа го барало своето време и вистинските луѓе. Фотографијата буквално занесува, и со боите, и со прекршувањето на светлината, и со тие неистражени предели кои делуваат како карпести сложувалки, но и со начинот на кој го прави спојот. Во нив е вградена и љубовта, и пријателството, и целата таа лиричност на пејзажот и на припадноста, правејќи ода, не само на животот, туку претворајќи ја во нешто возвишено кое не е така едноставно како што изгледа, не заради надворешните предизвици, туку заради длабочината што ја поседува, длабочина која во нас го буди неразбуденото, недофатливото, непрепознаеното. Одлична глума на Бред Пит, а и кратката епизода на Џ.К. Симонс, како и фантастично природно доловената врската меѓу човекот и песот, иако Один, всушност, го играле дури 4 германски овчари.

Заедно со музиката, со звуците, со сите искушенија, ова е филм кој не се заборава. Филм кој нуди нежност и благородност, нуди суштина и предизвик, нуди такви премрежиња кои ве исправаат пред прашањата за сопственото осознавање. Нуди таква слика на поврзаност, на припаѓање, на жртвување за другиот, на немерливост во посветеноста, на нешто со таков интензитет кој навистина ретко се среќава. Филмот им е посветен на илјадниците кучиња кои во војната спасиле над илјада војници, кучиња што со нив ги поминале сите стравотии. Така некако режисерот ќе успее да ги фати и очите на овој преубав пес додека со својот стопан заедно се борат со дивината, со ѕверовите, со опасностите, но и затоа на таков начин ги доживуваат тие неверојатни експлозии од бои на небото, немирот на водата, додека заедно одат на мисии, макар и во мир, бидејќи мирот не е во нив, туку во нас. А нивните мисии не завршуваат никогаш, зашто таа испреплетеност трае, тоа нивно заедничко битисување е секогаш исправено пред испит, оној животниот, оној испит кој никогаш не завршува.

Ти си најголемата радост на мојот живот, ќе му рече Бред Пит, наредникот во пензија, на неговиот пес. Песот за кој се грижи и додека умира, плашејќи се за неговиот недооден пат, стравувајќи дали ќе успее да го згрижи и да му го обезбеди барем на крајот она што го заслужува. А тој ќе го чека, кога ќе му дојде времето.

Каква приказна, бесценета, неверојатна, толку суштинска, толку силна, толку болна и прекрасна, толку топла и толку чиста. А пределите на Алјаска не можеа да бидат подобриот нејзин визуелен израз, бидејќи непрегледноста, природата која опива, боите што зборуваат, тишината која открива и боли, оној разговор меѓу нив кој го гледате, иако не го слушате, тоа се нешта кои само ве потсетуваат на животните мудрости, на оние можеби пропуштени или заборавени мигови што во себе ја кријат најдлабоката суштина.

Ова пријателство помеѓу ѕверот и човекот, оваа неверојатна поврзаност, срцето на ѕверот и на човекот кои понекогаш се стопуваат во едно без оглед дали во стравотиите на војната или во мирнотијата на природата, за никогаш да не се разделат. Зашто тоа се срца преполни со такво внимание и самопожртвуваност, со таква непоколебливост и бестрашност, која единствено таа „дива“ и подеднакво питома природа може најдобро да ја изрази и почувствува, но и да ја доближи до нас, потсетувајќи нѐ дека големото срце нема граници, без оглед на настаните, на времето, на местото, без оглед дали се гледа крајот. Неговата длабочина, несебичност и емоција може само да биде поголема, ако умееме во тој бескрај да ја видиме, и поинтензивна, ако умееме во таа тишина да ја препознаеме.