Кон: „Аматер“, режија: Џејмс Хоз, сценарио: Кен Нолан и Гери Спинели (според романот на Роберт Литл), Улоги: Рами Малек, Лоренс Фишбурн, Рејчел Броуснехан, Холт Мекелени, Џон Бернтал, Кетриона Балфе, фотографија: Мартин Руе, монтажа: Џонатан Ејмос, музика: Волкер Бертелмен, САД 2025
Пишува: Сунчица Уневска
Филмот „Аматер“ на Џејмс Хоз веројатно беше замислен како еден поинаков шпионски трилер, како филм кој влегува во таков заплеткан свет, за кој неговиот протагонист всушност не е подготвен, но и како филм кој би имал повеќе нивоа, бидејќи неговата единствена цел не е ниту шпионажа, ниту елиминирање, туку љубов, болка и достоинство, онаа емотивна состојба која може да ве доведе до работ во опсесивната желба да се истера правдата.
Овој филм, според содржината и книгата на Роберт Литл, би требало да даде една поинаква слика за тој свет на шпионажа, па и тероризам, би требало да изненади, да донесе неверојатни акции и пресврти, да го пронајде незамисливото во луѓето тогаш кога ќе се соочат неиздржливата загуба, онаква која умее сосем да ви го промени животот, но и вас самите. Интересно е дека веќе има една верзија на овој филм од 1981, и тоа канадска, со извонредни актери, како што се: Џон Севиџ, Кристофер Пламер и Марта Келер, чија најава бомбастично вели дека првите 11 минути ќе ве шокираат, додека последните ќе ве заковат за стол. Имено, тоа и е идејата на еден ваков филм кога „аматерот“ треба да се соочи со тренирани убијци, но воден од емоциите и болката мисли дека е непобедлив.
Кога сето тоа ќе го прочитате вака, тоа навистина звучи како филм кој, секако, треба да се види, како филм кој е сосем нетипичен за шпионските филмови, како филм кој ги става заедно двете работи кои никако не треба да се мешаат, чувствата и шпионажата. Па, сепак, тоа е нешто со кое секој човек би можел да се поистовети, би можел да се пронајде, да разбере, да сочувствува, па дури и кога е бесмислено, и кога е нелогично, и кога е невозможно. Кога нè води љубовта и болката секој од нас мисли дека може да оди докрај, но не и во светот каде што тие не се дозволени. Згора на тоа, аматерот бара брза обука за да може да се соочи, ни помалку, ни повеќе, туку со меѓународни платени убијци, односно со луѓе кои немаат никакви скрупули за во своите терористички акции да преземат сè што е потребно…
Да, еден таков филм, кога би бил добро направен, сигурно би можел и да шокира и да не закове за стол. Впрочем, не случајно сите ги сакаме тие филмови, бидејќи, некако, носат сатисфакција, особено кога болката е толку голема. Но, за таков филм, иако приказната е всушност „едноставна“, па и шаблонизирана, потребен е мајстор, автор кој ќе може да ја долови таа напнатост, таа непромислена трка и борба на живот и смрт, автор кој ќе умее да ја пронајде вистинската атмосфера, да ги исцрта односите и ликовите, точно и реално да проговори за стварноста, за лудоста и за невозможноста. А особено автор, кој ќе нè натера да се соочиме со истото чувство, но и постепено ќе проговори за световите што не случајно живеат паралелно еден покрај друг, односно за световите, кои не се испреплетуваат, барем не во реалниот свет. Е, сега, ако целта е да се направи фантазија која ќе го задоволи нашето чувство на љубопитност и нашата желба за одмазда, која за да се изведе бара многу среќа и многу неиздржани ситуации, кои на крајот нè оставаат на дистанца, тогаш добро, бидејќи, како и да е, тоа е невозможната реалност.
Навистина, има многу шпионски филмови кои делуваат толку нестварно, но многу е важно која е целта и елементите што таа цел ќе ја остварат. Сме се забавувале многу со бесмртниот серијал за Џемс Бонд, уживавме дури и во продолженијата на филмовите за Џејсон Борн, или во шпионската комедија „Вистински лаги“ итн., итн. И сето тоа функционираше. Зошто? Затоа што е многу важно, впрочем како и во животот, да си го знаете местото, односно авторите да знаат што прават и каде и како сето тоа треба да се води или да се смести.
Во „Аматер“ на Џејмс Хоз, сепак, работите се доста измешани, иако филмот е правен повторно според романот на Роберт Литл (но, во „Аматер“ од 1981 тој е и сценарист, додека сценариото овде го потпишуваат Гери Спинели и Том Нолан). Во овој филм јасно е што треба да се случи, јасно е дека границите немаат врска со вистинските, па сепак, реализацијата си оди по замислениот пат, по некоја шема која не држи, со други зборови, авторите како да не и се дораснати. Познато е дека едноставните филмови е и најтешко да се направат, затоа што ја бараат вистинската мерка. Мерка во што? Па, впрочем, во сè. Во начинот на однесување, во дијалозите, во реакциите кои се толку неприродни, во барањето и очекувањето дека нешто може туку-така да се оствари без оглед на подготовките, способностите, без оглед на реалноста. Но, не е така, ништо не може да се направи затоа што е така замислено, дејствието треба да го водат протагонистите, треба да го водат добро замислени ликови, чии постапки ќе имаат смисла, па дури и кога тоа делува невозможно.
Интересно е, секако, кога еден криптограф односно декодер во ЦИА ќе се обиде да го одмазди убиството на својата жена, особено затоа што се работи за човек кој е секогаш во позадина, кој знае многу и е натпросечно интелигентен, но никогаш не бил во борба, ниту пак убивал. Филмот се обидува настаните да ги објасни низ таа призма, односно да ги оправда со неговата умешност и интелигенција, бидејќи тие се неговите предности, но тоа е направено толку безживотно, толку предвидливо, толку однапред инсценирано, каде што кога ќе загусти помага среќата…
Многу погрешно, бидејќи авторите го заборавиле контекстот, а тоа значи дека сето тоа мора да се вклопи и ликовите мора да ги доживееме како живи, а не напишани. Во филмот има одлични актери, но глумата е неадекватна, бидејќи тие ликови и не се тоа што треба да бидат, во него нема ни вистински дијалози, нема борба, ниту онаа лична која те тера на очајни постапки, го нема оној простор во кои се среќаваат овие два сосем различни света, простор кој ќе ги донесе вистинските емоции, кои би можеле, барем донекаде, да успеат да нè внесат.
Вака, остануваме надвор. Вака ни одмаздата не е тоа што треба да биде. Чарли Хелер повеќе пати повторува дека жена му е важна и дека мора да се одмазди, дека нејзиниот живот не беше залуден. Но, тоа не е нешто кое треба да го правиме така графички, тука не зборуваме за кодовите, овде не станува збор за декодирање, ниту за шифри, ниту за тајни. Тоа треба да е животот, оној загубен, оној живот кој повеќе никогаш нема да се врати, кој наеднаш остави таква празнина, оној живот во кој не направивме толку работи, во кој наеднаш го загубивме тлото под нозете, живот кој навистина заслужува достоинствено заминување и сеќавање.
Во „Аматер“ некако сè е аматерско, па дури и ликовите, иако има актери со извонреден талент, аматерски се и разговорите и начинот на кој работите се движат, дури и ритамот е погрешен, бидејќи е толку неприроден, односно напишан и одигран, без да се внесе живот во него, а така е и со боите. Животот, макар и во шпионските филмови, макар и во фикциите, и во филмовите кои треба да нè забавуваат, но и индиректно да нè соочат со некои реални вистини, треба да биде опиплив, треба да биде доживеан, треба да ја долови длабочината, длабочината на болката, на емоцијата, на загубата. Без тоа, не можеме да му веруваме.
Не се битни ниту умешноста, ниту интелигенцијата и снаодливоста, не, особено кога личат на графичка новела. Сè што е битно е да се долови светот, да допре до нас, да нè шокира или закове, дури и кога тоа е нестварно, а сепак да успее да нѝ ја пренесе напнатоста, очекувањето, стравот и барањето правда.
Да, и ние сакаме животот да биде важен, и ние сакаме луѓето да не бидат сведени на бројка, и ние сакаме да се бориме со оние невидливи духови, кои мислат дека манипулацијата и целта ги оправдува средствата, и ние сакаме да навлеземе во тие навидум невозможни паралелни светови, и ние сакаме да ги пробиеме, да ги разурнеме, да ги прекинеме, да продреме од другата страна. И ние сакаме да веруваме дека тоа е возможно. Инаку, за каква мисија овде станува збор, ако таа не умее да ја фати суштината. Но, аматеризмот и баналната предвидливост, течението и дејствието во кои нема живост, го убиваат сето она што филмот веројатно го замислил и требало да го долови. „Аматер“ останува запретан во својата амбиција без никаква можност да ја оствари комуникацијата со себе, а камоли со гледачот.