Кон „Оутрун“, режија: Нора Фингшајт, сценарио: Нора Фингшајт и Еми Липтрот, улоги: Сирша Ронан, Саскиа Ривс, Папа Есиеду, Стивен Дилејн, фотографија: Јунус Рој Имер, монтажа: Стивен Бешингер, звук: Крис Арагон, Велика Британија/Германија 2024
Пишува: Сунчица Уневска
„Оутрун“ е филм за болката. Тоа е филм за оној немир со кој не можете да се соочите, немир што ги одредува нашите постапки само за да можеме да го поднесеме. Како да се живее со нешто кое не ви дава спокојство, со нешто што ве прави незадоволни, со нешто кое бара повеќе, но не знаете што да направите за да престане да боли.
Тој очај умее да ве однесе во ќор-сокак, умее да ве однесе до некои граници кои не сакате да ги поминете, граници кои ве тераат да бидете тоа што не сте, па попрво би се повредиле самите себе отколку да продолжи таа агонија. Но, повредувањето не застанува тука, тоа ги повредува сите околу нас, а особено оние што ги сакаме, кои пак, се обидуваат да нѝ помогнат и да нè заштитат од самите себе. И сè така во круг, се додека…
Не е воопшто лесно да се живее со таква болка во себеси, не е лесно да се поднесува тој немир, не е нималку лесно кога, воопшто, и не знаете каде да го најдете излезот, ниту каде да го барате. Рона е прекрасна девојка, која тој мир никогаш и не го почувствувала, бидејќи на тие шкотски изолирани острови, каде што бурите и водите се неверојатни немирни, некако се чини тоа е всадено и во луѓето. Таа така и пораснала, гледајќи го својот татко (со биполарно нарушување), кој верувал дека може да го скроти ветрот, кој на моменти правел неверојатни лудости или, пак, бил целосно игнорантен кон неа, додека често била сведок на тоа како го одведува полицијата која мајка ѝ ја вика, тогаш кога станува невозможно.
Тоа не се непознати ситуации за неа, немирот бил тука отсекогаш, терајќи ја да се бори со некои духови, со некои митови врзани за тој „мистичен“ остров Оркни, со некои приказни всадени длабоко во неа, терајќи ја да ја бара симболиката, терајќи ја да се помири со неприпадноста, исто онака како што тие диви предели ништо не може да ги скроти.
Се обидува Рона честопати да се поистовети себеси со сите тие природни феномени со кои е опкружена, со сите тие митови и нордиски легенди, кои се нераскинлив дел од неа. И покрај дивоста и немоќта, таа е подготвена во нив да го препознае и да го бара значењето на светот, да ја бара смислата, да ја води комуникацијата со оние фоки, за кои се верува дека навечер кога е мирно морето и кога излегуваат на површина може да се лизнат и да се претворат во човек. Но, потоа, тие постојано се обидуваат да се вратат и ако не успеат остануваат несреќни, затоа што водата е светот на кој му припаѓаат. Така се чувствува и таа, како откорната од светот на кој му припаѓа, осамена, несреќна, неприспособена, така се чувствува додека талка низ пустите предели, низ пустите нејзажи, но и низ своите мисли заглавени некаде таму во подводната пештера каде што во тие народни преданија сè и започнало.
Неверојатна е фантазијата со која таа го опишува светот на кој му припаѓа, свет див, тмурен, бесен, неумолив, но во нејзините раскажувања неверојатно живописен и полн со значења, па сепак, тоа не е доволно за да ги скроти нејзините пориви, да го скроти тој гнев што го чувствува, да го задуши тоа незадоволство кое ја јаде. Во еден момент, на пријателот со кој ќе се запознае на групната терапија ќе му рече дека не може да биде среќна кога е трезна. Но, алкохолот во кој ја бара утехата, никогаш и не бил решението, туку како и сите зависности, само почеток на проблемите. А проблемите ќе станат такви што ќе биде принудена да бара излез и да го напушти Лондон, враќајќи се на својата фарма, враќајќи се на тој т.н. Оутрун (дел од крајбрежјето на врвот на фармата каде што тревата е секогаш ниска, поради ударите на ветрот и постојаното морско прскање) каде што го помина нејзиното детство.
Соочувањето, велат, дека е една од патеките во лечењето, но дали е така, дали соочувањето со болката и сите оние прибежишта во кои верувала како мала, можат да ѝ ја донесат утехата и да ја натераат да сфати дека природата и не е возможно да се скроти, а не е ни потребно. Бидејќи, токму во тоа и е убавината, во нејзината бујност, која ве тера да ја видите таа моќ, тој интензитет, да ја видите непредвидливоста, безумноста, сè додека не се смири, за по некое време повторно да почне со уште поголема силина. И токму во тие ерупции и се крие нејзината вештина да ги исцрта најубавите можни слики, кои никогаш не наликуваат една на друга, слики кои ја даваат единствената перспектива кон природата, но и кон животот, која не се повторува и која никогаш не може да биде иста.
Алкохолизмот, зависностите, испадите, повредувањата на себе и на другите, нескротливиот карактер ќе ѝ го уништат животот на Рона, барем така изгледа, кога буквално по десет години во Лондон ќе го допре дното. Што и останува кога ќе стане неподносливо, освен единствената можна опција, да се врати онаму каде што сè започнува, или дури и во многу поекстремни услови, за да може да се види од поинаква перцепција, за да може да ги оживее повторно оние митски суштества и приказни, за да може целата енергија која умее да експлодира, слично како што научила во својот дом, сега да научи да се носи со неа или барем да се обиде да ја скроти.
Има убавина понекогаш во ритуалите во кои уживаме, има убавина во некои мали, прекрасни мигови, кога на брегот по бурата ќе најдеме некои предмети во кои се кријат толку приказни, или кога во топлината на домот ја гледаме бурата со целиот хаос што го создава, додека се обидуваме да го најдеме мирот во зборот или во едноставното правење леб. Се чини многу полесно Рона може да се вклопи онаму каде што припаѓа, каде што препознава, и каде што е разбрана, многу полесно е понекогаш и да сте во невозможни услови, отколку на некои прекрасни гламурозни места (на кои ќе алудира сопственичката на куќата кога таа ќе отиде на островот Папу). „Да, ќе рече Рона, и затоа што е скапо“, иако е свесна дека многу повеќе е затоа што животот и мирот се уште поскапи.
Нејзината мајка уште одамна ќе се обиде мирот да го бара во Господ, уште одамна додека се обидува да им помогне на сите, иако, како што вели Рона, молитвите не помагаат. Не, ништо не може да помогне додека не допрете длабоко во себе, за да ја пронајдете онаа таинствена комуникација која толку лесно може да ја воспостави со фоката. Зошто? Затоа што фоката знае, затоа што умее така ненаметливо да ја провре главата надвор и да ве повика, бидејќи така ги бара звуците и топлината што ѝ овозможуваат да ужива во тоа свое природно живеалиште.
„Оутрун“ е приказна за болката. Болката која токму германската режисерка Нора Фингшајт се чини фантастично умее да ја донесе на платното. Го паметиме нејзиниот исклучителен филм „Надвор од системот“, кој доби Награда за иновативност во Берлин и уште многу други признанија. Таа умее да го види невидливото, умее и во тој филм да комуницира со невозможното, да ги бара одговорите онаму каде што другите се плашат. Таа и беше фантастичниот избор за овој филм направен според наградуваната автобиографска книга на шкотската новинарка Еми Липтрот, која во филмот се вика Нора, исто како што беше неверојатен изборот и на Сирша Ронан за да го донесе овој карактер со таква тежина, со таква болка, со такво чувство на немоќ, со таков безизлез и живописност во раскажувањата, низ кои се обидува да ја пронајде својата вистинска припадност или природа. За нејзината автентичност во филмот и самата Липтрот ќе рече дека на моменти се чувствувала како таа да ја глуми Сирша, а не обратно.
„Оутрун“ е прогласен за најгледан филм на Нетфликс (пуштен е оваа година во февруари и во март), кој ја имаше својата светска премиера на фестивалот во „Санденс“, а потоа и европската во Берлин. „Оутрун“ е филм кој не е лесен за гледање, особено ако не можете да ги дофатите нејзините мисли или нејзината болка. Тоа не е едноставно, тоа е толку комплексно, толку предизвикувачко, толку силно, кое умее да ви ја доближи бурата на неверојатно растојание само за да ве потсети дека природата никогаш не може да биде поинаква, таа е немирна, дива, таа е толку различна и непредвидлива, таа носи во себе таква моќ која може да ве обземе, неочекувано, ненајавено, невозможно.
Бурите се таква појава која зборува за „лутината“ на боговите, односно за онаа лутина која лесно го наоѓа патот до талкачот, но не и излезот. Затоа талкањата во темнината се опасни, бидејќи мирот може лесно да се загуби кога не се гледа патот, а потоа е многу тешко да се врати, дури и кога се гледа. Патот е секогаш поплочен со многу провокации, со многу стремежи, со многу посакувања, затоа борбата со нив никогаш не смее да ѝ биде препуштена на случајноста, ниту на „природата“ која со целата своја моќ умее така да ги замагли и испреврти работите, за потоа да не можете да го пронајдете, не само излезот, туку ни самите себе.