„Белиот штрк во мојата татковина е митско битие. Моето детство беше исполнето со древни приказни за овие величествени птици. Она што некогаш беше мојот детски свет полн со фантазија, денеска е инспирација за овој филм“, раскажува Котевска за весникот „Данас“. Премиерата на „Силјан“ во Србија се очекува со голема возбуда, што се гледа од бројните написи и инспиративни текстови. „Приказната за Силјан е поетска ода за човечката издржливост и за поврзаноста со природата“ или „Во средиштето на ова визуелно раскошно и емотивно остварување се наоѓаат човекот и белиот штрк, кои заедно градат необична приказна за миграциите, природата и опстанокот“…

„Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска денеска ќе го отвори реномираниот Белградски фестивал на документарни и краткометражни (играни, анимирани и експериментални) филмови, кој ќе се одржи од 21 до 27 септември во Домот на младите во Белград. Всушност, ова е посебна година за познатиот Мартовски фестивал, кога станува збор за двојно 72/73. издание на фестивалот кое ги обединува натпреварувачките селекции на филмовите одбрани во 2025 и 2026 година, со тоа што наградите ќе бидат доделени за секоја година посебно.

Но, она што секако е особено значајно за нас, освен што го отвораме овој седумдецениски фестивал, кој имаше, а и сѐ уште има значајна улога во развојот на овие филмски форми во регионот, е начинот на кој новиот македонски документарен филм на Тамара Котевска е најавуван во тамошните медиуми по повод неговата српска премиера. „Она што започнува како средба помеѓу човекот и повреденото животно прераснува во приказна која ги надминува границите помеѓу човечкиот и природниот свет. Силјан станува огледало на човекот – битие чиј природен миграциски пат е прекинат поради промените во светот што го опкружува. Низ таа интимна приказна за еден човек и еден штрк филмот зборува за големите современи теми: климатските промени, економските миграции, напуштањето на селата, отпорноста и тивката моќ на поврзувањето. Приказната за Силјан е поетска ода за човечката издржливост и за поврзаноста со природата“, се вели во една од фестивалските најави.

Како што пренесува „Данас“, потсетувајќи дека „Приказната за Силјан“ својата светска премиера ја имаше лани во Венеција, а северноамериканската премиера на фестивалот во Торонто, Тамара Котевска вели дека белиот штрк во нејзината татковина е митско битие. „Моето детство беше исполнето со древни приказни за овие величествени птици. Она што некогаш беше мојот детски свет полн со фантазија денеска е инспирација за овој филм“, раскажува Котевска.
Таа додава дека двете теми на кои им ја посвети својата филмска работа се: миграциите и заштитата на природата, а токму животот на белите штркови ги обединува овие две нејзини преокупации. „Приказната која ја раскажуваме има тон на бајка заснована на реалниот живот, а белите штркови стануваат совршено огледало на човештвото. Промените во нивното однесување претставуваат остро предупредување за насоката кон која одиме.“

Додека, директорот на фотографија и еден од продуцентите, Жан Дакар, истакнува дека за него оваа приказна е посебно важна, бидејќи и самиот е дете на мигранти и пораснал помеѓу различни земји и култури. Заедно со Котевска со години ги набљудувале и истражувале промените во миграциското однесување на белите штркови во Македонија, пронаоѓајќи сѐ посилни паралели помеѓу нивното и човечкото искуство.
Како што за „Данас“ вели Дакар, симбиотскиот однос што луѓето го имаат со белите штркови инспирирал безбројни митови и сказни. „Тоа е една од причините поради што одлучивме оваа приказна да ја раскажеме со визуелен стил сличен на бајката – со богати и експресивни слики.“ Како што веќе се знае, овој филм ја однесе Македонија за првпат на доделувањето на ЕМИ наградите во Лос Анџелес, каде што доби две номинации: за извонредната фотографија и за исклучителни заслуги во документарниот филм.

На овој препознатлив Мартовски фестивал, кој е впрочем и еден од најстарите филмски фестивали во Европа и во светот, традиционално се прикажува разновидна филмска програма во неколку натпреварувачки категории, и тоа: документарни филмови до 50 минути и над 50 минути, потоа експериментални филмови и видео-арт, како и анимирани филмови и кратки играни филмови. Во годинешната краткометражна меѓународна натпреварувачка програма вклучен е уште еден македонски филм, „Избор“ на Марко Црногорски.
Всушност, интересно е дека со овој филм утре започнува оваа програма, во која се селектирани филмови и од: Јапонија, Киргистан, Франција, Либан, Унгарија, Португалија, Бангладеш. Филмот „Избор“ имавме можност да го видиме лани на струшкиот филмски фестивал „Дримшорт“. Станува збор за филм што ја раскажува приказната за една мајка со мало дете, која поради новововедените рестрикции нема да може да го направи закажаниот абортус. Нејзиниот избор ќе ја однесе во светот на подземјето, при што сценаристите Црногорски и Јана Пауноска се обидуваат да проговорат за суровите последици во услови на едно такво рестриктивно законодавство во поглед на правата на жените.
И оваа година, како и многу години претходно, фестивалот носи избор од најновата домашна и светска продукција, од филмови на веќе афирмирани автори па сѐ до дебитантски остварувања, вкупно 39 филма од кои дури 26 ќе имаат премиера, светска, регионална или српска. На некој начин, тој е институција сам за себе, основан пред повеќе од седум децении, низ своите многубројни изданија несомнено испишуваше важен дел од историјата, како на домашната, така и на тогашната југословенска кинематографија, од кој често и Македонија беше дел.

Голем број од филмовите, и тогаш, а и денес, истражуваа хибридни форми, носејќи теми за истрајноста, за сеќавањето, за уметноста и за човечките избори, како и за миграциите, за односот со природата, за личните и колективни загуби. И годинава фестивалот нуди интересен избор, тргнувајќи од документарецот „Куќа меѓу ѕвездите“ посветен на историјата на театарот „Звездара“, потоа филмот кој го следи турбулентниот пат на Шабан Бајрамовиќ, кој станува светска музичка легенда, па американскиот документарец со наслов „Брзината на дистанцата помеѓу нас“, кој ги следи арапските и израелски родители што изгубиле едно или две деца и нивното соочување со животот по овие загуби итн., итн. Овој фестивал е буквално дел од историјата на овие простори, која ја испишува, но очигледно и ја создава. (С.У.)