Филмот „Една битка по друга“ на Пол Томас Андерсон се претвори во „повеќегенерациска американска сага за политичкиот отпор во земјата“. * „Грешници“ со наградата за првата жена – директорка на фотографија, ја испиша историјата. * Филмот „Марти величествениот“ со Тимоти Шаламе се претвори во најголемиот губитник на вечерта, од 9 номинации не доби ниедна. * Ветеранката Еми Мадиган го доби првиот оскар за споредната улога во „Оружја“, а Џеси Бакли е прва ирска актерка со оскар за главна женска улога во „Хамнет“
Пишува: Сунчица Уневска
Откачената и тотално неконвенционална црна комедија на Пол Томас Андерсон, „Една битка по друга“, сосем очекувано триумфираше со освоени шест статуетки на 98. Оскари, што се одржаа на 15 март во Долби театарот во Лос Анџелес.

Очекувано, иако по бројот на номинации во трката за оскарите водеше уште една сосем нетипична, овој пат натприродна хорор-драма, „Грешници“ на Рајан Куглер, која имаше дури 16 номинации, речиси во сите категории. Но, „Една битка по друга“, кој доби 13 номинации, сепак, ја однесе победата со оглед на одѕивот на гледачите и фактот дека се претвори во „повеќегенерациска американска сага за политичкиот отпор во земјата“.

Иако мора да се каже дека триумфот во многу му припаѓа и на „Грешници“, поради храброста, оригиналноста и откаченоста додека се занимава со доста значајни теми за американската историја.
Така, најголемиот број награди, шест, отидоа кај „Една битка по друга“, вклучувајќи ги и тие за најдобар филм, за адаптирано сценарио, за режија, па дури и за новата категорија, најдобар кастинг, додека „Грешници“ доби 4 награди, при што и за оригинално сценарио, за најдобра машка улога, но и за најдобра фотографија, со што буквално ја испиша историјата. Имено, Отм Дуралд Аркапо (Autumn Durald Arkapaw) е првата жена и наедно првата црна жена која добива оскар како директорка на фотографија. А главниот актер Мајкл Б. Џордан е шестиот црн актер кој освојува оскар за главна машка улога во оскаровската историја.

Со други зборови, 98. ноќ на оскарите помина буквално во знакот на овие два филма, иако имаше уште понекое изненадување. Но, сѐ на сѐ, наградите беа заслужени. Пол Томас Андерсон, кој нѐ одушевува со своите филмови уште од 1998 година, од незаборавниот „Буги најтс“, потоа „Магнолија“, „Ќе има крв“ итн., кои му донесоа повеќе номинации за оскар, конечно ги освои наградите и за режија, и за адаптирано сценарио и за најдобар филм. Како што самиот изјави, овој филм го напишал за своите деца сакајќи да ги поттикне на овој свет да му ја вратат човечноста и здравиот разум.
Всушност, тој втор пат го адаптира авторот Томас Пинчон, правејќи една извонредна сатира за денешниот свет во кој живееме, фокусирајќи се првенствено на параноичниот стил во американската политика. Успева Андерсон да создаде навистина уникатна бизарна црна комедија, во која си поигрува со многу нешта, покажувајќи ја политичката огорченост. И, некако, толку точно и со неверојатна луцидност исцртува многу необични ликови, си игра со контрареволуцијата, носи таква откаченост во тој фарсичен отпор, употребувајќи стриповски или повеќе сензационалистички пристап кој совршено одговара на моменталната состојба во земјата. Покрај споменатите награди, го доби и оскарот за најдобра монтажа, а му го донесе и третиот оскар и на актерот Шон Пен, за неговата карикатурална споредна улога. Со тоа Шон Пен стана четвртиот актер во историјата кој има освоено три оскари, заедно со: Дениел Деј Луис, Џек Николсон и Волтер Бренан.

„Грешници“, пак, донесе една друга свежина, потсетувајќи на урнебесниот филм на Квентин Тарантино, „Од самрак до зори“. И ова е еден вампирски трилер, една натприродна драма, но во која Рајан Куглер се осврнува на злото, допирајќи многу теми поврзани со расизмот, обичаите и традицијата. Визуелно импресивен, ова е жесток, акционен филм, кој не нѐ поштедува од ништо, додека прави раскошни карактери, проследено со жива музика и фотографија што ги обзема сите сетила, и покрај грозните сцени. Сосем заслужено Мајкл Б. Џордан ја освои наградата за главна машка улога, за двојниот лик односно улогата во која ги игра двајцата браќа близнаци. Тој го истакна своето задоволство и својата поврзаност со семејството, велејќи дека е тука поради луѓето кои дошле пред него и дека е фасцинантно што е во друштво со такви великани, како Сидни Поатје или Дензел Вашингтон.

Интересно е дека овие два филма, всушност, важеле за „аномалии во филмската индустрија“. Имено, тоа се високобуџетни, но далеку од комерцијални филмови, напротив, тоа се оригинални, лични приказни, сосем нетипични за времето во кое живееме. На тој начин и гледал „Ворнер брос“ на нив, сметајќи дека ќе загуби, бидејќи тоа не се филмови по денешен вкус, па студиото веќе и ги затвори вратите. Но, како што излезе, овие филмови се претворија во вистински добитници во ова време кога студијата затвораат и кога сѐ повеќе е на цена вештачката интелигенција, носејќи, како што велат, „нова надеж“.
По овие два филма, најмногу награди доби психолошкиот хорор „Франкенштајн“, направен според делото на Мери Шели, во кој овој легендарен лик овој пат го игра Џејкоб Елорди. Филмот имаше 9 номинации, а доби три оскари, главно во техничките категории, односно за шминка, за продукциски дизајн и за костимографија. Но, Елорди понесе и номинација, како и Гилјермо дел Торо за неговото адаптирано сценарио.

По девет номинации имаа и американскиот „Марти величествениот“ на Џош Сефди со Тимоти Шаламе во главната улога и норвешкиот „Сентиментална вредност“ на Јоаким Трир. За жал, филмот на Сефди се претвори во најголемиот губитник на вечерта, бидејќи од 9 номинации не доби ниту една награда, додека „Сентиментална вредност“, кој дефинитивно заслужуваше многу повеќе, доби една награда, онаа за странски филм или како што денес се вели, интернационален филм. Ова остварување заедно со бразилскиот „Таен агент“ имаа по две номинации за најдобар филм, и во главната категорија, а и во категоријата за неанглиско јазично подрачје. Јоаким Трир, кој има зад себе одлични филмови, како „Телма“, „Најлошиот човек на светот“, зборуваше за својата пасија кон филмовите, во кои често се занимава со дисфункционалноста во семејството. На крајот тој го цитираше Џејмс Болдвин, сакајќи да се осврне на сето лудило во кое живееме: „Сите возрасни луѓе се одговорни за децата, да не бираме политичари кои за тоа не водат сметка“.
Наградата за главна женска улога, како што беше и очекувано, за првпат ја доби ирска актерка, извонредната Џеси Бакли, која улогата на Агнес Шекспир во „Хамнет“, сопругата на големиот писател, ја игра со неверојатна болка и сензитивност.

Едноставно, се знаеше дека триумфот ќе биде нејзин, бидејќи навистина е редок начинот на кој таа успеа да допре до срцевината на најдлабоката тага, и до најсилните зборови кои неа би можеле да ја изразат. Џеси Бакли зборуваше дека има многу Ирци во публиката, на кои Ирска им го платила патот. „Ја посветувам оваа награда, рече Бакли, на прекрасниот хаос што го носи мајчиното срце“. Им се заблагодари на родителите што ја научиле дека не треба во животот да ја дефинираат очекувањата, туку способноста сами да ја обликуваме сопствената страст. Режисерка и сценаристка на филмот е Клои Жао, во чиј филм „Земја на номадите“ беше наградена Френсис Мекдорманд, докажувајќи дека нејзината вештина како автор и во работата со актерите не е нималку случајна.
„Хамнет“ имаше осум номинации, но и тој, како и „Сентиментална вредност“ освои само една награда. Па, сепак, ова се филмови кои оставија силен впечаток. Без ниедна награда завршија уште три филма што имаа по 4 номинации, и тоа: бразилскиот „Таен агент“, „Треин дримс“ и „Бугонија“, додека „Формула еден“ на Џозеф Косински од 4 номинации освои еден оскар за најдобар звук.

А она што беше големо изненадување, но сосем оправдано и со големи овации прифатено од сите, беше победата на ветеранката, 75-годишната Еми Мадиган во категоријата за споредна женска улога во уште еден натприроден хорор, „Оружје“, во режија на Зак Крегер. Еми Мадиган има долгогодишна успешна кариера и важи за одлична карактерна актерка. За жал, досега само еднаш била номинирана за оскар, исто за споредна улога во филмот „Два пати во животот“, каде што игра покрај Џин Хекман, Елен Бернстин и Ен Бенкрофт. Во овој филм го игра ликот на лошата Гледис, која има специфичен застрашувачки изглед, кој ќе ја инспирира почетната сцена на оскарите, кога водителот Конан О’Брајан ќе ги претстави филмовите токму протрчувајќи и влегувајќи во нивните сцени заедно со исчезнатите деца од филмот. Годинава трката во оваа категорија беше силна и се очекуваше дека победата ќе ја однесе младата Теана Тејлор од „Една битка по друга“, но изборот на Еми Мадиган и од самата Тејлор беше извонредно прифатен.

Најинтересни моменти на доделувањето на наградите беа изведбите на двете песни, наградената „Голден“ од филмот „К-Поп Ловци на демони“, како и „Те лажев“ од филмот „Грешници“. Всушност, она што е најзабавно е што долгометражниот анимиран филм „К-Поп Ловци на демони“, кој победи во оваа категорија, веќе се претвори во културен феномен и во најгледан филм на Нетфликс, кој има над 325 милиони прегледи. За оваа музичка точка, која беше визуелно раскошна, носејќи ја убавината и традицијата на Јужна Кореја, гостите во салата добија златни светлечки стапчиња со кои мавтаа за цело време, бидејќи тоа е неизоставен дел од таа т.н. к-поп култура и секогаш присутен на концертите на јужнокорејските музичари. Додека, „Те лажев“ имаше исто така многу добра изведба, кон која се приклучија многумина рекреирајќи ја т.н. игра на генерацијата од филмот. При крајот се приклучи и американската балерина Мисти Копланд, која жестоко го критикуваше Шаламе за неговата изјава дек на никого не му е гајле за операта и балетот.

Оваа изјава беше доста користена и од страна на водителот Конан О’Брајан, кој уште на почетокот рече дека осигурувањето овој пат е многу силно дека би можеле да упаднат незадоволните оперски и балетски изведувачи. Политиката не беше нешто многу присутна, иако О’Брајан на моменти ќе вметнеше нешто, како тоа дека ова доделување на наградите особено е битно во вакви времиња на насилство и непријателство, со што и оддаваме признание на глобалната уметност и ја славиме разновидноста и оптимизмот. Не изостана ниту почеста за легендарните филмски имиња кои не напуштија минатата година, со посебна посвета на Роб Рајан, Дајан Китон, Роберт Дивал и Роберт Редфорд, од кого со многу емоции се прости Барбара Стрејсенд.

Инаку, шпанскиот актер Хавиер Бардем беше единствениот кој како презентер говорот го почна со: „Не за војната и Слобода за Палестина“. Штета што филмот на туниската режисерка Каутер Бен Ханија „Гласот на Хинд Раџаб“ за беспомомошното барање спас на малото палестинско девојче, заглавено во автомобил среде воените напади, не доби поголемо внимание, ниту награда. Но, очигледно барем се обиделе да докажат нешто ставајќи го во програмата. Повеќе заради форма, отколку, како што се виде, заради било каква суштина или порака.