ОМАЖ: Џин Хекман – Едноставен, но брилијантен

post-count icon
03.01.25

По смртта на Џин Хекман во Санта Фе, Ново Мексико, каде што беше пронајден заедно со својата сопруга, Бетси Аракава, осамнаа многу наслови во кои го нарекуваат „легендата на Холивуд“. И иако на прв поглед не изгледа така, како и сè во неговиот живот и кариера, познатиот Попај е дефинитивно вистинска холивудска легенда. Не случајно неговите колеги ќе го испратат со зборовите: „инспиративен и величествен во својата сложеност; еден од гигантите на екранот; деликатен актер кој можеше да биде никој и секој со подеднаква длабочина и сериозност“

Пишува: Сунчица Уневска

Американскиот актер Џин Хекман (1930-2025) почина, но ако кај некого не можеше, воопшто, да се очекува ваква мистерија околу смртта, тоа секако би бил Хекман. Каква иронија! Човекот кој никогаш немаше, а искрено и немаше потреба од скандали во приватниот живот, човекот кој важеше за скромен, едноставен и нормален, една холивудска ѕвезда од сосема поинаков ков, завршува на ваков начин. Начин кој ја бранува фантазијата, но за жал, и начин кој го врти вниманието на друга страна, од онаа со која во овој момент би требало да се занимаваме. А тоа е неговата единственост и брилијантност како актер, актер кој ја одбележа втората половина на 20 век, но и т.н. нов бран во тогашната американска кинематографија.

Антихерој со несекојдневна харизма

А беше навистина единствен. Актер кој го немаше оној очекуван ореол на ѕвезда, иако самата негова појава веќе носеше ѕвездени мигови на екранот, затоа што немаше филм или сцена која не оставаше подлабока трага. Таков беше и самиот негов изглед, неговата појава и глума, која нималку не беше површна, дури и во филмови што не носеа некои подлабоки значења, сепак, неговата улога или лик секогаш имаше некаква длабочина, некаква тежина, некоја алузија која даваше друга суштина.

Некако, моќна беше неговата појава, имаше некаква харизма која го издвојуваше од сите други, неговото присуство носеше стабилност, доверба, силина, па дури и искреност, без оглед дали игра позитивен или негативен лик. Затоа и му верувавте. Но, она што е интересно, каква улога и да играше, тој не делуваше зол. Неговите негативни ликови не беа одбивни и страшни, не, неговиот шарм им даваше една друга нота. Тоа и го одбележа и го создаде она т.н. антихеројство, бидејќи докажа дека не мора секогаш да си херој, не мора секогаш да си позитивен лик, ниту убавец, за да ги плениш луѓето од екранот и за да бидеш поинаков, па дури и кога носи во себе нешто двосмислено или дури и дијаболично.

Можеше да биде и претседател и крадец

Џин Хекман остави голем опус зад себе во својата речиси четири и пол децениска кариера, иако започна релативно повозрасен и иако имаше огромен дијапазон на ликови. Се чини дека можеше да одигра сè, и секогаш да биде подеднакво уверлив и шармантен. Можеше со истата посветеност да биде детектив и затвореник, претседател и крадец, шериф и корумпиран адвокат, скитник и воен херој, шпион и заповедник на подморница, татко кој го брани семејството и човек кој нема никакви скрупули, оној што може да биде насилник, но и оној што се бори против насилството, можеше да биде ироничен, игрив, расипан, но и вљубен, и заштитник, човек кој некако секогаш беше на работ, но никогаш не падна од него. Зошто?

Затоа што никогаш не отиде на една страна, напротив, оставаше впечаток дека доброто не значи секогаш добро, ниту пак обратно, лошото не е секогаш негативно, понекогаш границите се поместуваат исто како и во реалниот свет, кој впрочем и никогаш не е црно-бел. Џин Хекман не се трудеше да биде ѕвезда, бидејќи тоа и не беше причината поради која е актер, тој сакаше во улогите да го пронаоѓа скриеното значење и да го донесе оној реален свет во кој ќе се препознаеме и во кој секогаш има дел од нас, затоа што животот ги носи бројните искушенија подеднакво за сите, како во животот, така и на платното. Оттука и неговото поигрување, и покрај целата негова стабилност и мудрост, а можеби и токму поради тоа, тој никогаш и не дозволи границите да добијат фаталистички призвук.

„Мета“ и „Без излез“

Има многу филмови во кои играше Хекман кои имаат култен статус, како „Француска врска“, „Разговор“, „Мисисипи во пламен“, „Непростено“, „Фирма“, „Гримизна плима“, „Државен непријател“ или „Ројал Таненбаум“, но меѓу стотината филмови што ги остави зад себе има и филмови за кои не се зборува толку или се подзаборавени, но во кои Хекман игра повторно брилијантно и кои се вистински „мали“ бисери.

Всушност, би се согласила со некои критичари кои рекоа дека тој навистина нема лоша улога, односно секоја негова појава на екранот е вистински бисер. А факт е дека тоа е толку многу ретко, има навистина големи актери, но на кои им лежеле одредени улоги, или кои ги паметиме по некои наслови, а другите слободно би можеле да ги заборавиме. Но, кај Хекман не е така, тој секаде остави трага. Едноставно, кога ќе видевте дека игра во филмот, веќе знаевте дека тоа ќе биде добар филм.

Паметам два филма што уживав да ги гледам кога бев млада и поради кои ми се чини посебно го засакав Џин Хекман, иако во едниот имаше позитивна, а во другиот негативна улога. Тоа беа „Мета“ на Артур Пен од 1985 година и „Без излез“ на Роџер Доналдсон од 1987 година, и двата многу возбудливи, забавни, мистериозни трилери кои оставаа без здив. Во „Мета“ Џин Хекман на почетокот игра доста мирен сопруг и татко, чиј син е младиот Мет Дилон, кој пак ќе биде многу разочаран што татко му нема да реагира така импулсивно, како што тој очекува, тогаш кога ќе исчезне неговата мајка (Гејл Ханикат). За потоа филмот да се претвори во нешто сосем друго, во шпионски филм кој станува сè повозбудлив и поинтересен како што се размотува приказната и се разоткриваат фактите околу неа.

Вториот, пак, е уште повозбудлив политички нео-ноар трилер, кој има урнебесно темпо во барањето на убиецот на младата и убава Шин Јанг, која му е љубовница и на младиот командант, кого го игра Кевин Костнер, и на министерот за одбрана, Џин Хекман. Тоа е трилер што ве закопува в место, додека Костнер е во трка со времето да се спаси себеси од обвинение, а министерот Брајс е студен и пресметан дотаму што жртвувањето за тој да биде спасен го смета за нормално. Но, Џин Хекман и во двата филма е импресивен и незаборавен, иако играат уште редица извонредни актери, меѓутоа начинот на кој успева да навлезе во психологијата на ликот, начинот на кој го наметнува темпото и успева истовремено да биде толку топол и пожртвуван во првиот, а толку суров и морничав во вториот, остава неверојатен впечаток. Навидум мали филмови, но исклучителни ликови, особено вториот, чија психологија едноставно вознемирува.

Од најнеталентиран до „инспиративен и величествен“

Таков беше Хекман ми се чини во секоја улога, мала или голема, умееше да донесе такви ликови, толку комплексни, толку длабоки, толку неверојатно жестоки, а сето тоа го правеше со некаков шарм, со некој кој по малку си поигрува, но не со ликот, туку со стварноста. Не случајно, тој останува дефиниран како карактерен актер што ќе го одбележи тој нов бран во американскиот филм.

Роден е како Јуџин Ален Хекман на 30 јануари 1930 година во Сан Бернардино во Калифорнија. Детството ќе го одбележат честите селења, проблемите и кавгите на неговите родители и начинот на кој татко му ќе си замине, мавтајќи му на негови 13 години, додека си игра. Како што ќе каже подоцна, тој миг му се врежал во сеќавањето, еден миг што може животот да ви го промени засекогаш, поради што и верува дека станал актер. Инаку, ќе помине многу, на 16 години им се придружува на маринците и ќе служи во Кина, на Хаваи и во Јапонија како радио-оператер, за потоа на радио станицата на својата единица да работи и како диџеј. Подоцна работел сè и сешто за да може да се издржува, се обидел да студира новинарство и телевизиска продукција, за на крај да се врати во Калифорнија и да се придружи на „Pasadena Playhouse“ со желба да стане актер. Таму ќе го запознае Дастин Хофман и интересно е дека и двајцата ќе бидат доживеани како аутсајдери и прогласени од нивните колеги за најнеталентирани актери.

Џими Дојл-Попај беше улогата што му ги отвори вратите

Кариерата ја започнува на 30 години, а првата позначајна улога ќе ја добие во мелодрамата „Лилит“, каде што игра со Ворен Бити и Џин Сиберг во 1964 година. Таа средба со Бити му ја носи можноста во 1967 да го игра неговиот брат во „Бони и Клајд“, Бак Бароу, за што ќе ја добие и првата номинација за „оскар“ за споредна улога. Набрзо, во 1970-та, го ангажира Гилберт Кејтс за улогата на универзитетски професор, вдовец, што ќе живее со неговиот татко кој станува зависен од него во „Никогаш не пеев за мојот татко“. За овој филм ја добива втората номинација за споредна улога, за веќе следната година за ролјата на детективот за наркотици, Џими Дојл – Попај, кој што прекар ќе го носи долго, во „Француска врска“ на Вилијам Фридкин, да го добие својот прв „оскар“ за главна улога. Тој филм ќе постигне голем успех, освојувајќи осум номинации и пет „оскари“ и, секако, ќе биде вистински „breakthrough“ за Хекман.

Следуваат неколку многу комплексни и психолошки филма, кои само ќе ја потврдат раскошноста на неговиот талент, како: „Страшило“ на Џери Шацберг, каде што игра бездомник, поранешен затвореник, заедно со Ал Пачино, потоа „Ноќни движења“ на Артур Пен, каде е приватен детектив, кој ќе се најде заплеткан во една многу посложена игра, па „Разговор“ на Копола, како параноичен експерт за прислушкување, па сè до „Еурека“ на Николас Рег, во кој повторно дава вонсериска улога како богаташ кој се плаши за своето богатство, но не знаете дали поголемата опасност е од таму или од неговите сопствени демони. Филмот „Мисисипи во пламен“ на Ален Паркер, каде што ја игра улогата на ФБИ агент ќе му донесе уште една номинација, а вториот „оскар“, само за споредна улога, го добива како садистичкиот шериф Литл Биг Дагет во „Непростено“ на Клинт Иствуд.

Гигант на екранот, кој можеше да биде секој и никој

Неговите колеги веќе му одадоа почест и сите се сложуваат во тоа дека Џин Хекман беше еден од најголемите актери. Така, Копола изјави дека заминувањето на голем уметник секогаш е причина за жалење и за славење, велејќи дека тој бил инспиративен и величествен во својата сложеност и дека жали за неговата смрт, но го слави неговото постоење и придонес. Додека Џорџ Такеи ќе рече дека тој бил еден од гигантите на екранот и дека можел да глуми било кого, дека можел да биде секој и никој, а зад тоа секогаш да го почувствувате целиот живот на тој лик. Клинт Иствуд, пак, вели дека немало поделикатен актер од него, интензивен и инстинктивен, кој никогаш не погрешил.

Искрено, уживав и во неговите улоги: „Тесен премин“ со Ен Арчер, во „Апсолутна моќ“ со Клинт Иствуд, во „Под сомневање“ со Морган Фримен и Моника Белучи, каде што уште еднаш ја покажува целата раскошност на својот талент, да одигра толку комплексна улога, која носи повеќе нивоа и емотивни обрти, кои дури на крајот го даваат целиот мозаик на неговиот карактер. Таков и беше и таков ќе го паметиме, полн со различни слики од животот, од работ, од врвот, од дното, таков ќе го паметиме, едноставен, нормален, шармантен, забавен, но пресилен во моќта да си поигра со карактерите, чии филмски приказни така лесно низ неговата игра можевте да ги пресликате во реалноста. Тој очигледно умееше да живее со нив, или како што вели да го види во нив она што не е запишано, она што не се гледа. Затоа и тој мозаик, што на крајот ја дава сликата, всушност, може да биде променлив, бидејќи различните делови испишуваат други приказни, приказни што тој нѝ ги носеше со таква леснотија и таква тежина, од која не е лесно да се ослободите, токму затоа што приказните секогаш можат да отидат и во друг правец, сè зависи од луѓето кои денес или утре стануваат дел од нив.