Мег Рајан и Џон Туртуро доаѓаат во Сараево

post-count icon
08.14.24

Годинешниот 30. Сараевски фестивал ќе ги донесе и Пол Шредер, Александар Пејн, Елија Сулејман, Нооми Рапасе, ќе направи многу посвети, на Абдулах Сидран, на Беким Фехмиу, ќе го прикаже босанскиот филм „Пукајте, јас и сега држам час“, ќе отвори повторно со оскаровецот Данис Тановиќ итн., подготвувајќи многу изненадувања. Македонија годинава е застапена со еден филм, „Прво убиј ги децата“ на Димитар Оровчанец во програмата „Open Air“, тука е повторно и Никола Ристановски, кој игра во српскиот филм „Меѓу боговите“, вклучен во главната програма, имаме и двајца претставници во „Таленти на Сараево“, како и претставничка во критичарското жири…

Пишува: Сунчица Уневска  

Јубилејниот 30. Филмски фестивал во Сараево, кој ќе трае од 16 до 23 август, ќе прикаже повеќе од 250 филма и ќе донесе некои од најважните авторски имиња на денешнината, но оние чиј опус го одбележува независниот филм, оригиналноста, интегритетот и, секако, неверојатниот талент и љубов кон филмот, но и чувството на филм да се донесат вистинските приказни и емоции, да се донесе вистинскиот живот, а не она чија првенствена цел е атракција и профит. Доволно е само да ги споменеме: Александар Пејн, Џон Туртуро, Корд Џеферсон, Нооми Рапасе, Јухо Куосманен, па и Пол Шредер кој во 1970-тите спаѓаше во „новата генерација“ на Холивуд…

Така, впрочем е целосно конципиран годинешниот фестивал, оној фестивал кој почна 1995 година додека Сараево беше под опсада, со цел да се обнови граѓанското општество, но и да се задржи космополитскиот дух на градот. Тоа беше начин на кој Сараево се спротивстави на сè што му се случуваше и денеска, по цели три децении може слободно да се каже дека во тоа успеа. Успеа да прерасне во еден од најважните настани во регионот и да стане платформа која ќе придонесе помалите и поневидливи кинематографии да станат видливи, и сè повеќе да бидат дел и да ја планираат својата иднина на филмот.

Годинава во трка за „Срцето на Сараево“ се дури 54 филма (плус три вон конкуренција), од кои 19 се светски премиери. Тоа е навистина нешто со што можат да се пофалат само големите фестивали кои се значајни токму за авторите да ги претстават своите филмови и да имаат можност да најдат дистрибутери, копродуценти, продажни агенти и, се разбира, филмски програмери, со оглед на тоа што Сараево стана „собиралиште“ за сите. Затоа и авторите сè повеќе одбираат тука да ги понудат своите филмови и да одржат премиера, за да можат  нивните филмови и понатаму да живеат.

Така е, колку и да звучи претенциозно, Сараевскиот фестивал успеа да си направи репутација која му овозможи да ги донесе големите имиња на филмот и целиот овој регион да ѝ го приближи на светската јавност. Инаку, да потсетиме дека во овој регион влегуваат земјите на Југоисточна Европа, на Јужен Кавказ и Украина, земји од кои секоја година доаѓаат навистина извонредни филмски дела, кои се разновидни како во традицијата, како во темите, така и во филмскиот јазик, но затоа не им недостига, оригиналност, автентичност и смелост со кои освоија бројни филмски награди. Па така, оваа година повторно ќе ги видиме: Леван Акин, Исилд Ле Беско, Самир Карахода, Кристи Пуиу, Јоргос Лантимос, Елија Сулејман и многу, многу други.

Но, да се вратиме на отворањето, па дури и на денот пред отворањето, односно 15 август кога е предвидена специјална претфестивалска проекција во чест на 80 години од раѓањето на академик Абдулах Сидран, кој почина во март оваа година, инаку познат босански писател, новинар и еден од најзначајните сценаристи во поранешна Југославија. Во негова чест во очи на 30-годишнината на Сараевскиот фестивал ќе се прикаже филмот „Кудуз“ на Адемир Кеновиќ, еден од најгледаните во 1980-тите години, кој имаше номинација за европските филмски награди. Сидран беше сценарист и на некои од најубавите филмови на Кустурица, како „Се сеќаваш ли на Доли Бел“ или „Татко на службен пат“, кои беа прикажани на најголемите светски филмски фестивали.

Имено, оваа година некако сè е во знакот на јубилеите и посветите, па така и самото отворање на 16 август, кое повторно ќе биде во знакот на Данис Тановиќ, еден од најуспешните босански режисери, кој го доби „оскарот“ за „Ничија земја“. Тановиќ е голем пријател и поддржувач на Сараевскиот фестивал и досега неколку пати го има отворено, а годинава специјално за фестивалот е планирана светската премиера на неговиот нов филм „По летото“, кој е вклучен во програмата „Open Air“. Со овој филм ќе стартува фестивалот и во Мостар и во Тузла, каде што паралелно се прикажува избор од филмовите на Сараевскиот фестивал.

„По летото“ е драма за една млада жена, која ќе пристигне на еден далечен остров, навидум за наследството, а всушност, се чини, во барање на корените. Онака како што е и невозможно во земјата на потеклото да не се соочите со сите свои спомени и со сето она што оставило трага, со сето она кое го живееме, но за него не сме свесни сè додека повторно не се навратиме онаму каде што впрочем сè и започнува. Тука се и болните и убавите спомени, тука е и споменот на семејството, на непроценливите детски години, но и на она кое е вградено во нашиот идентитет. Соочувањето често носи мешани чувства, но и една неминовност за повторно отворање на сето она кое можеби останало недовршено. Тоа е копродукција на Босна и Херцеговина со Србија, Словенија, Хрватска и Романија, а главните улоги ги играат: Ања Матковиќ, Горан Навоец, Уликс Фехмиу, Марија Шкаричиќ и други.

Во главната програма на долгометражни играни филмови годинава се вклучени девет филма, односно осум во трката за „Срцето на Сараево“ и еден надвор од конкуренција. По еден филм доаѓа од Словенија, Грција, Украина, Грузија, потоа тука е сомалиско-австриската копродукција на Мо Хараве „Селото покрај рајот“, а има и два филма од Романија, едниот на Емануел Парву „Три километри до крајот на светот“ и другиот на Андреи Кон „Света недела“, сместен на почетокот на 19 век. Инаку, два филма во оваа програма има и од Србија, но еден е во конкуренција, „Меѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, додека вториот е надвор од конкуренција и ќе има гала проекција, а станува збор за вториот режисерски филм на Мирјана Карановиќ, „Мајка Мара“, кој го потпишува и како косценаристка, а и игра во него. Она што е за нас интересно, особено со оглед на тоа што немаме филм во главната програма, е дека во филмот на Ршумовиќ една од главните улоги игра и Никола Ристановски.

Инаку станува збор за многу интересна приказна. „Меѓу боговите“ во Сараево ќе има светска премиера, а во него една Авганистанка која со своето семејство едвај ќе пристигне во Србија, се соочува со смртта на нејзиниот брат. Тогаш почнува голготата за документи и за нејзината борба да го закопа својот брат со неговото име.

Годинава и жирито за главната програма е исклучително, предводено од еден од најособените американски сценаристи и режисери, Пол Шредер, кого го паметиме по „Таксист“ и „Разјарениот бик“ на Скорсезе, но и по „Американски жиголо“, „Градот на злосторствата“ и многу други. Заедно со него жирито го сочинуваат и: шведската актерка и продуцентка, Нооми Рапасе („Девојка со тетоважа на змеј“, „Јагне“), потоа словенечкиот актер, Себастијан Каваца, босанската многу успешна режисерка и монтажерка, Уна Гуњак и финскиот режисер, Јухо Куосманен („Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“).

Натпреварувачки програми се и Документарната, Програмата на кратки и на студентски филмови, а познати се и програмите „Во фокус“, потоа „Киноскоп“, како и „Open Air“, во која што годинава го имаме и единствениот македонски претставник, „Прво убиј ги децата“ на Димитар Оровчанец. Филмот е на тема трговија со бело робје, но се чини ги опфаќа и сите оние актуелни теми за корумпираните политичари, за лихварите, за криминалот, посакуван или „неопходен“. Станува збор за играно деби на Оровчанец, кое како што вели е акциона комедија, а главните улоги ги играат: Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов. Фотографијата ја потпишува Владимир Самоиловски, монтажата Софија Самоиловска, а музиката е на Дарко Спасовски и Игор Василев – Новоградска. Интересно е дека во оваа програма се вклучени 15 филма, и тоа како од понова продукција, така и филмови кои ќе се прикажат во чест на добитниците на почесни награди, како на Мег Рајан и на Џон Туртуро. Ова е ревијална програма и предвидено е филмот да се прикаже на 19 август во 20,45, односно да има само една проекција и тоа во отвореното кино во Стариот град, кое за жал е доста далеку од центарот. Штета, бидејќи во целата таа набиена програма ќе биде доста тешко да се види.

Во интерес на просторот овде уште само ќе кажеме дека годинава програмата „Посветено“ е во чест на големиот палестински режисер, Елија Сулејман, со кој ФИЛМ+ пред неколку години донесе големо интервју. Ќе има уште многу посвeти и изненадувања, а од Македонија имаме и двајца учесници во „Таленти на Сараево“, и тоа во областа на режија, Батухан Ибрахим, и во областа на камера, Стефан Ѓоргиевски, додека вашиот новинар односно Сунчица Уневска ќе биде дел од жирито на критичари кое го организира генералниот медијски интернет партнер на Сараевскиот фестивал, Klix, инаку најчитан портал во Босна и Херцеговина. Жирито е составено од седум критичари, по двајца од Србија и од Хрватска и по еден од Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија.