Куклата Амал го продолжува својот пат во Токио, Лондон, Париз

post-count icon
10.10.24

Филмот „Прошетка“ на Тамара Котевска по ексклузивното претставување во Венеција и светската премиера во Њујорк, заминува во големите метрополи на три континенти, Европа, Америка, Азија, но она што е најинтересно е дека се враќа и во Фолкстон во Англија, онаму од каде што сè започна

Пишува: Сунчица Уневска

Филмот на Тамара Котевска, „Прошетка“ („The Walk“), кој лани беше помпезно најавен во рамките на престижниот Венециски филмски фестивал, заедно со најзначајните светски филмаџии, го продолжува своето патешествие на најдобар можен начин. Овој долгометражен документарен филм на тема – бегалци, направен во британска продукција и македонска малцинска копродукција, го освои светот уште пред да биде завршен, затоа што неговата вистинска приказна е почната многу одамна и затоа што нејзиниот крај  сè уште не е испишан. Затоа, неговото патување низ светот е очекувано, а за социјалните промени допрва ќе зборуваме.

Токио, Лондон, Париз, Лос Анџелес и Фолкстон во Англија се новите дестинации, каде што триметарската кукла Амал, ќе го продолжи својот пат. Се разбира, филмскиот, па сепак, бидејќи Амал беше онаа која ги бараше смислата и одговорите во текот на нејзиното патување од Сирија до Манчестер, зошто таа не би продолжила и понатаму. Што, метафорично, и се случува, бидејќи прашањата што се поставуваат во овој извонреден филм, кој на поинаков начин се осврнува на судбината на бегалците, подеднакво ќе се поставуваат секаде каде што тој ќе може да се види. И таму, на ист начин, длабоко емотивен и искрен, ќе ја донесе повторно приказната за малото сириско девојче кое сонува за слободата, за својата земја, за своето детство, за патувањето, и кое се надева дека еден ден нејзините соништа ќе се остварат.

„Прошетка“, по ексклузивното претставување во Венеција на панелот „Светла! Камера! Влијание!“, на кој учествуваа креативците од цел свет кои прават социјални промени во општеството, својата светска премиера ја имаше на најстариот и најголем фестивал посветен на документарни филмови во Њујорк, DOC NYC, лани во ноември, додека европската премиера се случи на Фестивалот посветен на човечките права во Женева, Швајцарија. Потоа следуваше реномираниот фестивал на документарни филмови во скандинавските земји, поточно во Копенхаген, Данска, а нашата публика го виде на затворањето на македонскиот фестивал на документарни филмови, „Македокс“, по што композиторот Дуке Бојаџиев направи ексклузивен концерт токму со музиката од филмот која тој ја компонираше.

Во следниве два месеца предвидено е „Прошетка“ да ги отвори фестивалите во Токио и во Фолкстон, и да биде прикажан во официјална селекција во Лондон, Париз и Лос Анџелес. Како што најавуваат од „Охо“ продукција, а особено од англиската најголема филмска компанија за документарци, „Grain Media“, која зад себе има неколку номинации и оскари, отворањето во Фолкстон е еден од најзначајните настани за нив. Имено, патувањето на Амал започнува токму од тој град, во кој бегалците пристигнуваат од Франција, преку каналот Ла Манш и каде што се судираат со најжестокиот отпор на англиската полиција. Интересно е дека идејата на организаторите е баш да го покажат својот пркос кон англиските радикалци, но и повторно да го свртат вниманието на светот кон овој приморски град и сите проблеми со кои се соочуваат неговите жители.

Отворањето, пак, во Токио, на фестивалот посветен на темите за бегалците, за Тамара Котевска е еден од најголемите комплименти што ги добила, бидејќи уникатниот креативен израз на филмот и неговиот идентитет успеваат да допрат до една толку далечна и различна култура од европската. „Учеството на овие фестивали, вели Тамара, е потврда за квалитетот и релевантноста на филмот. А со тоа што оваа премиера ја најавува и јапонската дистрибуција, некако се чини како само да се потврдува успехот на филмот, гарантирајќи му огромна гледаност на широката публика, а не само на филмските фестивали.“

Покрај нив, „Прошетка“ патува и во Франција, на фестивалот „Le Grand Bivouac“ во Абервил, чиј фокус е на современите индивидуални и колективни општествени проблеми. Потоа продолжува во Лондон на Европскиот психоаналитички филмски фестивал, како и во Лос Анџелес на фестивалот посветен на новите автори.

Необично е како овој поинаков и, дефинитивно, оригинален филм си го пронаоѓа своето место на сите страни на светот, како се вклопува во одредени фестивали, понекогаш нетипични, но очигледно со свои многу иновативни концепти. Бидејќи, и самиот „Прошетка“ не е класичен документарец, ниту е класичен по било кој параметар, напротив, тоа е еден интересен, невообичаен, единствен, целосно уникатен филм и идеја, кој на темата и пристапува од сосем поразличен агол. Како што веќе пишувавме, оваа приказна односно претстава пред десетина години направи „експлозија“ на Пикадили, за потоа авторите да решат тој т.н. патувачки театар да го пренесат на филм. За реномето на Тамара Котевска веќе зборува тоа што токму таа беше избрана да го режира филмот, но исто така и да го креира мајндсетот на куклата Амал. Таа одговори извонредно на овој предизвик, а филмот и куклата се претворија во своевидна современа, но и глобална метафора на целиот тој бегалски проблем, кој за разлика од врежаните сфаќања, има многу лица. Тамара и нејзиниот тим успеаја тоа совршено да го доловат, и веруваме дека неговата идеја, неговата вистинитост и чувствителност ќе успеат да ги допрат луѓето ширум светот, а на Тамара ќе и ја отворат вратата за уште многу нови предизвици.