КОМЕНТАР: „Браќа Манаки“ се повикува на традицијата, но не ѝ оддаде почит на Илинденка Петрушева, еден од неговите основачи

post-count icon
09.29.25

Кога го гледате Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, кој годинава одбележа 46 години од постоењето, се прашувате кому му е посветен, дали на директорите на фотографија (многу неточно наречени „кинематографери“, збор на кој толку се инсистира, а кој на македонски јазик е сосем погрешен), на оние силни имиња кои стојат зад камерата, со кои толку се фалеа годинава (а и факт е дека треба да се фалат), или на сегашното ДФРМ односно Друштвото на филмски работници, чии челници веќе немаат мерка како и колку да го стават фокусот на себе, наместо на гостите на кои фестивалот им е посветен

Пишува: Сунчица Уневска

Навидум сè беше во ред, нели?

Никој не му најде замерка на фестивалот (иако мора да признаеме дека медиумско покривање речиси и нема, освен преку фестивалските соопштенија, што повеќето медиуми само така буквално си ги преземаат), никој не пишуваше за ништо посебно, освен информативни текстови и, се разбира, сè е во ред. Отворањето и затворањето се одржаа, очекуваните гости дојдоа, предвидените филмови се прикажаа, стотици и стотици слики видовме на нивниот фестивалски сајт, гостите ја обожаваат Битола, нели…, прес-конференции имаше, коктели и забави, исто така, и навидум сè си помина како што треба, навидум сè е според очекуваното, навидум сè е добро. Само што, за жал, не е.

Нема да пишуваме за тоа кој беше на отворањето, нема да пишуваме за атмосферата за време на влегувањето на црвениот килим, нема да пишуваме за одгласите за филмот на отворањето, ниту за тоа дали и со кого салите, барем помалата, беа полни, ниту пак за атмосферата во Битола и спрегата меѓу фестивалот и градот Битола поточно битолската публика, бидејќи не бевме таму, па тоа би било рекла-казала. Но, затоа, во недостаток на сериозно известување од фестивалот, во недостаток на сериозно дневно медиумско покривање, во недостаток на хроники од фестивалот, разговори за содржините, за филмовите, за интервјуата, ќе зборуваме за нешто друго. Навидум невидливо, но во суштина, особено за редовните проследувачи, и тоа како видливо.

Ќе тргнеме, секако, од нашето прашање во воведот. Која е, всушност, целта на ДФРМ? Бидејќи, ако цениме по нивното однесување се чини како да сакаат да го земат приматот. Ај што не им е јасно што е здружение, а што е институција, тие упорно како да сакаат да се стават на исто рамниште со фестивалот „Браќа Манаки“. „75 години ДФРМ, 46 години ‘Браќа Манаки’. Големи бројки и за поголемите од нас“, изјави претседателот на ДФРМ, Игор Иванов. Неверојатно!

Одбележувањето на 75 години од постоењето на ДФРМ е нешто што во рамки на фестивалот не треба да биде или може да биде споредно. Но, ако и тоа не е јасно, да одиме со ред. Да се потсетиме дека Фестивалот е основан како „Манакиеви средби“ во 1979 година од тогашните филмски работници, од Кинотеката на Македонија и од градот Битола. На него тогаш се прикажувале југословенски филмови, за подоцна да прерасне во „Браќа Манаки“, а во 1993 и 1994 со голем труд на неговите основачи и под директорската палка на Борис Ноневски (директор на Кинотеката) да се етаблира како меѓународен фестивал, во што е вложено многу страст и ентузијазам, многу идеали и љубов, особено што се работи за годините на војната, и тоа без никаков хонорар. Нивната цел во тогашната млада македонска држава, која само што се осамостои, била токму афирмација на земјата и на фестивалот, а не афирмација на друштвото или, пак, на Кинотеката.

Мора да кажеме дека тоа беа неверојатно посветени и извонредни професионалци. Многу писмени, многу образовани, кои со големо умеење, труд и влог направија вистински интернационален фестивал, за првпат во светот посветен на работата на филмските сниматели. Заедно со директорот Ноневски беа вклучени сите филмолози од  Кинотеката, а Илинденка Петрушева, која нераскинливо е врзана со филмското ткиво во нашата земја, па и пошироко, во југословенски размери, на сето тоа му даваше огромен простор во кинотечните изданија, како уредник на „Кинотечниот месечник“, а потоа и на „Кинопис“, кои најчесто беа целосно посветени на фестивалот. Сите тие, заедно со филмските работници, се разбира, во тоа време направија многу за денеска да го имаме Интернационалниот фестивал „Браќа Манаки“, кој треба да го воспева филмот, филмската култура, работата на директорите на фотографија, истакнувајќи ги со гордост и достоинство пионерите на филмската камера од Балканот, браќата Јанаки и Милтон Манаки, и успеаја во тоа. Така беше низ годините и потоа, кога на чело на фестивалот дојде Делчо Михајлов, карикатурист и аниматор.

Во тие години за фестивалот пишуваа многу големи и многу професионални филмски критичари, меѓу кои секако првенствено би го истакнала доајенот Георги Василевски, кои ги правеше своите телевизиски хроники за фестивалот, но и редовно пишуваше, потоа Мирослав Чепинчиќ, па Слободан Петровиќ, се разбира и Благоја Куновски, и Јагода Михајловска, и Томислав Османли, но и Рон Холовеј, кој пишуваше за „Варајети“, како и рускиот критичар и теоретичар Мирон Черњенко, кој редовно пишуваше за македонската кинематографија, луѓе кои оставија длабоки траги во теоријата и критиката во филмот во Македонија. А во тие години, 1993 и 1994 во Македонија дојде и известуваше и познатата американска филмска критичарка Дебора Јанг.

Го слушав сегашниот директор, Димитрија Доксевски како истакнува колку важна традиција имаме, а тоа беше неколкупати кажано и на отворањето. Но, кој всушност ја почитува таа традиција, кој ја знае, кој се труди традицијата да не се заборави и кој, воопшто, и оддава признание, особено што и за 40-годишнината Кинотеката ја подготви монографијата. Годинава не ѝ се оддаде признание на Илинденка Петрушева, една од нашите најпознати филмски работници, неверојатно посветена, која даде толку голем придонес во пишувањето за филмот и за фестивалот, која го основаше и уредуваше „Кинопис“ толку години. Нејзиниот придонес како филмски критичар, како историчар на филмот, истражувач, публицист…, е огромен, но за жал таа замина, и тоа токму во месецот на фестивалот, на 5 септември, по чиј повод овој фестивал не најде за сходно да направи ниту Ин мемориам посветен на нашата Илинка. Тоа не е пропуст, тоа е неверојатна срамота.

Овде само малку се навратив на некои работи за да можат оние смешни и тотално необразовани челници на ДФРМ, кои мислат дека го поседуваат и друштвото, како и фестивалот, да се потсетат и да сфатат некои работи што очигледно тотално ги заборавиле или сакаат да ги заборават. Да се разбереме, Благоја Куновски Доре сосема заслужува да биде награден и неговиот придонес е несомнен, и во филмската критика, и во известувањето од светските филмски фестивали и во професионализирањето на новинарската и селекторската работа на фестивалот, но да го наречеш најголем критичар на сите времиња е невкусно и необразовано. Тие луѓе кои сега го водат фестивалот, односно кои веќе 20 години се однесуваат како негови сопственици, немаат ниту образование, ниту почит, ниту се релевантни за да доделуваат и измислуваат награди, ниту вложиле во фестивалот, ниту пак можеле да вложат толку колку што нивните претходници вложиле за воопшто да дојдеме до ова, бидејќи да е така би имале барем основни познавања.

Нивните познавања се сведуваат на она што денес го налага времето, како да се прикажеш она што не си, како да го присвоиш она што не го ни разбираш на вистинскиот начин, како да ја добиеш овдешната семоќна партиска поддршка, како да се одржиш и како дебело да заработиш. Па, како поинаку ДФРМ ќе добива толку пари, не само за „Манаки“ туку за бројни небулозни проекти (да не ја спомнуваме Златна рамка), за кои илјада пати сме пишувале, освен ако не се претстават како заслужни за сè, односно како некои од каде светот почнува. Па, тие не ценат ништо, каква традиција, какви бакрачи, целата нивна цел е да кажат дека ДФРМ е „срцето и моторот на фестивалот“, ама нивното ДФРМ, она ДФРМ кое исто како и „Браќа Манаки“ го сметаат за своја сопственост. Затоа можат да прават што сакаат.

Затоа можат да се претставуваат тоа што не се и да не почитуваат ама баш ништо. Бидејќи, како што се покажа, и покрај сите криминали, корупции, судири на интереси,  тотално небулозни и непотребни проекти, но и покрај многуте инспекции, утврдување на неправилности и злоупотреби од релевантни институции, ни влакно не им фали од главата. Они и понатаму си продолжуваат исто, веќе младите и навистина мислат дека од нив сè почнува, особено што они се господ во областа на филмот кај нас и веќе сите знаат дека од нив зависи кој, воопшто, ќе работи во државава. Сите факти и податоци беа објавени, и никому ништо. Тие и понатаму присвојуваат и измислуваат сè што можат.

Ма, каква Кинотека, каква Битола, што е битно кој што направил. Најважно е они да зборуваат за ДФРМ, па дури се чини како да сакаат да го изедначат со „Браќа Манаки“, бидејќи како што гледаме, во име на ДФРМ даваат награди, на фестивалот слават свои годишнини, измислија и награда која се вика Браќа Манаки ??? (жал ми е што токму Доре мораше да ја добие, бидејќи сигурно заслужува многу повеќе). Неверојатно е до каде оди нивното непознавање, нивната ступидност и умисленост.

Но, како што гледаме сè поминува. Дури медиумите им објавуваат и такви соопштенија за кои не знаете дали да се смеете или да плачете. Ќе цитирам само една нивна изјава по повод кандидирањето на наш филм за „оскар“, што секако е во нивна надлежност (((((. А изјавата гласи вака: Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм” од самото осамостојување на Македонија, кога од американската Академија за подвижни слики (AMPAS) беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.

Сте слушнале ли нешто понебулозно. Академијата за филмски уметности и наука си има свои правила, кои важат за сите земји во светот и важно е тие правила да ги исполните, а сигурно не се бави со тоа во Македонија да препознае релевантна институција за комуникација??? До каде може глупавоста да оди. Но, нивната умисленост нема граници, па така како што гледаме последниве години директорите ги менуваат како чорапи, бидејќи воопшто не е важно што некој направил, најважно е дали тоа им оди во прилог на челниците на ДФРМ. За каква јадна традиција ние овде зборуваме. Најважно, очигледно, е да се знае кој е газда, а тој газда си има свои богами големи (финансиски) потреби, кои дебело ги остварува токму со амин од највисоките органи на власта. Дури станува неважно и со која власт. Добро се снаоѓаат и со двете. Секоја чест. Можеби во иднина ќе ги славиме годишнините на ДФРМ, а во нивни рамки ќе го одбележиме и Фестивалот на филмската камера, ако ништо друго, барем заради тоа што обезбедува пари. А и, впрочем, што друго на вакви неписмени луѓе би им било меродавно?