Рецензија: Кога животот станува бесмислен, бесмислен е и отпорот кон него

post-count icon
08.21.25

Кон „Павилјон“, режија: Дино Мустафиќ, сценарио: Виктор Иванчиќ и Емир Имамовиќ Пирке, улоги: Раде Шербеџија, Зијах Соколовиќ, Јасна Диклиќ, Ксенија Пајиќ, Албан Укај, Мето Јовановски, Мирјана Карановиќ, Миралем Зупчевиќ, фотографија: Мустафа Мустафиќ и Алмир Џиколи, монтажа: Владимир Гојун, костимографија: Жаклина Крстевска, Босна и Херцеговина/Македонија/Србија/Хрватска/Црна Гора 2025

Пишува: Сунчица Уневска

Филмот на познатиот театарски и филмски режисер, Дино Мустафиќ, „Павилјон“, кој годинава го отвори Сараевскиот филмски фестивал, донесе една слика за тоа како денеска се живее во речиси сите поранешни југословенски републики. Но, не зборувајќи тука конкретно за старечките домови, бидејќи тие домови и ситуацијата во нив е само земена како алегорија на она за што во суштина авторот сака да зборува.

А тоа е целата апсурдна ситуација во која живееме, тоа е целата нелогичност и бесмисла, тоа е живот кој е насочен главно од лукративните потреби на политичарите и криминалците, живот во кој нема никаков респект за ништо, нема правда, нема разум, а за достоинство и да не зборуваме. Тој успева, врз основа на луцидното сценарио на хрватскиот и босанскиот новинар и писател, Виктор Иванчиќ и Емир Имамовиќ Пирке, да направи своевидна пародија, која не се однесува секако само на возрасните, туку на сите оние маргинализирани групи, кои се за жал големо мнозинство, на сите оние кои веќе и не ја препознаваат целта, сите оние кои немаат повеќе што да изгубат, а знаат дека и било каков отпор нема да вроди со резултат. И што, всушност, им останува?

Затоа и некако условите во старечкиот дом, односот на персоналот, нечовечноста и изживувањето, кои се доведени до крајна точка, делуваат на почетокот помалку претерано и нереално, но подоцна сфаќате дека тоа и не е важно. Тука не се работи за конкретен дом и за конкретни ситуации и неправди кои ќе ги доведат работите до вжарување, туку се работи за алегорија која зборува за неправдата, за онаа тотално бесмислена ситуација во која не се знае ниту зошто и како некој се изживува, а уште помалку се знае на кој начин тоа би можело да се промени. Бидејќи, изживувањето стана и нашиот нормален начин на живеење, па побуната дури и личи на црна комедија, бидејќи во овие услови ниту е изводлива, ниту може нешто да смени. А целта, како што велат старите, е промена на светот… Да, навистина промена на светот, промена која толку многу ја посакуваме што и не е важно каде ќе биде сместена и кои ќе бидат нејзините носители, важно е само да се има желба и верба за да може да се промени она чувство на немоќ, чувство кое ќе ве натера да ја осетите слободата, да осетите дека можете да се одмаздите и да барате правда, без оглед колку тоа и бесмислено да изгледа.

Всушност, колку што филмот се развива, односно колку што оваа решителна група возрасни луѓе навистина ќе поведе вооружен бунт, колку што овие луѓе сериозно ќе направат некаков комитет или пленум или што и да е, и колку што ќе се трудат да се спротивстават и да покажат дека се сериозни во своите барања, толку работите почнуваат да изгледаат пологични, посмешни, но и подобри. Бидејќи, наеднаш овие понижени луѓе, злоставувани и отфрлени од сите, ќе добијат волја, ќе добијат желба за подобро, ќе добијат потреба повторно да се почувствуваат достоинствено. Целата депресивна состојба во домот наеднаш станува поинаква, некако сите се менуваат, сите имаат волја да се спротивстават или да се одмаздат, односно да го повратат она чувство на задоволство, на праведност и на жртва. Наеднаш тие се однесуваат како професионалци, кои знаат точно како да ги застрашат сите, за да не им ги пореметат плановите. Во очите на полицијата и на народот делуваат дури и како терористи, иако всушност не се насилни кон никого.

Одлично Мустафиќ го води филмот, кој станува сè пооткачен, кој ги става сите овие луѓе во незамисливи ситуации, додека кај нив е сè порешителна желбата за борба и за правда. Одлични се сите легендарни актери и актерки кои на филмот му даваат таква свежина, такво чувство на непоколебливост, таков изблик на што пооткачени моменти кои се истовремено смешни, но и трагични. Па, сепак, се покажа дека тие се свесни во што се впуштаат и дека онака војнички точно знаат дека моралот никако не смее да падне, дека сега не им е потребна малодушност, особено откако ќе ги започнат преговорите, во текот на кои преземаат секакви луди акции, но успеваат да добијат сè што ќе побараат. И не случајно, сепак е изборна година, а началникот на полиција нема намера сето тоа да му ги поремети плановите.

Раде Шербеџија, Зијах Соколовиќ, Ермин Браво, Јасна Диклиќ, Ксенија Пајиќ, Албан Укај, Мето Јовановски, Мирјана Карановиќ, Иво Баришиќ, Миралем Зупчевиќ и сите други се навистина неверојатно добри, забавни и тотално подготвени да ја играат играта до крајот. Впрочем, воопшто и не е важен крајот, важно е она чувство на достоинство, важно е дека сега самите одлучуваат што ќе бараат и што ќе преземат, важно е дека се заедно во својата борба против насилието и нерамнотежата, која секако се подготвени да ја повратат. Волјата прави чуда. Решителноста и борбата даваат такво чувство на слобода, на задоволство, на моќ, што по никоја цена не сакате да го загубите. Не е важна возраста, човекот секогаш ги има истите потреби, а најмногу да се чувствува како човек, да има почит, да биде потребен, да може да придонесе, да има блискост и пријателство, да има љубов, да знае дека не е залудно.

Сè што се случува во домот е, всушност, слика за тоа како живееме сите, како криминалците кои отвориле коцкарници на детски игралишта, сега на местото на домот ќе прават трговски центар. Ништо не им е свето, најмалку човекот, а уште помалку оние стари лица за кои никој не се грижи. Јасна е алегоријата на авторот, јасно е дека тоа се однесува на сите овие маргинални групи, кои не можат ништо да сменат, туку секогаш само се турнати што подалеку кон работ на маргините, додека на секои избори ги слушаат истите политички говори. Токму затоа и ми се чини дека најдобор од сè во филмот е токму крајот.

Можеби за луѓето кои не се од овој дел на светот, тоа е експлозивен крај со цел да бидат слушнати, но ние знаеме нешто друго. Знаеме дека промена нема и не може да има и токму затоа овие умни „стари терористи“ ќе го свикаат градскиот совет во старечкиот дом. Дали им е целта да ги убијат или не, не е ни важно, важно е она фантастично прашање на Раде Шербеџија, кој по целиот напишан и подготвен политички говор, ќе праша: „А што има ново?“ Мислам дека подобар крај и не можеше да има, експлозивноста е само уште еден вид на отпор, експлозивноста го носи посакуваниот крај, кој во целата апсурдна ситуација порачува – знаеме дека ништо нема да се смени, но вака, ништо повеќе  нема ни да биде исто. Ако ништо друго, овие побунети старци имаат доволно години, како што самите ќе кажат, за да знаат кога нешто е залудно, но за жал, неопходно.

Филмот е навистина многу смешен, откачен, полн со забавни идеи, кој на многу остроумен начин, и секако адекватно, ги користи оние работи што ги знаеме од терористичките филмови, оние работи што ги прават професионалците, оние работи што го прават филмот уште посмешен, но и уште потрагичен. Иако, се разбира, овде сето тоа е сведено на поигрување, на зафрканција, и на пародија, но навистина ефектно, многу мудро и непредвидливо докрај. Актерите се извонредни, целата ситуација, колку што е поапсурдна толку е позабавна, колку што е побесмислена, толку сè повеќе има смисла. А и што друго нѝ останува, освен да играме тоа што не сме, за да можеме да го поднесеме тоа што сме. Добар избор за отворање, со извонредна атмосфера и ретка актерска посветеност која ве убедува во невозможното, но и секогаш одново нè потсетува на кршливоста и ранливоста на човечкото во човекот, кое има свои граници кои понекогаш не треба и не можат да се поминат.