Кога животот нема цена

post-count icon
10.30.22

Кон: „Тори и Локита“, режија и сценарио: Жан Пјер и Лик Дарден, улоги: Мбунду Џоели, Пабло Скилс, Албан Укај, Тиџмен Говаертс, фотографија: Беноа Дерво, Франција/Белгија 2022

Сунчица Уневска

Умеат браќата Жан Лик и Пјер Дарден да го видат во луѓето она што честопати не го забележуваме, умеат да нè соочат со толку, во суштина, обични ситуации кои нè опкружуваат, но за нив не сме свесни, а уште повеќе умеат да направат такви (животни или, во случајот, мигрантски релации) релации во кои е сокриена целата човечка несреќа, правејќи го тоа со таква „леснотија“.

„Леснотија“, бидејќи се работи за преживување, „леснотија“ бидејќи и немате друг излез, а особено тогаш кога за последиците не сте ни свесни, „леснотија“ затоа што некој мисли дека во ситуациите во кои сте најранливи може да ве злоупотребува, може да си игра со вас, да ве понижува и мачи, а за тоа не само што не плаќа, туку и нема никаков проблем со својата совест.

Тори и Локита (Пабло Скилс и Џоели Мбунду), младо момче и една адолесцентка кои доаѓаат од Африка во Белгија, и кои по многу нешто се сосем необична комбинација, но тие ќе успеат да се препознаат на своето очајно патување и да најдат утеха еден во друг, претставувајќи се како брат и сестра. Но, додека Тори ќе добие документи за легален престој, бидејќи во неговото село бил прогласен за вештер и би можел да биде оставен да умре, дотогаш Локита се бори со сите можни пречки и испрашувања за да ги добие документите за својот престој. За жал, таквата ситуација, во која немаат никаква заштита, ги прави совршен плен за оние што заработуваат на туѓата несреќа без око да им трепне.

Не може да не ви измами солзи таа нивна пожртвуваност, таа грижа еден за друг, таа потреба од другиот, таа утеха што се обидуваат да си ја пружат. Тие се претворени во своевидни симболи или да речеме прототипови на целото она зло во светот кое ниту има боја, ниту има мерка, ниту граница. Човек едноставно е немоќен пред злото, немоќен е кога ќе се најде онаму каде што нечовечноста нема граници, каде што човечкиот живот не вреди ни малку, каде што човечкото суштество се третира како ништовно.

Што можат тие млади луѓе да направат? Браќата Дарден, како и секогаш, без нималку патетика, без солење памет или осуда, само ги прикажуваат работите такви какви што се, кога наивните деца ќе се најдат во канџите на волците, а не се и не можат ни да бидат свесни за сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаат. Не може да не ви измами солзи тој нивни детски пристап, таа неправда, особено немоќта, особено простодушноста и искреноста, не може да не ви измами солзи начинот на кој ќе им биде уништена надежта, одземена иднината, без никаква одговорност, без никаква казна.

И онака тие се ничии, и онака нема кој да се грижи за нив, и онака нема кој да ги заштити, и онака тие се фрлени во огнот, и онака се оставени на ветрометината на животот, и онака со нив може да си поигрува кој сака, а особено оние на кои ништо не им е свето, најмалку децата кои може да им бидат извор на екстра добивка… Па, дури и на крајот, кај браќата Дарден нема драма, нема солзи, нема одмазда. Има само горчлив вкус, има неверување, има немоќ која боли до коска. Колку само такви судбини има околу нас, колку очајно тие се обидуваат да најдат излез, да го дофатат сонот или да го достигнат она парче среќа кое мислиме дека, сепак, нè чека на крајот!

Она парче мир и задоволство во кое веруваме, за кое се бориме, за себе и за своето семејство, не штедејќи се, само да излеземе од безнадежноста во која често сме втурнати. Но, се чини, очајот раѓа очај, се чини излез нема, барем не за оние на кои шансите и онака им се никакви, излез нема особено кога од сите страни демнат оние кои сакаат лесна заработка, а полесна од искористувањето на несреќата на луѓето и нема. Очајот ги тера да веруваат во сè, заборавајќи дека тие на кои им носат толку лесни пари од тоа никогаш нема да се откажат. Таков е светот, неправеден и полн со апсурди, каде што изгледа не може да се смета дури ни на човечкото во човекот. Бидејќи, тоа е одамна загубено, уште тогаш кога некој поверувал дека едните се подобри од другите, уште тогаш кога поверувале дека шансата треба да се зграпчи без оглед на сè. Впрочем, цената не е ни важна, и онака по неа никој не доаѓа.