КАРЛОВИ ВАРИ: Харви Кајтел му приреди изненадување на Роберт Ричардсон

post-count icon
08.01.26

Претставници годинава од регионот беа српскиот филм „Три недели после“ на Мирослав Терзиќ и хрватскиот филм „Ситни крадци“ на Мате Угрин, и двата со освоени награди * Јубилејниот фестивал отвори многу значајни теми и одбележа настани, како забранети филмови итн., оддавајќи им истовремено почест и на актерите и на авторите, меѓу кои и на Јурај Јакубиско * „Белиот ѓавол“ – документарниот филм посветен на добитникот на почесна награда, снимателот Роберт Ричардсон, беше еден од најпосетените, а доделувањето на наградата од страна на Харви Кајтел, еден од најатрактивните настани

Специјално за ФИЛМ+

Сунчица Уневска

Годинава, на јубилејниот 60. Филмски фестивал во Карлови Вари имаше само два филма од регионот. За жал, откако новите организатори на фестивалот ја укинаа програмата „Источно од Запад“ и ја заменија со „Проксима“, многу помалку филмови од Југоисточна Европа можат да се видат овде. Па, сепак, се случуваат некои значајни премиери, како што беше лани кога можевме да ја видиме новата српска серија „Апсолутни сто“ на Срдан Голубовиќ, иако во Србија е забранета, а и во регионот сѐ уште немаше официјална дистрибуција. Оваа година своите премиери на познатиот чешки фестивал, кој, всушност, славеше двоен јубилеј, 60 години одржување, а 80 години постоење, со што буквално се потврдува како еден од најстарите фестивали во светот, имаа српскиот филм „Три недели после“ на Мирослав Терзиќ, на тема врсничко насилство и „Ситни крадци“ на Мате Угрин, кој зборува за преживувањето во овие услови на Балканот, а за кој селекторот истакна дека се надоврзува на препознатливите балкански филмови од последниве години.

Меѓутоа, морам да кажам, дека српскиот филм „Три недели после“ ме изненади со својата „безначајност“, бидејќи колку и да се труди да биде експлицитен, колку и да се труди отворено да зборува за проблемот и да оди до крајности во прикажувањето на бруталноста на која се подготвени овие млади луѓе, сепак, ова е слаб филм и многу далеку од замислената цел, да биде критичен и да им ги отвори очите на оние кои најмалку треба да ги затвораат. Зошто? Затоа што е доста оскуден. Затоа што не успева да изгради ништо, кое што на главната тема и настаните што се одигруваат на школската екскурзија, би им дало било каква тежина.

Филмот доби навистина голема поддршка на Пулскиот фестивал, особено поради насилството извршено врз еден од сценаристите, Владимир Арсениевиќ, само неколку дена пред неговата светска премиера во Чешка, па дури во Пула освои и три награди. Но, тоа не го менува впечатокот дека „Три недели после“ делува како наменски филм, а така е, всушност, и целиот воден. Во него нема поширок контекст, ниту има изградено ликови или било какви настани со ликовите кои го носат дејствието. На тој начин, колку и да сте директни или „храбри“ или колку и да се трудите да зборувате за некоја екстремна бруталност и немање однос кон чувствата или достоинството на другиот, тоа сепак, не стигнува никаде, бидејќи е толку соголено што не гради никаква релација или однесување или (не)другарство или било што, кое би направило да ја почувствувате вистинската силина на ваквите чинови и однесувања на тие млади луѓе.

Да, првата сцена е силна, кога Зоза сосем немо го гледа пожарот што се случува во една зграда, без никаква реакција или обид за помош и заминува… Таквата отапеност веќе зборува за состојбата во едно општество, но и за проблемите со кои младите се соочуваат, но набрзо потоа паѓа, бидејќи цело време го повторува истото без никаков контекст. Целта некои ликови да се претстават како екстремни насилници, или како ликови кои немаат  однос кон она што се случува околу нив, како ликови кои се занимаваат само со социјалните мрежи, па дури и како ликови кои, сепак, само би сакале да се одмаздат за претходниот настан, од пред три недели кога нивниот соученик се самоубива, не успева воопшто, бидејќи така зададена ситуација е тотално неприменлива и нема сила да допре. Школскиот излет се случува многу брзо по самоубиството на младиот Андреј, и да, ништо не е сменето, ниту кај учесниците, ниту кај немите набљудувачи, но тоа ни оддалеку не  е доволно. „Три недели после“ е слаб филм, кој без изградена идеја троши извонредна тема.

Хрватскиот филм, пак, на Мате Угрин е далеку подобар и направен со сосем поинаков пристап. Тоа е, исто така, филм за млади луѓе и за нивниот начин како да ги надминат проблемите или средината која ги задушува, но направен е со големо чувство за ритам и атмосфера, со одлична фотографија и монтажа, со луциден избор на сцени и ситуации што извонредно ги доловуваат ликовите, давајќи му таков контекст кој низ метафора зборува и отвора огромен број теми.

„Ситни крадци“ се однесува на двајца млади туристички работници кои во екот на сезоната ќе решат да најдат „полесен“ начин за излегување од проблемите со кои се соочени. Главниот лик Рио, кој работи како помошник во кујна во локалниот хотел, поминува низ многу тежок период во животот, кога неговиот татко лежи неподвижен, а мајката, иако се грижи за него, сепак многу отворено го продолжува својот живот, па дури и љубовната врска со еден италијански турист. Неговото однесување, иако тивко и ненаметливо, Угрин постигнува да го претвори во вистински бунт, во крик, во болка, па дури и во барање и истражување на својот идентитет. Филмот е одлично воден и никого не може да остави рамнодушен. Така беше и во Карлови Вари, каде што публиката го прими одлично, а прашањата и одговорите по проекцијата тоа траеја многу долго.

„Три недели после“ ја доби нестатутарната награда „Europa Cinema Label“, која се однесува на дистрибуција, што со оглед на темата е и сосем адекватно. А наградата на критичарите „Фипресци“ во програмата „Проксима“ заслужено му припадна на хрватскиот филм „Ситни крадци“, додека во главната програма отиде кај чешко-словачкиот „Само убави работи за гледање“ на Иван Остроховски, кој се осврнува на еден доста проблематичен период од чехословачката историја, кога во средината на 1980-тите години се спроведуваат постапки на стерилизација на младите Ромки.

Во главна улога е докторката која ја игра Ана Геслерова и која во почетокот ги извршува абортусите и стерилизацијата без проблем, дури во еден момент предложува и да им понудат пари. Но, подоцна сѐ се менува кога ќе се спријатели со харизматичната болничарка-Ромка, што ќе ја натера да ги види работите во сосем поинакво светло. Режисерот Остроховски зборуваше дека никогаш не сакал да сними филм за сторителите и за жртвите, туку го интересирал процесот кога и добрите намери можат да се претворат во неправда. „Сакав да раскажам приказна за способноста на луѓето да се преиспитаат, да преземат одговорност и да бараат начин да се искупат себеси“, објаснуваше тој.

Оваа година програмата беше очигледно внимателно планирана, со цел што подобро да се одбележи јубилејот, па дури дотаму што имаше толку настани, кои беше невозможно да ги следите или да бидете присутни ниту на дел од нив. Веќе пишувавме за ексклузивно одбраните 30 паноа од фестивалот низ годините, кои навистина фантастично се вклопија во овој преубав град, на шеталиштето од атрактивниот хотел „Пуп“ до хотелот „Термал“, каде што фестивалот се одржува. Имаше голем број изложби кои се навраќаа на историјата на фестивалот и многу филмови прикажани во чест на јубилејот, а една од нив беше и изложбата посветена на поранешниот претседател Вацлав Хавел, познат и како драматичар, поет и дисидент, кој заедно со Милош Форман, му давал огромна поддршка на фестивалот. Карлови Вари како гест на благодарност на ова јубилејно издание во чест на неговиот 90-ти роденден направи фотографска изложба посветена на неговиот живот, на која беше присутна неговата втора сопруга, Дагмар Хавлова, поранешна прва дама и позната чешка актерка.

А како што и прилега, јубилејното издание се чини дека имаше и најмногу добитници на двете најважни награди на фестивалот, „Кристалниот глобус“ за особен уметнички придонес и т.н. Претседателска награда. Така, „Кристалниот глобус“ го добија: Жилиет Бинош, Дастин Хофман и американскиот директор на фотографија, Роберт Ричардсон. Додека Претседателската награда им припадна на Џеси Ајсенберг, на Меги Гиленхал, на словачката актерка Магда Вашарова и на Џефри Рајт. Во чест на Магда Вашарова беше прикажан филмот на култниот чехословачки режисер, Јурај Јакубиско, „Птици, сирачиња и будали“ (1969), кој во тоа време бил забранет и прикажан по 20 години токму на фестивалот во Карлови Вари.

Додека еден од поважните настани на фестивалот, кој направи и голема атракција, беше доделувањето на наградата на легендарниот американски снимател, Роберт Ричардсон (р. 1955), еден од ретките со 10 номинации за „Оскар“ од кои освои три, за: „ЏФК“, „Авијатичар“ и за „Хуго“, а меѓудругото беше номиниран и за „Вод“, „Роден на 4 јули“, „Снегот паѓа на кедровите, „Неславни копилиња“… Неочекувано беше, иако Харви Кајтел пристигна во Карлови Вари, но изненадувањето беше дека токму тој ќе му ја додели наградата, што се чуваше во тајност до крајот. Кајтел излезе и рече дека имал подготвен говор, но дека е толку преплавен со емоции, особено кога „е во присуство на еден од најголемите сниматели на нашето време“.

Во чест на Ричардсон беше прикажан документарниот филм посветен на неговата работа, „Бел ѓавол“ на чешката снимателка и режисерка Јана Хојдова, која тој многу ја почитува. Филмот е работен десет години и, како што беше речено, Хојдова го изградила практично од ништо, но за неговиот извонреден опус во филмот сведочат долгогодишните соработници, како: Оливер Стоун, Мартин Скорсезе, Квентин Тарантино…, осврнувајќи се на „неговата единствена уметничка визија и енигматска особеност“. Додека, Ричардсон рече дека кога ги гледа сите овие млади луѓе во киносалата верува дека оваа награда ја претставува иднината која ни е толку потребна и се надева дека сите овие филмови што ги прикажува фестивалот ќе продолжат да патуваат преку границите, за да можат сите да ги видат и доживеат.