Заврши снимањето на новиот филм на Лидија Мојсовска, „Сѐ што остана беше приказна“

post-count icon
10.19.26

„Има приказни што не ги избираме ние. Тие не избираат нас“, вели режисерката и сценаристка, Лидија Мојсовска, чии филмови честопати се своевидно огледало низ кое се прекршуваат вистинските настани. „Сѐ што остана беше приказна“ е снимен на 1.700 метри надморска височина на Јабланица, во Лабунишките бачила, во Струга и во селото Слоештица. „Беше потребно, вели Лидија, да работиме во комбинација со професионални актери и натуршчици, луѓе чии раце, лица и чекори ја носат вистината“

Од 27 до 30 септември на неколку локации, тргнувајќи од селото Јабланица и Лабунишките бачила, преку Струга, па сѐ до селото Слоештица, беше сниман новиот краткометражен филм на Лидија Мојсовска, со наслов „Сѐ што остана беше приказна“. Овој филм, чии последни кадри, што го заокружија ова патешествие, беа сместени на 1.700 метри надморска височина на Јабланица, е всушност, инспириран од локална приказна, поточно од контроверзни вистински настани, кои Мојсовска честопати, и во нејзините претходни филмови умеела така инспиративно и уметнички да ги овековечи.

Токму како што вели и самата: „Има приказни што не ги избираме. Тие нè избираат нас. Оваа вистинска приказна од мојот – струшкиот регион за кој живеам и се борам со години, беше инспирирана и создадена од сведоштва за вистински судбини покрај границата со Албанија, на кои сум сведочела одблизу, во мојата непосредна околина.“

„Знаев, додава таа, дека овој филм мора да се создаде онаму каде што се случуваат вистинските настани. Снимавме на Лабунишките бачила, на 1.700 метри надморска височина, на променливо време, со многу ветрови, но и во Јабланица, на семејниот имот на Нелко Будиноски, еден од последните овчари во овој регион. Затоа беше потребно, а и самото се наметна, да работиме во комбинација со професионални актери и со натуршчици, луѓе чии раце, лица и чекори ја носат вистината.“

„Изборот на натуршчици, како што објаснува режисерката, не беше само уметничка одлука. Сакав луѓето од мојот крај да добијат прилика да доживеат нешто поинакво од нивното секојдневие. Да бидат дел од нешто што ќе го паметат цел живот. Така ги избиравме и сите други ликови и статисти, од средината во која снимавме, од селата и дворовите, меѓу луѓето што ги среќававме на пат.“

Имено, не било воопшто лесно да се најде главниот лик, кој го барале со месеци, низ селата во струшко, демирхисарско и охридско. На крајот, сосема случајно, како што и вообичаено бидува, главниот лик го нашла нивната кастинг-директорка, Киријана Николовска, на пат во Вевчани. „Небојша, вели Лидија, не знаеше што значи снимање филм. Не сакаше ни да слушне, велеше: ‘Кај ме најдовте мене од сите’. Одбиваше. Но, денеска, вели дека снимањето му го сменило животот.“

Пред да почне снимањето, во подготвителниот период овчарот Нелко го учел Небојша на сè: како се држи стапот, како се молзе, како се смирува стадо со глас. Ден по ден, сè додека Небојша не престанал да глуми овчар, туку едноставно станал овчар. Во Демир Хисар мештаните им ги отвориле вратите и им помогнале да ги најдат луѓето и местата што ги бараат.

„Работевме со околу 300 овци, со мала екипа, во услови што беа прилично екстремни. Не можевме да им наредиме на животните, ниту на ветерот, ниту на светлината. Можевме само да слушаме“, раскажува Мојсовска. Затоа, заедно со директорот на фотографија, Жан Дакар (кој имаше двојна номинација на наградите „Еми“, а на јавноста и е познат по документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска), кој е мајстор за креирање поетска визуелизација во екстремни услови, свесно избрале лесна и флексибилна камера и опрема, бидејќи на друг начин сето тоа би било невозможно. „Моравме да реагираме во секунда, да го фатиме она што природата ни го дава и да се препуштиме на тоа што меѓу нас го викаме ‘филмски духови’, кои се чини секогаш знаеја подобро од нас каде да нè однесат. Ние се прилагодувавме на луѓето и на животните, а тие полека се навикнуваа на нас.“

„Не беше лесно да им објасниме на луѓето што е филм и зошто некој би сакал да ги снима нивните овци, нивните дворови, нивното секојдневие. Но, штом почнавме, нешто се отвори. Семејствата ни ги дадоа своите домови, своето време и својата доверба, несебично и со голема срдечност. Во Слоештица, село од кое речиси сите заминале, всушност, најголемиот дел од оние што сè уште се таму, беа дел од снимањето, како статисти или како помош во логистика. Целото село знаеше дека се снима филм. И, на некој начин, целото село и го направи. За едно раселено место, тоа беше мал повод повторно да се собере.“ Приказна која навистина одушевува, како своевидно дополнение на онаа филмската.

Лидија Мојсовска, режисерката која е еден од основачите и креативен продуцент на филмскиот фестивал „Дрим шорт“ во Струга, и веќе и е позната на јавноста со своите два претходни многу успешни кратки филмови, како: „Награда“ (кој отиде на преку 50 светски фестивали за краток филм и освои 20-тина награди) и „Само ѓаволот се плаши од вода“ (кој учествуваше на европската платформа European Short Pitch (NISI MASA), а имаше светска премиера на фестивалот од А категорија во Естонија – на „Црните ноќи на Талина“, по што продолжи со својот успешен фестивалски пат и, исто така, беше добитник на награди и признанија). Мојсовска се појавува и како косценарист на актуелниот долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума.

Новиот филм, „Сѐ што остана беше приказна“ е снимен во продукција на „Минимал колектив“, и во копродукција со „Сикониа филм“ и „Контраст филм“. Сценариото го потпишуваат: Лидија Мојсовска и Јаков Попоски, продуцентка на филмот е Ивана Шекуткоска (која работеше на: „Диџеј Ахмет“ на Унковски, „Дали си маж“ на  Ставрески и „Руини“ на Елена Чемерска), додека како копродуценти се појавуваат: режисерката Тамара Котевска и директорот на фотографија, Дејан Димески. Веќе рековме дека фотографијата е на Жан Дакар, костимографијата е на Жаклина Крстевска, сценограф е Симо Бранов, а монтажерка Сандра Ѓоргиева.

Филмот „Сѐ што остана беше приказна“ е поддржан е од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од „Хартефакт фонд“, а инаку е дел од проектот „Преку тишината“ во продукција на „Минимал колектив“ во соработка со партнерската организација „Локална агенција за развој – Струга“ (ЛДА). (С.У.)