Иранскиот дисидент, Џафар Панахи, сега веќе класик на седмата уметност, сосема оправдано го доби највисокото признание на тукушто завршениот 78. Филмски фестивал во Кан – „Златната палма“ за најдобар филм – за најновото остварување „Тоа беше само несреќа“, уште една негова силна општествена критика на иранскиот режим
Душко Димитровски
Наш специјален известувач од Канскиот фестивал
Со тоа, годинешното издание на овој, дефинитивно, најзначаен филмски фестивал во светот, ќе влезе во историјата на филмот како прв интернационален фестивал, воопшто, на кој е прикажан еден илегално снимен филм, но исто така, и како прв фестивал на кој на тој илегално снимен филм му е доделено највисокото признание, престижната „Златна палма“.
Да се снима илегално, на речиси невозможен начин додека Панахи се наоѓаше во затвор како „противник на иранскиот режим“, само по себе е огромен подвиг, но кога тоа ќе биде и исклучително добро уметничко дело, какво што е филмот „Тоа беше само несреќа“, тогаш се работи за таков творечки потфат кој заслужува најголем аплауз, со кој впрочем и го награди широкиот аудиториум во Кан во мигот кога беше соопштена одлуката на жирито.
„Тоа беше само несреќа“ е филм што, на некој начин, би можел да се нарече и како „одмазднички роудмуви“. Станува збор за една таква сага, поточно трилер за еден човек, кој случајно ќе го сретне полицаецот што го мачел во затворот, направена, се разбира, во Панахиевиот, само нему карактеристичен стил на трагикомедија.
Имено, за да му се одмазди, тој ќе го го киднапира и ќе го смести во својот автобус со намера да го ликвидира. Меѓутоа, со текот на времето почнуваат да му се јавуваат сомневања, па заедно со другите жртви на режимското насилство во затворот се обидува со сигурност да се увери дека тоа е навистина неговиот, односно нивниот заеднички крвник…
Заштитен со темни наочари, како човек на кој неодамна му беше симната забраната за снимање филмови, како и забраната за патување во странство, односно како човек кој и самиот беше затворен во злогласниот затвор „Евин“, Панахи длабоко емоционално потресен го прими заслуженото признание, кое му беше врачено на затворањето на Канскиот фестивал.
Многукратно наградуваниот синеаст на бројни афирмирани интернационални филмски фестивали, Џафар Панахи, се вбројува меѓу најдобрите независни режисери во современата иранска кинематографија. Веќе за своето дебитантско остварување, со над сè поетичниот филм „Белиот балон“ во 1995 година беше награден со „Златна камера“ (награда која се доделува на дебитанти) на Канскиот фестивал, а помеѓу останатите во 2015 во Берлин ја освои и „Златната мечка“ за филмот „Такси Техеран“, додека во 2018 година повторно во Кан ја доби „палмата“ за најдобро сценарио за филмот „Три лица“.
По петнаесет години забрана, на Панахи конечно му е овозможено да може да патува на еден интернационален филмски фестивал и да може лично да ја прими толку заслужената „Златна палма“.
Инаку, диктатурите, насилството и војните, како во минатото, така и во денешното време, може да се каже дека беа теми кои доминираа на годинешниот 78. Фестивал во Кан.
Ги видовме и новите филмови на ветераните, кои веќе имаат култен статус, како Ричард Линклејтер, „Новиот бран“, Вес Андерсон „Феникиски заговор“, но, се разбира, и неизбежните белгиски браќа Дарден, со новиот филм „Млади мајки“.
На големо одушевување на публиката и френетични аплаузи наиде и врачувањето на „Златната палма“ на актерските легенди: Роберт де Ниро, кој ја доби наградата за животно дело и на Дензел Вашингтон, кој доби почесна „Златна палма“.
И на годинешниот Кан, како и на сите претходни, не му недостигаше присуството на големите филмски ѕвезди, па така, покрај Де Ниро и Вашингтон, по црвениот килим прошетаа и: Спајк Ли, Ема Стоун, Остин Батлер, Роберт Патинсон, Џенифер Лоренс, Беницио дел Торо…
Голем интерес имаше и за светската премиера на најновото продолжение на серијалот „Невозможна мисија“, под наслов „Невозможна мисија – Финална пресметка“, како и за холивудската ѕвезда, Том Круз, без кого не може ни да се замисли овој веќе легендарен циклус на, пред сè, визуелно атрактивни акциони филмови.
За жал, оваа година во Кан не беше прикажан ниту еден филм од нашиот регион, како во натпреварувачката, така и во придружната програма.
Наградите на 78. Кански фестивал
„Златна палма“ – „Тоа беше само несреќа“, Џафар Панахи, Иран
Гран-при – „Сентиментална вредност“, Јоаким Трир, Норвешка
Награда на жирито за 2 филма – „Сират“, Оливер Лаксе, Шпанија/Мароко и „Звукот на паѓањето“, Маша Шилински, Германија
Најдобра режија – „Таен агент“, Клебер Мендонса Филхо, Бразил
Машка улога – Вагнер Мура, „Таен агент“
Женска улога – Надиа Мелити, француско-арапски „Мала сестра“ на Хафсие Херзи
Најдобро сценарио – „Млади мајки“, Жан-Пјер и Лик Дарден, Белгија
„Златна камера“ за деби – „Торта за претседателот“, Хасан Хади, Ирак