ЕКСКЛУЗИВНО од Венеција: Во знак на потресната сага за хоророт во Газа

post-count icon
09.13.25

Филмот „Гласот на Хинди Раџаб“ на туниската режисерка Каутер Бен Ханиа подеднакво ја одушеви публиката, како и критиката, но, за жал, не ја доби главната награда, „Златен лав“. Триумфот на фестивалот, според жирито предводено од Александар Пејн, го понесе Џим Џармуш за својот „тивок“ филм „Татко, мајка, сестра, брат“

Специјално за ФИЛМ+

Душко Димитровски

Осумдесет и вториот филмски фестивал во Венеција протече, пред сè, во знакот на потресната филмска сага за Газа, „Гласот на Хинди Раџаб“ на туниската режисерка, Каутер Бен Ханиа. Но, за жал, главната награда на фестивалот, „Златниот лав“ за најдобар филм не успеа да ја добие.

Жирито предводено од американскиот режисер, Александар Пејн, „Златниот лав“ му го додели на американскиот култен автор, Џим Џармуш, за неговиот „тивок филм“ (како што тој самиот го нарече), „Татко, мајка, сестра, брат“.

Филмот „Гласот на Хинди Раџаб“ на Каутер Бен Ханиа беше награден со втората награда по важност на Венецискиот фестивал, „Сребрениот лав“ – Големата награда на жирито. Толку силен, речиси полчасовен аплауз, кој сосем оправдано следеше по завршувањето на проекцијата на „Гласот на Хинди Раџаб“, досега не е забележен во историјата на венециската Мостра. Факт е дека филмот на Бен Ханиа не можеше никого во салата да го остави рамнодушен.

Инаку, станува збор за силна докудрама за шестгодишното девојче Хинди Раџаб, која во јануари 2024 година останува заробена во запален автомобил во Газа. Како единствена која во автомобилот го преживува нападот на израелските тенкови, додека со своите родители се обидуваат да побегнат од ужасот кој владее во Газа, таа се јавува на меѓународната хуманитарна организација Црвена полумесечина, чии работници со натчовечки напори се трудат да ја задржат на телефон, односно во живот, додека да стигне брзата помош…

И, кога се чини дека автомобилот речиси стигнува, настанува страотна експлозија која ја убива Хинди, како и медицинските работници, кои правеа сè за да пристигнат на време и да ја спасат.

Всушност, целиот филм е заснован на тој телефонски разговор, иако Бен Ханиа има многу креативен документарен пристап, но и извонредни актери што ги толкуваат главните ликови односно службениците на првата помош. Деовојчето воопшто не го гледаме, туку цело време го слушаме нејзиниот паничен, престрашен глас, додека таа залудно моли да ја спасат. Бен Ханиа во својот говор, во кој се заблагодари за наградата, упати остри критики кон израелската влада за крајно нехуманата ситуација во Газа, што наиде на големо одобрување на присутните.

Сепак, како што веќе рековме, највисоката награда односно „Златниот лав“ му припадна на познатиот режисер на независни филмови, Џим Џармуш. „Татко, мајка, сестра брат“ е добар филм, но далеку од она што Џармуш умеел да го направи, или како што сме убедени, многу помалку сеопфатен од филмот „Гласот на Хинди Раџаб“. Со својот типичен, лаконски хумор („Патерсон“, „Одамна мртов“, „Почудно од рајот“, „Под раката на законот“, „Кафе и цигари“, „Патот на самурајот“) тој во филмот, низ три епизоди, ги прикажува тешкотиите на родителите во обидот да ја пронајдат адекватната комуникација со своите веќе возрасни деца. Тоа е доста „смирен“ филм со сублимиран хумор и одлични актери, меѓу кои: Том Вејтс, Адам Драјвер, Мајим Бијалик, Шарлота Ремплинг, Кејт Бланшет, Вики Крипс и други.

Инаку, видовме уште една од бројните верзии на Франкенштајн, новиот фиктивен хорор на мајсторот на научнофантастичниот жанр, Гилјермо дел Торо, кој е насловен едноставно „Франкенштајн“. Овој доста контроверзен филм, во кој главната улога ја игра Џејкоб Елорди, остана без признание, иако доби доста добри оценки во веќе традиционалната анкета, која се спроведува на фестивалот помеѓу реномираните интернационални филмски критичари.

Истата судбина ја имаше и филмот „Странец“, кој според истоимениот роман на Албер Ками го режираше францускиот режисер Франсоа Озон, како и помалку преценетиот грчки режисер, Јоргос Лантимос, кој дојде со својата фантастична сатира, „Бугонија“, во која повторно играше Ема Стоун, која оствари неверојатна улога во неговиот претходен филм, „Бедни суштества“. 

„Златниот лав“ за машка улога го доби Тони Сервиљо, кој играше во многу добро оценетиот филм „Милост“ (Ла Грација) на еминентниот италијански автор, Паоло Сорентино, кој оваа година го доби „Срцето на Сараево“ за животно дело на неодамна завршениот Сараевски филмски фестивал. Со овој филм годинава беше и отворено 82. издание на Венецискиот филмски фестивал.

За најдобра актерка беше прогласена кинеската актерка, Ксин Жилеи, за улогата во филмот „Сонцето се раѓа над сите нас“ на Цаи Сангџун. Почесните „Златни лавови“ за нивниот исклучителен придонес кон светскиот филм оваа година им припаднаа на филмските ветерани, на германскиот режисер, сега веќе класик, Вернер Херцог и на американската актерка од Златното време на Холивуд, Ким Новак.