Документарецот „Силјан“ е македонски кандидат за номинација за „Оскар“

post-count icon
09.15.25

„Филмот го почнав во време кога филмската индустрија во Македонија беше во длабока криза и решив да тргнам сама, не сакав да стојам во место. ‘Силјан’ е  лична приказна, поврзана со моите корени и мојата култура и затоа можев толку искрено да ја преточам во овој храбар и артистички филм,“ изјави режисерката Тамара Котевска на прес-конференцијата во Венеција

„Силјан“, третиот документарец на режисерката Тамара Котевска, е македонски кандидат за номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм, соопшти Агенцијата за филм. Котевска има 2 номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој во 2020 беше номиниран за најдобар странски и за најдобар документарен филм.

„Силјан“ е во продукција на Котевска, на американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а останати продуценти се Жан Дакар кој е и директор на фотографија на филмот, како и Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Во филмот нема учество од македонската Агенција за филм. Деведесет и осмото издание на Оскарите, кои ги доделува Академијата за филмска уметност и наука на САД,  е закажано за 15 март 2026.

Одлуката за македонски кандидат за „Оскар“ ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Деветчлената комисија ја сочинуваа: Томи Салковски – претседател и продуцент, Лабина Митевска – продуцент, Даријан Пејовски – режисер, Марија Димитрова – продуцент, Душан Кардалевски – директор на фотографија, Марина Колоска – прв асистент на камера, Иван Ивановски – режисер на анимирани филмови, Братислав Зафировски – тон мајстор и Горан Игњатовски – автор на филмска маска.

Во конкуренција беа и филмовите: „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски, продукција на  „Синема Футура“ и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, продукција на „Синепаж“.

„При својот избор, комисијата се водеше од уметничката вредност на филмовите, квалитетот на нивната наративна и визуелна компонента, како и од актуелноста и длабочината на приказните што ги обработуваат“, соопшти Агенцијата за филм.

Светската премиера на „Силјан“ се одржа на 29 август во официјалната програма Надвор од конкуренција на 82. Венециски филмски фестивал. Филмот ја доби независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award), која се доделува за инспиративност, инаку една од четириесетина паралелни награди кои ги доделуваат различни организации што не се поврзани со Венецискиот фестивал и за кои одлучуваат независни жирија.

Северноамериканската премиера на „Силјан“ беше на филмскиот фестивал во Торонто на 10 септември во документарната селекција за награди.

„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк. „Ова е мојот најважен филм досега, затоа што во секоја смисла беше најголемиот предизвик за мене и како режисерка и како продуцентка на документарци. Го почнав во време кога филмската индустрија во мојата земја беше во длабока криза и затоа решив да тргнам сама, не сакав да стојам во место. Филм започнат со толку лична инволвираност и страст, за само две години прерасна во она што е денес. ‘Силјан’ е лична приказна, поврзана со моите корени и мојата култура и затоа можев толку искрено да ја преточам во овој храбар и артистички филм“, изјави Котевска на прес-конференцијата во Венеција.  (СДК)