„Годинешните 20 номинирани филма од 20 различни европски земји ја одразуваат прекрасната разновидност во европското филмско творештво, покажувајќи широк распон на жанрови и стилови“, изјави генералната директорка на Европската филмска промоција (ЕФП), Соња Хајнен. Наградите се доделуваат во октомври на Филмскиот фестивал во Ел Гуна, Египет
Пишува: Сунчица Уневска
Македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски влезе меѓу селектираните 20 европски филмови кои се натпреваруваат за годинешните Награди на арапските филмски критичари. Станува збор за награди што се доделуваат по седми пат, и тоа од страна на сто најистакнати и највлијателни арапски филмски критичари од 16 земји од арапско говорно подрачје.
Овој настан го организира Европска филмска промоција (ЕПФ) заедно со Арапскиот филмски центар (АЦЦ). Филмовите многу внимателно ги бираат и ги номинираат организациите кои се членки на ЕФП, водејќи се, секако, првенствено од квалитетот на филмовите, но и од нивното премиерно прикажување на големите меѓународни филмски фестивали, каде што освојувале награди или веќе се пријавени за наградата на Академијата за најдобар меѓународен долгометражен филм.
Овие награди се доделуваат на Филмскиот фестивал во Ел Гуна (Египет), кој годинава ќе се одржи од 16 до 24 октомври. Прво арапските филмски критичари ги бираат своите три фаворити, за потоа победничкиот европски филм да биде објавен за време на одржувањето на Филмскиот фестивал во Ел Гуна. „Годинешните 20 номинирани филма од 20 различни европски земји ја одразуваат прекрасната разновидност во европското филмско творештво, покажувајќи широк распон на жанрови и стилови“, изјави генералната директорка на ЕФП, Соња Хајнен. Додека уметничката директорка на фестивалот, Маријана Коури, додава дека со доделувањето на наградите на арапските филмски критичари за европските филмови ја потврдуваат својата посветеност во поглед на поддршката на арапските филмски критичари и редефинирањето на улогата на арапските фестивали како мостови помеѓу световите.
Покрај „Диџеј Ахмет“, во конкуренција се и филмовите: „Глава на семејството“ на Андамион Муратај од Албанија, потоа босанскиот „Павилјон“ на Дино Мустафиќ, „Проблематичните девојки“ на Уршка Ѓукиќ од Словенија, „Младите мајки“ на Жан Пјер и Лик Дарден од Белгија, кој ја доби канската „Палма“ за сценарио, чешкиот „Франц“ на Агњешка Холанд, данскиот и шпанскиот „Доме сладок доме“ на Фрела Петерсен и „Глув“ на Ева Либертад (и двата наградени на „Панорама“ во Берлин со Награда на публиката), како и „Келтска утопија“ на Денис Харви и Ларс Ловен од Шведска со награда од Локарно и др.
Но, она што е за нас особено интересно е начинот на кој е претставен нашиот филм за кој се наброени наградите од „Санденс“ (Специјалната награда на жирито и Наградата на публиката), потоа Наградата Гран при која ја освоил на Кан екранс јуниор, што важи за посебна, неконкурентска награда за младата публика во Кан, па Наградата за промовирање на млади и Наградата на публиката во Сараево, како и Гран-прито неодамна освоено во Херцег Нови. „Тоа е приказна, се вели во нивната објава, за растењето на 15-годишниот Ахмет, кој на интересен начин се снаоѓа во своето културно милје, оптоварено со одредени општествени очекувања, обидувајќи се да ги оствари своите соништа и покрај сфаќањата на конзервативната заедница во која живее“.
Минатогодишниот добитник на оваа награда беше француско-германско-иранскиот филм „Семето на светата смоква“ на Мохамед Расулоф.
Инаку, да кажеме дека во организација на Арапскиот филмски центар веќе девет години се доделуваат и Награди за најдобрите арапски филмови, и тоа од страна на Интернационално жири составено од највлијателните 180 меѓународни критичари од 70 земји, меѓу кои веќе 6 години е и вашиот филмски критичар, Сунчица Уневска. Наградите се објавуваат секоја година на Канскиот фестивал, а оваа година победи палестинскиот филм „Ви благодариме што работите со нас!“ („Thank You for Banking With Us!“), кој ја доби наградатa за најдобар филм и за најдобра режија.