Познатиот чешки фестивал, кој ќе се одржи од 3 до 11 јули, е веројатно единствениот кој слави две годишнини, 80 години постоење и 60 години одржување * Многу ѕвезди годинава се очекуваат во Карлови Вари, освен Хофман, и: Жилиет Бинош, Меги Гиленхал, Џеси Ајзенберг, Харви Кајтел, Кевин Бејкон * Во главните програми ексклузивно се присутни Мјанмар и Колумбија, а од регионот Србија и Хрватска * Црвениот килим (преку постерот) е тука за сите оние кои ќе посакаат барем неколку моменти слава
Пишува: Сунчица Уневска

Денеска во Карлови Вари се отвора јубилејното 60. издание на најпознатиот чешки филмски фестивал, и тоа со филмот „Фудбалски натпревар“, кој се навраќа на Светското првенство од 1986 година, а на главната ѕвезда на фестивалот, холивудскиот актер Дастин Хофман, ќе му биде врачен „Златниот глобус“ за неговиот исклучителен уметнички придонес кон светската кинематографија.
Годинешниот фестивал по многу нешта е специфичен. Првенствено, за многумина кои не се упатени, интересно е дека фестивалот одбележува, всушност, два јубилеја, и тоа: 80 години од своето постоење и 60-та годишнина од неговото одржување. Имено, Фестивалот во Карлови Вари во суштина е вториот најстар филмски фестивал во светот (по Венецискиот, кој почнува 1932), чие прво издание се одржува во август 1946, истата година кога се основа и Канскиот фестивал, но тој се одржува по него, во месеците септември/октомври. Фестивалот во Карлови Вари буквално бил во првиот бран на повоените филмски фестивали, но при крајот на 1950-тите години со политички декрет е одлучено овој фестивал да се одржува секоја втора година, односно да се менува со тукушто основаниот Меѓународен филмски фестивал во Москва. Така ќе биде сѐ до Кадифената револуција, односно дури од 1994 година фестивалот ќе продолжи да се одржува секоја година.

Во таа чест фестивалот во знак на сеќавање на своите годишнини 60/80 (1946-2026) ќе се осврне на своето богато минато со една посебна изложба на фотографии. Се работи за 30 надворешни панели, кои ќе се фокусираат на помалку познатите години, на атмосферата и на важните моменти од одржувањето на фестивалот, што ќе бидат сместени по патот меѓу двете култни места на денешното одржување на фестивалот, меѓу гламурозниот хотел „Пуп“ и хотелот „Термал“ (каде што се сместени и фестивалските простории). Нивната цел е да ги поведат посетителите на патување низ 80-годишната историја на овој фестивал и да им овозможат да ги видат промените низ кои тој поминал.

Оваа година и во изборот на филмовите, при што во текот на 9 дена (од 3 до 11 јули) ќе бидат прикажани дури 130 филма, а и во изборот на гостите, се прават напори симболично да се доловат многу значајни теми, кои ги одбележале настаните и низ годините и денес, а исто така, се носат и многу гости кои веќе биле дел од фестивалот, токму заради честа и почитувањето или потсетувањето на неговата историја.
Не случајно фестивалот на 3 јули ќе се отвори со премиерата на аргентинско-шпанскиот документарец „Фудбалски натпревар“ во режија на двоецот Хуан Кабрал и Сантјаго Франко, кој го следи историскиот натпревар меѓу Аргентина и Англија на Светското првенство во 1986 година и наедно истражува како натпреварот ја достигнува кулминацијата во напнатоста меѓу двете нации по Фокландската војна во 1982 година. Според уметничкиот директор, Карел Ох, тоа е еден од најинтересните филмови од годинешниот Кански фестивал, кој докажува како одредени култни моменти од спортската историја можат да ја допрат самата суштина на човечкото постоење. А, секако, извонреден момент е и поклопувањето со годинешното Светско фудбалско првенство.

Легендарниот холивудски актер Дастин Хофман ќе биде ѕвездата на вечерта и се чини дека и не можеа да направат подобар избор, бидејќи Хофман не е од оние „развикани“ филмски ѕвезди, кои повеќе ја носат атракцијата отколку суштината (каков што е, за разлика од Кан и Венеција, и самиот Карлови Вари), напротив, Дастин Хофман има неверојатна кариера и исклучителни филмски наслови зад себе како карактерен актер, кој може да одигра сѐ и повторно да остане тука, приземен, нормален, близок, секојдневен. Тој е познат по своите антијунаци и по своите ранливи и збунети карактери, кои умее да ги донесе така допирајќи до нашите најдлабоки чувства, болки, дилеми. Доволно е само да ги спомнеме: „Крамер против Крамер“, „Дождовниот човек“, „Полноќен каубој“, „Дипломец“, „Тутси“, „Маратонец“, „Кучиња од слама“ и многу, многу други. А на фестивалот во негова чест ќе биде прикажан култниот „Дипломец“ од 1967 на Мајк Николс, на кого ќе му го донесе и „оскарот“ за најдобра режија.
Инаку, покрај Дастин Хофман годинава ќе бидат наградени уште голем број ѕвезди, меѓу кои: Жилиет Бинош, Џефри Рајт, Меги Гиленхал, Џеси Ајсенберг и легендарниот директор на фотографија, Роберт Ричардсон, кој има освоено три „оскари“ за: „ЏФК“, „Авијатичар“ и „Хуго“.

Што се однесува до филмската програма, интересно е дека сите 40 филма кои се годинава вклучени во трите главни програми се светски премиери, што е навистина голема работа. Кога станува збор за изборот, уметничкиот директор Карел Ох ќе рече, дека филмовите нудат дијалог меѓу искусните ветерани на светската кинематографија и режисерите дебитанти. Во натпреварувачките програми за „Кристален глобус“ и поновата „Проксима“, како и во Специјалните проекции за пофалба, е, како што велат самите, тоа што има извонредна географска разновидност. Имено, ексклузивната присутност во главната програма на земјите Мјанмар и Колумбија е природно поврзана со шестдецениското постоење, со оглед на прогресивната одлука уште во првите години на фестивалот, кога целта била да се прикажат млади и дотогаш неоткриени неевропски кинематографии.
Мјанмар во „Собирање на овошје“ ја носи приказната за две жени кои сонуваат за интимност и бегство, односно режисерот Аунг Фоје истражува како желбите на жените опстануваат во земји во кои љубовта меѓу жените останува општествено неприфатлива. Додека Колумбија во „Пет години, пет месеци“ на Естебан Гарсија и Хуан Рамирез се осврнува на една од најболните последици во земјата како резултат на долгогодишниот вооружен судир, кога жените кои ги изгубиле синовите ќе ја преземат потргата во свои раце. Во главната програма, покрај овие две земји, со свој филм е застапена и Србија, со „Три недели после“ на Мирослав Терзиќ и Бугарија, и тоа со свои две значајни филмски фигури, Петар Влчанов и Кристина Грозева, кој го потпишуваат филмот „Црни пари, за бели ноќи“.

Приказната на Мирослав Терзиќ е за адолесцентите, односно за оној момент во општеството на разоткривање на механизмите за малтретирање и на затворање очи кога најмалку треба. Грозева и Влчанов, пак, прават трагикомичен портрет за денешницата, во која повозрасните генерации се судираат со ерозијата на моралните принципи и кога се присилени да ги преиспитаат своите вредности.
Од регионот во главните програми е вклучен и еден хрватски филм, кој е селектиран во „Проксима“, што исто така е натпреварувачка програма. Се разботи за „Ситни крадци“ на Мате Угрин, кој го сместува својот филм во време на туристичката сезона на Јадранско море, кога двајца работници ќе склучуваат необичен договор – да крадат и да го делат профитот. Според селекторот, дебитантскиот филм на Угрин се надоврзува на неколку препознатливи балкански филмови од последните години. “Ситни крадци го слика портретот на солидарноста меѓу луѓето кои никогаш не престануваат да сонуваат за подобра иднина“, се вели во соопштението.

Мора да се признае дека годинешниот визуелен дизајн на фестивалот е малку необичен. Црвен, празен, на кој повремено се појавуваат силуети. Авторите Алеш Најбрт и Јонатан Кун велат дека се одлучиле како симбол да го земат црвениот килим, бидејќи сакале да порачаат дека тој е за сите, а не само за ѕвездите. „Црвениот килим е тука за секого, за сите што ќе посакаат да можат да доживеат неколку мигови слава. Сенките кои на различни начини се појавуваат ја одразуваат токму таа идеја, проектирајќи филм кој се случува токму сега и таму на црвениот килим“.
Додека, за затворањето на 11 јули е одбрана меланхоличната криминалистичка драма на Ноа Сеган, „Единствениот жив џепчија во Њујорк“, во кој Џон Туртуро е џепчија од стар ков што ќе се најде во опасна трка со времето на улиците на Њујорк.