Тамара Котевска со филмот „Силјан“ и Теона Стругар Митевска со филмот „Мајка“ ќе се претстават на Венецискиот односно најстариот филмски фестивал во светот, и тоа Котевска во официјалната програма „Надвор од конкуренција“, а Митевска ќе ја отвори паралелната натпреварувачка секција „Хоризонти“, која го одржува своето 22. издание
Пишува: Сунчица Уневска
Тамара Котевска со својот нов документарен филм, „Силјан“, влезе во главната официјална програма на 82. Венециски филмски фестивал, кој ќе се одржи од 27 август до 6 септември на познатиот остров Лидо. По нејзиното ексклузивно претставување пред две години на 80. Мостра на панелот „Светла! Камера! Влијание!“, на кој учествуваа некои од „најголемите имиња во светот кои покажуваат сила и одважност да направат социјални промени во општеството“, а на кој таа беше повикана токму за да го сподели искуството од снимањето на „The Walk“, филмот за триметарската кукла Амал, кој се претвори во своевидна глобална метафора на целиот бегалски проблем, Котевска сега се враќа во Венеција со нова приказна која е длабоко вкоренета во македонскиот фолклор.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ влезе во втората по важност програма во официјалната селекција, „Out of Competition“, која носи многу големи имиња, распоредени во дури пет секции, освен играни и документарни, дела посветени на филмот и музиката, потоа на серии и на краткометражни остварувања. Котевска е во програмата со уште 14 филма, меѓу кои се новите филмови на: Софија Копола, Вернер Херцог, Лукреција Мартел, Тсаи Минг Лианг и Александар Сокуров.
По историскиот успех со филмот „Медена земја“, кој освои три награди на фестивалот „Санденс“ и за првпат на Македонија и донесе две номинации за „Оскар“ (за ист филм во две категории), а исто така и по успехот и големото фестивалско претставување низ светот со филмот за Амал, ова е нејзин трет документарен филм кој својата светска премиера ќе ја има на голем фестивал, всушност, на еден од најпрестижните во светот.
Како што објавија од продукцијата, „Силјан“ е визуелно маестрална, поетска и емотивна приказна за животот на еден фармер од Македонија и неговото неочекувано пријателство со бел штрк со скршено крило. Тоа е филм, кој е инспириран од народната легенда за момчето Силјан, кое по расправија со татко му се претвора во штрк.
„Со зачудувачка фотографија на директорот на фотографија Jean Dakar, овој филм нè носи низ заборавените пејзажи и нежноста на секојдневието, преточени во такви кадри што би можеле да бидат изложени во музеј. Фармерите Никола и Јана, со нивната игрива љубов и тивка болка, стануваат живи сведоштва за тоа како економските сили ги разнебитуваат традиционалните животи“, пишува во нивното соопштение.
Некако, многу природно и се чини многу точно тука се надоврзува, особено ако се навратиме на панелот во Венеција каде што таа учествуваше како автор кој со своите дела прави промени, но и како режисерка која покажала сила и храброст во својата посветеност на женските прашања и човечките права, воопшто, мислењето на селекторот на документарни филмови на фестивалот во Торонто и уметничкиот директор на најголемиот американски фестивал за документарци DOC NYC, Том Пауерс, дека Котевска: „работи во свој сопствен поетски регистар, користејќи го филмот не за да поучува, туку за да нѝ ги отвори очите и срцата кон животите, кои инаку би останале невидливи“.
Филмот е снимен во период од три години. Котевска е режисерка и продуцентка, а тој е реализиран во копродукција со американската компанија „Concordia“ и британската „The Cornershop“. Останати продуценти се снимателот Дакар, како и Јорданчо Петковски, со кој Котевска моментно го снима својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Оваа година на 82. Венециски фестивал по трет пат ќе се претстави и Теона Стругар Митевска. Овој пат Митевска и, секако, Македонија ја има честа да ја отвори официјалната паралелна натпреварувачка секција „Хоризонти“, која е посветена на „најновите естетски и експресивни трендови, со посебен акцент на дебитантските филмови, на независните остварувања и помалку познатите кинематографии“. Станува збор за новиот филм „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, која по изборот на уметничкиот директор Алберто Барбера втор пат ќе се претстави во секцијата „Хоризонти“, што оваа година го има своето 22. издание.
Како што е најавено, „станува збор за неконвенционален портрет на Мајка Тереза од Калкута, која во филмот ја глуми Нооми Рапасе, инаку плод на 15 години работа во пронаоѓање на вистината за овој лик полн со противречности“.
Инаку, паметиме дека пред десетина години Митевска го снимаше документарниот филм за Мајка Тереза од 4 дела, насловен „Тереза и јас“, кој беше направен во копродукција со МТВ и во 2015 година во јануари на националната телевизија беше и прикажуван. Филмот е снимен во Индија, во Калкута и во Дарџелинг, како и во Ватикан и Македонија. Како што беше најавувано: „тоа беше филм кој зборува за посветеноста на Мајка Тереза, за нејзините дилеми, за упорноста, енергичноста и неверојатната храброст. Материјалот содржеше и критички гласови и објективен пристап кон грандиозното животно дело на оваа жена со неверојатна енергија и посветеност и нѝ овозможуваше да ги согледаме значењето и влијанието кое таа сè уште ги има“. Но, документарниот филм не помина според очекуваното.
Сега Митевска повторно се навраќа на оваа тема, која во 2023 ја најави како „Мајка – можната приказна за Мајка Тереза“ и со која се пријави на конкурсот за проекти на Агенцијата за филм во 2023 и во првиот круг доби најмногу средства, во висина од 600 илјади евра. Сценаристи на овој филм, кој сега се вика „Мајка“, заедно со Митевска се Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ, а освен Нооми Рапасе, во него играат и: Никола Ристановски и Силвија Фокс. Филмот е направен во копродукција со неколку земји, и тоа: Белгија, Македонија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Како што рековме, ова е трето учество на Митевска во Венеција, првиот пат беше во 2022 со босанско-македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“, кој исто беше во програмата „Хоризонти“, а следната 2023 беше дел од програмата „Денови на авторите“ со експерименталниот филм „Дваесет и еден ден до крајот на светот“.
И на крај само да потсетиме, дека македонската кинематографија (за оние кои заборавиле или, воопшто, не го ни паметат тоа) својот најголем успех го имаше токму во Венеција, кога во 1994 година Милчо Манчевски со „Пред дождот“ го освои престижниот „Златен лав“. Потоа, филмот имаше и номинација за „Оскар“ во категоријата за најдобар странски филм, но она што беше уште позначајно, е што во 2001 година Македонија за првпат ја имаше честа да го отвори, овој дефинитивно најстар филмски фестивал и еден од трите најзначајни, заедно со Берлин и Кан, со вториот филм на Манчевски, „Прашина“, што доби огромно медиумско внимание во светот.