ВИЕНАЛЕ: Во фокусот на 63. Филмски фестивал беше турбулентната денешнина

post-count icon
11.11.25

Меѓу филмовите што го одбележаа фестивалот во Виена е и едно од годинешните најактуелни остварувања, „Гласот на Хинди Раџаб“ во режија на туниската авторка, Каутер Бен Ханиа, како и „Континентал ‘25“ на Раду Жуде и „Исчезнувањето на Менгеле“ на Кирил Сребреников. А меѓу најеминентните гости беа две, слободно можеме да речеме, светски ѕвезди, Жилиет Бинош и Вилијам Дефо

Наш специјален известувач

Душко Димитровски

Меѓународниот австриски филмски фестивал, познатото Виенале, кое се одржува повеќе од шест децении, и покрај тоа што не е од натпреварувачки карактер односно на него се доделуваат само одредени специјални награди, сепак, секоја година успева да го привлече вниманието на филмаџиите од целиот свет. Причината за тоа, која се гради со години, е богатата и разновидна тематска и жанровска програма, што секогаш е збогатена со многу интересни разговори со публиката по завршувањето на проекциите.

Годинешното 63. Виенале, кое се одржа од 6 до 28 октомври, успеа да привлече дури 78.600 посетители, што е за 2.800 повеќе во однос на минатогодишниот фестивал. Интересно е дека гледачите со своето присуство, всушност, им даваат поддршка на филмските автори во нивното настојување да не бидат рамнодушни кон настаните во денешниот турбулентен свет, туку низ визуелниот јазик да ги осветлат и да ги прикажат пред најширокиот аудиториум.

Оваа констатација годинава, секако, најмногу се однесува на филмот „Гласот на Хинди Раџаб“ на Каутер Бен Ханиа. Тој филм, за кој во повеќе наврати веќе зборувавме, потпишан од младата туниска режисерка („Човекот кој ја продаде својата кожа“), е силна докудрама за шестгодишното девојче, Хинди Раџаб, која во јануари 2024 година остана заробена во запален автомобил во Газа. Како единствена во возилото, која ќе го преживее нападот на израелските тенкови, додека со нејзините родители се обидуваат да побегнат од хоророт во Газа, малата Хинди ќе се јави на „Црвената полумесечина“ барајќи помош. Медицинските работници со речиси натчовечки напори се обидуваат да ја задржат на телефонската линија, односно да ја одржат во живот додека да стигне брзата помош. И, токму тогаш, кога се чинеше дека амбулантното возило веќе пристигна, настапува стравична експлозија…

За жал, таа експлозија ќе ја убие и неа и медицинските работници, вистински херои, кои толку грчевито се бореа да ја спасат, жртвувајќи ги своите животи. Она што во формална смисла претставува новина, воопшто, во историјата на седмата уметност, е тоа што во текот на целиот филм, „Гласот на Хинди Раџаб“, гледачите не го гледаат девојчето туку само го слушаат нејзиниот автентичен молежлив и престрашен глас, кој залудно моли за спас.

Вториот филм кој привлече големо внимание беше новото остварување на романскиот режисер, Раду Жуде, „Континентал 25“, кој исто така зборува за турбулентната општествена сегашност во својата земја. Станува збор за експресивна трагикомична сага, во која е вклучена и судската извршителка Орсолија, која се обидува од својот подрум да исели еден бездомник. Но, бездомникот нема каде да оди и попрво е подготвен да умре отколку да биде истеран од тоа, за него, последно прибежиште. Настаните што се случуваат потоа, грижата на совест која ја мачи главната протагонистка и нејзините безуспешни обиди на згрозената јавност да ѝ докаже дека не е виновна, се направени исклучително добро и впечатливо, што никого не можат да го остават рамнодушен. Филмот на Жуде се претвора во своевидна вивисекција на современото романско општество и наедно, во силна критика на длабоката криза во поглед на хуманизмот во денешниот свет, воопшто. 

Крајно критичен беше и филмот на рускиот режисер Кирил Сребреников насловен „Исчезнувањето на Јозеф Менгеле“, во кој режисерот со силна креативна вокација го прикажува тој лекомислен однос во барањето и пронаоѓањето на воените нацистички злосторници, кои се криеле во Јужна Америка, а особено во Аргентина, па речиси и до денеска.

Во програмското определување на „Виенале ‘25“ да им даде акцент на квалитетните филмови со актуелна општествена тематика, се вклопуваат и два филма од нашиот регион, кои во изминатиот период беа прикажани на повеќе фестивали и повеќекратно беа наградувани. Станува збор за филмот на младата словенечка режисерка Уршка Џукиќ, „Малите проблематични девојки“, кој беше награден во Пула, а ја понесе и наградата „Фипресци“ во Берлин, како и дебито на Стефан Ѓорѓевиќ, „Ветре, зборувај со мене“, направен во копродукција меѓу: Србија, Словенија и Хрватска, кој беше прогласен за најдобар во Сараево и ја однесе главната награда, „Срцето на Сараево“.

А кога станува збор за еминентните гости, Виенале и годинава беше домаќин на исклучително популарните и врвни уметници на современата светска кинематографија, како што се: Жилиет Бинош, која донесе и малку гламур во Виена (што не е особина на овој фестивал) и Вилијам Дефо.