Не може да се зборува за природност со неприродност

post-count icon
05.17.23

Loading

Кон „Преекспонирано“, режија и сценарио: Елеонора Венинова, улоги: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов, фотографија: Лев Предан Коварски, музика: Линдзи Рајт, монтажа: Гоце Кралевски, Македонија/Србија 2022

Пишува: Сунчица Уневска

Вистинската комуникација може да биде многу лесна и многу тешка, сè зависи што очекувате и колку навистина сте подготвени пред другите да се отворите. Кога не се зборува за вистинските причини, тогаш реакциите можат да бидат поразителни и да создадат уште поголем јаз, поголемо затворање и многу поголемо недоразбирање. Дистанцата, особено емотивна, не ги решава работите, туку само ги затскрива и уште повеќе ги замаглува. Како во сето тоа да функционира една двојка, а особено кога во таква кршлива и недефинирана атмосфера ќе се вплетка и една тинејџерка…

А тинејџерката односно нејзиното однесување по природата на нештата е сосем обратно, таа бара одговори, влегува и каде што не е дозволено, нејзината ранливост ја тера во невозможни комбинации додека се обидува да се најде себеси или барем да ги најде одговорите на нешто за што и самата не е сигурна што е. Целата таа идеја во дебитантскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова е интересна, но силна и со многу непредвидливи ситуации, особено кога сакате да ја разголите. Бидејќи, човечкото однесување и емоции, кога станува збор за некои најдлабоки пориви, знае да биде нејасно па дури и за нас самите. Копањето во некои рани понекогаш и не го носи вистинскиот одговор, напротив, може да направи поголема конфузија.

Затоа не е нималку едноставно да се занимавате со тие релации, особено соголено, особено кога целиот акцент е на нив без настани кои дефинираноста на внатрешните пориви можеби би ја олесниле или, воопшто, овозможиле.

Факт е дека Венинова се обидува тоа да го постигне, но како да ја нема подлогата. Наместено и неприродно делува прашањето на тинејџерката, кое некако доаѓа брзоплето, со ништо непредизвикано: „не си мајчински тип, а зошто немаш деца…??“. Да, оправдување може да има во нејзината младост и незрелост, но не е доволно. А не е затоа што не е природно, нема спонтаност во сето тоа, бидејќи колку и да е некој млад и бунтовен однесувањето на свој начин има логика, има поврзаност, има причина. Токму тоа е она за кое што зборувам, таа природност во однесувањето, во комуницирањето, во мешањето на работите и во внесувањето притисок, кој ќе придонесе до некакво разголување, не оди баш така. Не оди наместено, замислено, предвидливо, преурането. Во него мора да има искреност, мора да има зошто и затоа, мора да има логичност, мора да има течение за да му веруваме.

Во тоа е и стапицата на една ваква приказна. Таа бара многу умешност и многу искуство, и животно и занаетско. Не случајно приказните, особено кога се работи за комуникација и емоции, се вплетени во одредени настани. Можеби онаа изложба, за која во филмот станува збор, би донела многу повеќе можности за преиспитување, за разлика од фокусот кој е ставен на неа, а нема правец и повеќе прави забуна отколку вистинско согледување на нештата. Да, алузии има и во сликите и во музиката, а особено во многу добро замислените кадри, но повторно ќе речам – не е доволно, кадрите ја постигнуваат својата јаснотија низ внатрешното, не низ надворешното. Уште почудни и преоптоварени се оние објаснувања што оваа млада двојка и ги дава на тинејџерката, објаснувања за својата работа (како ефектот Сабатје, па псеудосоларизација, па невербална комуникација, па одлуки во кои многу малку има рационално…). За жал, тоа делува толку претенциозно, исто како сите оние меѓунаслови што ги вметнува авторката (проксемика, хронемика…), а кои веројатно само неа и се јасни што точно со нив сака да постигне и да каже.

Претенциозноста е најголемиот недостаток особено во една ваква приказна. Тука е потребна искреност, а не претенциозност. Ако веќе ги соголуваме работите, ако сакаме за нив да зборуваме со вистинските зборови, ако сакаме да покажеме разбирање за себе и за другиот, разбирање кое на сите ни е потребно, разбирање што е многу потешко да се постигне отколку да се љуби. Како што вели и самата протагонистка на крајот, дека не е најстрашно дали ќе престанеме да се сакаме, туку дали ќе можеме да се прифатиме кога навистина ќе се запознаеме. Да, идејата е добра. Тоа е тешко и за самите нас, а камоли да нè прифати некој друг. Но, тоа мора да се долови. Наместените дијалози, наместените, умртвени и ограничени пози на протагонистите, а особено на Камка Тоциновски, се чиста спротивност на самата идеја. А така е и кај Благој Веселинов, таа замисла му ја одзема раскошноста на актерската игра, која тој ја поседува, правејќи го овде доста безличен.


Односно таа лажност, неискреност, „уредност“ во изгледот, говорот, релациите, само и штети на приказната, а секако и на глумата. Живоста донекаде ја задржува Маја (Сара Климоска), иако и кај неа во тие неприродни прашања, однесување или љубопитност, се чувствува изнасиленоста, затоа што колку и да е навидум едноставно прашањето, тоа мора да излезе од внатре, а не да е предвидено за со него нешто да постигнеме или да кажеме. Затоа и не му веруваме или не нè допира тоа нејзино флертување, односно потреба да најде утеха или одговори во односот, првенствено со жената, која има во оваа релација двојна улога, како „заменска“ мајка или едноставно како жена со која младата Маја спонтано се поистоветува или во неа се бара себеси, а потоа и со Веселинов, чие разбирање е повеќе вербално отколку суштинско. Малку контрадикторно токму со говорот на телата за кој во филмот и станува збор, но многу повеќе како идеја, отколку како вистинска игра.

Игра која е потребна, игра која недостига, игра која не можат да ја заменат алузиите, без оглед што сликите се одлични, без оглед што симболиката со кучето е симпатична и толку животна, без оглед на сексот кај младите кој треба и дава индикација, без оглед на неприродните ситуации што ги иницира тинејџерката додека флертува, додека бара одговори или, пак, „одмазда“, додека во својата невиност е вплетена во една зададена слика во која пречи токму тој Сабатје ефект или преекспонираното. Бидејќи, колку и да сакаме, животот не е слика, особено не зададена и никогаш однесувањето не можеш да го предвидиш. Затоа и мора да му дадеш крилја.

На овој начин, ставено во рамки кои треба да не однесат на замисленото место, не функционира. Всушност, ништо не функционира така, никогаш мртвилото не може да донесе живост, никогаш предвидливото не може да донесе природност, никогаш наместеното не може да го даде вистинскиот ефект. Не оди тоа така. Иако, мора да признаам дека Венинова го владее занаетот, кадрите се одлично замислени, музиката фантастично вклопена, визуелниот ефект на моменти совршен, но… Едно големо но, бидејќи настаните, оние кои треба да го носат дејствието, во кој добриот кадар само го дополнува и засилува впечатокот, што по правило функционира совршено кога е добро и уверливо, но пречи многу кога е строго и предвидливо зададено. Не можете да зборувате за природност со неприродност. Не може претенциозното да го донесе едноставното.

Бидејќи овде станува збор токму за тоа. Овде нема и не треба да има филозофија.Овде зборуваме за човекот, за љубовта, за разбирањето, за прифаќањето, за поддршката, за младоста и незрелоста, но не и нелогичноста. Овде зборуваме за емоциите, кои можат навистина совршено да се доловат во склад со природата, во склад со уметноста, во судирот, стравот, бегството, во дистанцираноста, во барањето утеха онаму каде што ја нема, бидејќи заменското тешко го носи вистинското, но кога е вистинско барем го дефинира. Има во сето тоа многу психологија, има, а и треба да има говор на тело. Некако, филмот го прави обратното од замисленото, затоа и не е ефектен.

Еден ваков филм прво бара лична зрелост и јаснотија, дефинираност и прифаќање, согледување на внатрешните пориви и потреби, согледување на силата во судирот или конфликтите кои често ги носат работите до работ, каде што, всушност, многу појасно можеме да ги видиме. Овде работ е исцртан, но онака како што го замислуваме, а не како што животот го диктира. Што не функционира, животот има свои законитости, а тие се неумоливи, во филмот или надвор од него, како и да е. Штета, одлична замисла, но со оглед на досегашната умешност на Венинова како сценарист и како режисер, сепак, дојдена прерано за да може да го постигне целосниот ефект, без замаглување, без зголемување, без вакви или онакви агли на гледање. Не, животот, особено кога сакаме да го соголиме, има свои правила кои не можете да ги избегнете, а тие се – дека правила нема. Неговата непредвидливост во суштина е совршена и таа мора да се следи, како што реков, колку во животот, толку и на било какво платно кое се обидува него да го долови или имитира.