И покрај контроверзиите, стоечки овации за Џони Деп во Кан

post-count icon
05.22.23

Loading

Отворањето на 67. Филмски фестивал на Кроазета во знакот на многу скандали, но и изненадувања, враќање на голема врата на Џони Деп, во фокусот Мајкл Даглас, а Франција со евидентни понатамошни чекори во вреднување на жените-режисери

Наш специјален известувач
Шахла Нахид

Џони Деп со режисерката и главна актерка во филмот „Мадам ди Бари“, Маивен Ле Беско, која му даде огромна поддршка во Кан

Ѕвоното на 67. Кански фестивал (16 до 27 мај), еден од најпознатите и најимпресивни филмски фестивали во светот, заѕвони повторно по убаво време. Покрај годинешното жири на чие чело е Рубен Естлунд, шведскиот режисер со две „Златни палми“, на црвениот килим на отворањето се појавија и Мајкл Даглас, кој ја прими почесната „Златна палма“ и Џони Деп, главниот актер во филмот „Мадам ди Бари“ (кој го означи стартот на Кан, но надвор од конкуренција).

Кан поддржува сексуални предатори???

Веќе е познато дека големите фестивали, кои секогаш привлекуваат огромно медиумско внимание, честопати и од најразлични причини се соочени со скандали. Така е и оваа година, особено откако беше објавено дека фестивалот ќе се отвори со филмот „Мадам ди Бари“ на Маивен Ле Беско, во кој Луј 15 го игра Џони Деп. Алармот се запали, а новинарите имаа доста контроверзни и тенденциозни прашања, па дури одеа и дотаму во изјавите, велејќи дека Кан поддржува сексуални предатори?? Но, уметничкиот директор Тиери Фремо беше дециден, дека тој отсекогаш се залагал за слобода на мислење и слобода на говор, и дека Џони Деп го интересира единствено како актер, а „во филмот тој е фантастичен“.

Најмногу селфија со фановите, сепак, направи Џони Деп

Интересно е дека, и покрај сите обвинувања за одлуката на фестивалот Џони Деп да биде ѕвездата на отворањето, со оглед на неговиот скандалозен развод и вознемирувачките взаемни напади за семејно насилство со поранешната сопруга Амбер Херд, кога пристигна на отворањето и се појави на црвениот килим, луѓето што вообичаено со часови чекаат да ги видат ѕвездите, му изразија топло добредојде и тој беше единствената ѕвезда која помина најмногу време снимајќи селфија со луѓето и давајќи им автограми. А таков беше и приемот во големата сала „Лимиер“, каде што беше поздравен со седумминутни стоечки овации.

Скандал и околу филмот „Враќање“ на Катрин Корсини

Инаку, освен Џони Деп, годинава за сканадалозно се смета и вклучувањето на уште еден француски филм во официјалната програма, „Враќање“ на Катрин Корсини. Овој филм, како што пренесуваа „Ле Монд“ и „Гардијан“, го следеа многу проблеми и анонимни писма, кои зборуваа за злоупотреба, за сцена со мастурбација на малолетник па сè до енормна агресија спрема соработниците. Така, по протестите за одбрана на детските права, во кои режисерката беше обвинета за искористување на тинејџер, CNC – францускиот центар за поддршка на кинематографијата, мораше да ги врати парите. Меѓутоа, по првичната одлука на фестивалот филмот да биде повлечен, Канскиот фестивал, сепак, одлучи да го врати во програмата, што во голема мерка ја разбесни фелата. „Враќање“ е снимен на Корзика, а зборува за една мајка со две ќерки, која за време на летните празници доаѓа на Корзика да се грижи за децата на една богата
двојка.

Мајк Даглас годинава беше почесниот гостин

Мајкл Даглас беше почесен гостин, но целото внимание го добија неговата сопруга Кетрин Зета Џонс и ќерка му Керис Зета Даглас

Како водителка на церемонијата, која беше многу едноставна и кратка, се појави Кјара Мастројани, ќерка на Марчело Мастројани и француската ѕвезда Катрин Денев, која исто така доби почесна „Златна палма“. Во својот говор таа имаше неколку зборови за Украина, но заборави, заедно со Мајкл Даглас, да го прогласи фестивалот за отворен…! Таа го краси и годинешниот црно-бел постер, што го изработи Хартланд Вила според фотографијата на Џек Гарофало на сетот на „Отчукување на срцето“ на Ален Кавалие (кој го работеше сценариото со Франсоаз Саган). Но, сепак, вечерта беше во знакот на Мајкл Даглас, кој ја доби „Златната палма“ за животно дело. Мајкл Даглас има импресивна биографија, а поврзаноста со Кан потекнува уште од 1979, кога доаѓа со филмот „Кинескиот синдром“.

Годинешниот постер го краси бесмртната француска дива, Катрин Денев

„Канскиот фестивал отсекогаш бил прекрасна платформа за храбрите творци, за уметничката смелост и извонредност во раскажувањето. Од моето прво доаѓање овде во 1979 година, до мојот последен настап со филмот ‘Зад канделабрите’ во 2013 година, фестивалот секогаш ме потсетуваше дека магијата на филмот не е само во она што го гледаме на екранот, туку и во неговата способност да влијае на луѓето насекаде во светот“, изјави Даглас, на кого наградата му ја врачи Катрин Денев. Инаку, неговата прекрасна ќерка Керис Зета Даглас и сопругата, Кетрин Зета Џонс го привлекоа целото внимание на црвениот килим.

За првпат седум жени во натпреварувачката програма

За првпат во компетиција за „Златна палма“ на Канскиот фестивал се вклучени седум жени

Што се однесува до натпреварувачката програма, таа годинава не содржи само имиња на режисери како: Кен Лоуч, добитник на две „палми“, Вим Вендерс, со „Златна палма“ од 1984 година, Нани Морети со „Палма“ во 2001, Хироказу Коре-Еда во 2018 или контроверзната Катрин Бреја, кои подолго време и не се активни, туку сведоци сме на настојувањето на фестивалот да им даде повеќе место на жените во официјалната програма, претставувајќи годинава дури 7 жени, нешто што во историјата на фестивалот досега не се случило. Овие седум режисерки, од кои три се Французинки, ги вклучуваат: веќе споменатата Катрин Бреја со „Последно лето“, потоа Рамата-Тулае СЈ со сенегалско потекло, со филмот „Банел и Адама“, па Џастин Триет и нејзиниот филм „Анатомија на еден пад“, Катрин Корсини со филмот „Враќање“, кој крена голема прашина поради обвинувањата за сексуално вознемирување на малолетник, познатата австриска режисерка Џесика Хауснер со „Клуб Зеро“, Италијанката Алис Рорвахер со „Химера“, како и туниската режисерка Каутер Бен Ханиа со „Олфините ќерки“.

На чело на жирито требало да биде жена

Рубен Естлунд го предводи жирито, кое ќе се движи меѓу „гламурот и радикализмот“

Иако се чини дека фестивалот повторно се отвори за искусните режисерки, сепак, треба да бидат споменати и новите имиња, како Рамата-Тулаје СЈ, која го претстави Сенегал. Таа претходно работеше како сценарист и соработуваше со Атик Рахими, писател и режисер, член на годинешното жири, на неговиот последен филм „Нотр Дам на Нил“. Во 2008 овој француско-авганистански автор ја доби Гонкуровата награда за книгата „Камен на трпението“.

Вкупно, фестивалот вклучува 19 филма режирани од жени, селектирани во различните програми. Кан беше еден од првите фестивали кој ја потпиша повелбата за рамноправност меѓу мажите и жените во 2018 година. Но, ако погледнеме на неговата историја, тој не може премногу да се пофали во поглед на еднаквоста, иако во меѓувреме може да се види дека секој ден се појавува нова режисерка во Франција. Жените сочинуваат 24 проценти од филмаџиите, што оваа земја ја става на многу подобро место од другите. Според податоците на асоцијацијата, состојбата е 50/50, но иако 50 проценти од студентите на филмските школи се девојки, сепак тие имаат
тешкотии да најдат средства за првиот филм. Ако добијат буџет, тој е помал од оној за мажите, но ситуацијата сè повеќе се менува.

За волја на вистината, уметничкиот директор Тиери Фремо, по повод изборот на Естлунд за претседател на жирито, рече дека во почетокот целта била на чело на жирито да биде жена, но оние кои го заслужуваат тоа место не биле слободни. Додавајќи дека тоа не ја доведува во прашање вредноста на Естлунд, кој е многу кул и великодушна личност. Фремо верува дека и другите членови на жирито ќе го следат во оваа авантура, дека повеќе ќе ја нагласуваат кинематографијата, што ќе придонесе фестивалот да се движи меѓу гламурот и радикализмот. Сега мораме да чекаме и да видиме дали жена и по трет пат би можела да освои „Златна палма“?