Колку повеќе реакции, толку поголема моќ за ДФРМ

post-count icon
05.27.23

Loading

Државниот завод за ревизија излезе со исклучително негативен извештај за законитоста во работењето на Агенцијата за филм, а бидејќи оваа Агенција е во залог на една шака луѓе од ДФРМ, не знаеме дали да пишуваме за едните или за другите, бидејќи му доаѓа исто. Шега на страна, но факт е дека сите реакции и oфицијални и неофицијални, како да завршуваат во канта за ѓубре, а дури, како што дознаваме, деновиве во Министерството за култура е сменет и службеникот кој не играл по желбите на ДФРМ. До кога?
Пишува: Сунчица Уневска

Од сите небулози што се случуваат во државава, состојбата со Агенцијата за филм и Друштвото на филмски работници, дефинитивно, е најспецифична, да не речеме, „уникатна“.

Незаконските постапки, криминалот, корупцијата, конфликтите на интереси, самоволието, фаворизирањето на едни и дискриминацијата на други, си продолжува со несмалено темпо. Ништо не е важно, ниту тоа што го пишуваме со години, ниту реакцијата на самите филмски работници и нивните претставки за бројните прекршувања на закон од страна на Агенцијата за филм упатени до Славица Грковска (заменик претседател на Владата задолжен за политики на добро владеење), ниту укажувањата и препораките на „Транспаренси интернешенел“, ниту укажувањата на Министерството за култура, па дури ни најновиот негативен извештај на Државниот завод за ревизија, ништо не е важно. Бидејќи, како што веќе еднаш рековме, колку што повеќе пишуваме (или реагираме) тие толку повеќе проекти (и моќ) добиваат, а така е изгледа и сега.
Логичното прашање кое се наметнува и кое сите го поставуваат е – од каде таа моќ? ФИЛМ+ во својот претходен број се обиде да одговори токму на тоа. Бидејќи….

Кој е (единствениот) резултат на сите овие напори беззаконието во Агенцијата за филм, која работи само и во спрега со една шака луѓе од ДФРМ, да престане?

Се разбира, добивање поголема моќ и смена на луѓе кои не сакаат да играат по нивните правила.

Во новата претставка на филмските работници упатена повторно до заменичката Грковска, но и до Државната комисија за спречување на корупција и до Министерството за култура, стои вака: „Заложбите на челниците на ДФРМ да ја одржат непречено својата повластена позиција највидливо се аргументира на состанокот на ова друштво, на кое присутните беа известени токму од претседателот на друштвото, дека успеале да го сменат тој што не работел во нивни интерес. Односно ‘успеале да извршат влијание врз министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, да го смени државниот службеник во Министерството за култура што постапувал во предмети поврзани со работата на Агенцијата за филм и кој во неколку наврати изразил негативно мислење за законитоста на финансирањето и работата на ДФРМ. Тој сега е сменет со друг државен службеник од Министерството за култура, предложен лично од
раководството на ДФРМ’“.

И, што да кажеме повеќе? Да го цитираме законот и да нагласиме дека влијанието врз државен службеник и ограничувањето да ги остварува своите надлежности, е кривично дело? Да, но за кого? Ова навистина звучи многу сериозно, но веројатно за сериозни држави, каде што законот нешто значи и каде што Агенцијата за филм навистина „својата работа ја заснова на принципите на стручност, професионалност, транспарентност, отчетност и одговорност во работењето“, како што пишува во нејзините највисоки акти. Колку убаво сето тоа звучи, но слободно можеме да го фрлиме во канта за ѓубре, бидејќи кај нас овие зборови звучат иронично, па дури и смешно, кога некој во целава ситуација се обидува да ги цитира.

Ќе те прашаат, колку си смешен, знаеш ли ти каде живееш?

И така и се покажува. Како што многу убаво филмските работници тоа го образложуваат во своите нови обиди да ургираат кај заменичката Грковска, потсетувајќи ја на 14 април за нивната претставка поднесена уште на 17 јануари. Тие повторно потсетуваат на сите криминали и незаконитости, велејќи дека според законот директорот на Агенцијата, членови на Советот, рецензенти, советници и другите надворешни соработници, како и претседателот и членовите на Управниот одбор, не можат да учествуваат на конкурс на Агенцијата, ниту во реализација на проект кој добил средства од Агенцијата.

Но, повторно, тоа не важи за сите, а особено не за Агенција за филм, во која, како што вели Државниот завод за ревизија, нема критериум за оценување на проектите, нема критериуми за избор на надворешни рецензенти, нема критериуми за избор на финансиски советник, со еден збор, во која не се донесени основни акти за работа согласно Законот за филм.

Спрема тоа, манифестацијата „Златна рамка“, која се финансира од Агенцијата за филм врз основа на конкурс, и понатаму ја води Ана Василевска, која е рецензент во Агенцијата од 2018 година. Судирот на интереси по овој основ во 2020 година го констатирал и инспекторот за култура и го пријавил во Државната комисија за спречување на корупцијата, во 2022 година истиот тој судир на интереси го констатира „Транспаренси интернешенел“, а во 2023 година „го потврдува самата Василевска, додека како уметничка координаторка на ‘Златна рамка’ во сите дневни весници и портали од 13 април информира за програмскиот концепт на годинешното издание на манифестацијата“ (констатираат во својата претставка филмските работници).

А што е со онаа препорака на „Транспаренси интернешенел“ по извршениот увид во конкурсот за финансирање на проекти за 2022 година, во кој учествуваше и Милчо Манчевски со проектот „Биста“. Имено, „Транспаренси“ препорачува Агенцијата за филм да обезбеди непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведуваат конкурсите и да го повтори овој конкурс, кој е оценет како нелегитимен и незаконски (со оглед на тоа што за проектите повторно одлучуваа Ана Василевска, како рецензент и Бранко Петровски, како финансиски советник, а кои претходно беа разрешени од членови на Филмски совет токму по претставка доставена од Милчо Манчевски).


И, кој е резултатот? Непотпишување преддоговор со Милчо Манчевски за неговиот одобрен проект „Биста“ на тој конкурс и поднесување на кривична пријава поради сомнеж за незаконско работење на неговата продукција „Банана филм“???

Значи, да се вратиме на онаа наша шега или вистина, дека колку повеќе се бориме толку посилни, помоќни и понедопирливи стануваат. Не, ваква ситуација, вакво самоволие, вакво немање допир со реалноста и непочитување на оние кои го полнат буџетот, и покрај сите можни реакции, немало. Ваква индиферентност од страна на власта и вакво пробивање на границите, сме немале (порано барем имаше реакција од другата страна, каква таква, барем се обидуваа да се оправдаат…). Додека сега, не само што власта не реагира на написите или на препораките на невладините организации, туку не ги почитува ни сопствените институции (само да потсетиме дека Државниот завод за ревизија уште во 2017 дал 23 препораки и никому ништо). Ова само укажува на тоа дека ѓаволот ја однесе шегата и дека изгледа работите се дотерани до работ на бездната, ама оние најповиканите како најмалку да се свесни за тоа…