Почнува нашата дигитална авантура
Ете, некако судбински се наместија работите нашиот 61. број да излезе токму на денот кога почна да излегува ФИЛМ+, 15 октомври. Имено, на 15 октомври 2016 година излезе првиот број, а сега после цели 6 години, после повеќе турбуленции и промени, издржавме и повторно се враќаме во етерот, сега во друг формат, но подеднакво силни, ентузијастични и подготвени да одиме понатаму.
Нека ни е честит 61. број, дефинитивно завидна бројка, особено со оглед на состојбите во нашата земја, но и во медиумската сфера, со кој ја започнуваме нашата сега дигитална мисија односно онлајн издание. И самите знаете дека долго време се трудевме по секоја цена да останеме печатен медиум, бидејќи искрено така останува трага, но времето е неумитно, а исто и потребите на читателите, па така и ние моравме конечно да прифатиме нашето списание да го префрлиме на Интернет, односно да зпочнеме со новата авантура на издавање онлајн списание.
Но, она што е значајно, е дека и понатаму остануваме месечно списание за филм. Значи, нема да бидеме портал и да се стопиме во сите оние бесконечни информации што секојдневно се нудат, туку остануваме списание кое ги одбира своите теми, кое работи авторски текстови, аналитични, ангажирани, објективни и критични. Покривајќи сè што покривавме и досега, филмските фестивали овде и во светот, интервјуата со актуелните и еминентните автори, секако филмските рецензии, кои ги негуваме и покрај сè, јубилеите, посветата на класиците, но секако и коментарите за состојбите во филмот, пред сè, кај нас, но и во светот.
Пред вас е 61. издание, кое главно останува верно на нашиот стил, само што ќе можете да го разгледувате дигитално. Предноста е што, првенствено, не можете да пропуштите да го купите бројот, предноста е што можете да читате и да се навратите колку пати сакате, и тоа не само на новиот број, туку на нашата веб-страница ќе бидат поставени сите изданија на ФИЛМ+, па тоа е уште една огромна можност. Значи, не само што ќе ги видите и броевите што сте ги пропуштиле, туку во секое време можете да прочитате сè што било актуелно и важно за нас во сите овие шест години.
И уште една новина, а тоа е дека дигиталните опции нудат можност да не чекаме секогаш цел месец за да објавиме напис за некој важен настан. На нашата страница, која повторувам нема да биде портал, ќе има и можност меѓу два броја да се објавуваат текстови за оние настани кои сметаме дека се важни и нема потреба да чекаат. Се разбира, тоа нема да биде само информативно, ниту со дневна динамика, туку ќе го покриваме она што е значајно според наша проценка овде и во светот тогаш кога треба, а месечникот ќе си го подготвуваме со истиот влог и љубов, како и до сега. Со таа разлика што нема да пропуштаме настани или понекогаш да ги објавуваме доцна, напротив, за нив ќе можете на време да прочитате, и тоа повторно со еден поинаков пристап, карактеристичен за нас, а не за времето, со авторски текст, без никакво преземање од било каде.
Се надеваме дека ова онлајн издание и нашата веб-страница ќе ни дадат уште повеќе можности и се надеваме дека ќе го задржиме вашиот интерес, а секако, што е најважно, и ќе стигнеме до уште поголем број читатели.
Со почит
Издавач
Здружение АКВАРИУС