Способен за љубов

post-count icon
07.16.24

Рецензија: „Loveable“ („Драга“), режија и сценарио: Лилја Инголфсдотир, улоги: Хелга Гурен, Одгеир Туне, Кајре Хоген Сајднес, Хаиди Гермундсен, фотографија: Ојстен Мамен, Норвешка 2024

Пишува: Сунчица Уневска

Норвешкиот филм „Loveable“ или „Драга“ на тукушто завршениот 58. Филмски фестивал во Карлови Вари, се вбројуваше меѓу многуте филмови кои се занимаваа со темата на бракот, со денешните проблеми во семејството, со однесувањето на партнерите во една поинаква констелација на брачната заедница. Тоа беше и една од најзастапените теми, покрај ревидирањето на минатото и прашањето на национализмот, како и покрај начинот на кој денешната политичка ситуација влијае на луѓето, вклучувајќи и едно посуштинско согледување на судбината на жената во современото општество. Секако, поврзувајќи ја често оваа тема со брачната заедница за која зборуваме, која во денешните околности брачните партнери ги исправа пред сосем поинакви предизвици.

Но, иако имаше доста филмови кои на различен начин се осврнуваа на темата, сепак, „Драга“ се издвои на еден поинаков начин, правејќи вистинска студија на карактери и на однесување, иако искрено во неа како да недостига мажот. Со други зборови, филмот исцртува повеќе нивоа, прави една возбудлива, па дури и вознемирувачка брачна драма погледната од сосем поинаков агол, иако на крајот главно го испитува однесувањето на жената и последиците со кои таа е соочена во ситуација (како што ќе се покаже на брачното советување) која и за неа е сосема непозната.

Филмот почнува многу едноставно, дури и шаблонски во смисла на тоа дека Марија (Хелга Гурен) повеќе не го сака својот прв сопруг со кој има две деца, дека не е исполнета во таа врска, дека нејзината работа бара посветеност и креативност и дека разделувањето е некако неминовно, додека таа сè повеќе ужива во својата слобода, но и во работата во која се пронаоѓа целосно. Но, тогаш ќе наиде оној вистинскиот, за кој е убедена уште веднаш дека тоа е љубовта на нејзиниот живот, и иако тој отпрвин воопшто не ја забележува, нејзината упорност ќе го направи своето и после кратка и страсна врска тие ќе стапат во брак.

И во тој брак Марија ќе добие две деца и сето тоа ќе функционира до одреден момент во кој таа ќе почне да се задушува, бидејќи со оглед на неговата работа, поради која често не е дома, таа има сè помалку време за себе. Тоа секако ќе биде моментот на пресврт, кој ќе го наметне и прашањето за тоа дали однесувањето на Марија станува проблематично поради тоа, или сепак нејзиниот избувлив карактер ќе придонесе проблемите да земат некои многу поголеми размери… Како и да е, нивниот брак ќе дојде до точка на кршење.

Е, тука филмот поприма сосем поинаква атмосфера, тоа е онаа точка од која нема враќање, точка во која зовриените страсти ќе ги поминат границите, кои потоа тешко можат да се избришат. Но, тоа често е и испит пред кој веројатно се нашле или се наоѓаат сите брачни или само партнери и сè зависи од многу фактори, а најмногу од љубовта и од подготвеноста за разбирање, за простување, за соработка. Но, во бракот на Марија и на Сигмунд (Одгеир Туне) работите се дојдени до некаков ѕид што тешко може да се премине. Наеднаш се чини дека големата вина е во избувливиот карактер на Марија, кој пак веројатно доаѓа до израз со сè помалата можност таа да се изрази себеси и да го најде времето кое и е потребно.

Режисерката Лилја Инголфсдотир, тргнувајќи од нејзините изјави, зборува за современите врски, за местото на жената и на мажот во една поинаква брачна заедница, во услови кога останувањето заедно бара многу жртви и тоа од двете страни, за разлика од порано кога водечката улога ја имаше мажот. Сега не е така, фокусот се префрла на жената, која исто така сака да се најде себеси и да ја добие онаа потврда и разбирање за да може да се оствари како автор, како уметник, а потоа и како жена.

Има тука некои нивоа за кои не е јасно дали овде жената ги трпи последиците поради своите високи очекувања, или едноставно станува збор за еден бунтовен и несовладлив карактер. Бидејќи, авторката потоа ќе се сконцентрира на начинот и желбата на Марија да се соочи со себе (во услови кога ќе дојде до разделба која таа не ја посакува), да се спознае, да ги согледа своите проблеми, да се помири и да се обиде да ги прифати работите, не какви што се, туку онакви какви што веројатно мора да бидат.

Хелга Гурен навистина го носи филмот и неверојатно добро ја игра улогата на Марија, улогата која ќе ја доведе до емотивен слом, до силна болка, до таква ранливост, кога ништо повеќе не може да биде исто, ниту пак таа во сето тоа може да се препознае. Инголфсдотир го менува сосем кадарот, наеднаш има една студена и смирена слика и композиција, со неутрални бои на сивата, сината, невидливата, додека во далечина ги гледате светлата на градот. Има исклучителни сцени кога таа сама ќе продолжи да оди кај психологот, каде што претходно одеа заедно со сопругот, и каде што ќе се отвори докрај барајќи ја вината во себе, но и препуштајќи се на уморот што ќе ја совлада, на борбата која станува неподнослива, на чувството на немоќ со кое не може да се носи.

Проблемот е што Марија не сакаше нејзиниот брак да заврши, ниту пак нејзината врска, таа го сака Сигмунд, ги сака своите деца, го сака сето она кое го губи, барајќи се себеси и онаа целина која сè повеќе станува недофатлива. Која е цената на самостојноста, која е цената на таа внатрешна борба што, всушност, треба да донесе ослободување, која е цената кога сте соочени со она кое најмалку го посакувате. Ранливоста на Марија која Гурен ја доловува навистина маестрално е нешто што не може никого да го остави рамнодушен, а особено моментите во кои се обидува да ги прифати работите и да научи да продолжи сама, задоволувајќи се со она со кое мора, не затоа што е нејзин (свесен) избор, туку затоа што тоа е сепак последица на она што веројатно и е потребно.

Малку е сложено сето тоа, поставено на повеќе нивоа, барајќи ги секако корените и во нашето растење и созревање, и во односот на нашите родители, но и во нашиот однос кон своите деца како родители. Љубовта навидум прекрасна, едноставна, толку заводлива и страсна, знае да се претвори во своја спротивност, кога ќе се соочиме со секојдневните предизвици во кои денеска, во современата брачна заедница, секој го бара своето место за да може да биде свој и да може да биде задоволен како родител, како човек, како љубовник и како креативец кој придонесува како за општеството, така и за себе.

Марија и рефлексијата во огледалата или оние прозорци низ кои градот и приквечерината некогаш се толку јасни, а некогаш се чини сè е матно, најубаво зборуваат за одразот, нашиот вистински или замислен одраз, за нашата болка, за нашата потрага, за нашата ранливост, за нашата длабока емотивност, за нашата немоќ, која нè прави несреќни и понижени. Но, ранливоста не секогаш е немоќ, како што Марија ќе сфати токму на сеансите на кои оди, ранливоста може да биде и соочување, прифаќање, отворање кон сето она кое што ги носи нашите потреби, но и заблуди, отворање кон можностите. На крајот така и ќе биде, Марија својот мир ќе се обиде да го најде барајќи го својот вистински одраз, без оглед дали во семејството или надвор од него, без разлика дали во љубовата врска, без разлика дали сама или не, но вистинскиот одраз е оној што го носиме длабоко во себе, а не оној што го бараме во апсурдната борба на докажување, апсурдната борба на барање простор, кој и не треба да се освои, туку по него само да се посегне, тогаш кога точно знаете со што него сакате и да го исполните.

Тоа дефинитивно беше еден од најсуштинските филмови на фестивалот, за чија провокативност веќе пишував, како и за насловот, кој и понатаму останува некако проблематичен, бидејќи после „Сакана“, после „Драга“, после „Вљубена“ или „Засекогаш“ сè повеќе ми се чини дека вистинскиот наслов би бил „Способен за љубов“, кон партнерот или кон себе, сеедно. Како и да е, одличен и предизвикувачки портрет, филм кој поставува комплексни прашања и игра која е толку брилијантна што засенува сè, но и ве тера низ тие силни емоции со други очи да погледнете во себе.