Кој го овозможува криминалот во филмот во Македонија?

post-count icon
05.01.23

Loading

Група филмски работници поднесе претставка преполна со докази за работата на Агенцијата за филм и нивната спрега со една шака луѓе во ДФРМ, за да посочи на сиот криминал, корупција, конфликт на интереси и акумулирање на моќ. Но, Славица Грковска, заменик претседател на Владата задолжена за политики на добро владеење, уште од 17 јануари не најде време да одговори, а и како би – кога „челниците“ на ДФРМ, Игор Иванов и Томи Салковски, се  режисер и продуцент на прославите на Владата и на националната трибина на СДСМ

Пишува: Сунчица Уневска 

За спрегата која постои меѓу Агенција за филм и Друштвото на филмски работници, конечно, реагираа и самите филмски работници. Тоа беше она што со години го споменувавме, во смисла дека ништо во фелата не може да се промени, ако самите учесници за тоа не се изборат. Многупати пишувавме за бројните небулози, незаконитости, судири на интереси и за тоа колку Агенцијата за филм е „заложник“ на една шака луѓе во ДФРМ, но нивните колеги молчеа, иако во Друштвото не членува ни една третина од нив. Секако, тоа беше едната страна, важна и пресудна за работите да почнат да се менуваат, бидејќи џабе што ние пишуваме ако тие молчат. Иако, во нашата земја, во овој момент кога корупцијата достигнува врв, факт е дека ни нивните реакции не би смениле ништо, кога зад бројните повреди на законот што ги прават Агенцијата за филм и ДФРМ стои партијата на власт. Ако ни укажувањата на Министерството за култура и на „Транспаренси интернешенел“ не можат нешто да придвижат, тогаш како тоа ќе го направиме ние.

Затоа и престанавме да пишуваме. Не затоа што нешто се измени или затоа што нешто нè уплаши, иако имаше и реакција од ДФРМ, а на времето многу невкусни реакции и од тогашниот директор Тозија, туку затоа што сфативме дека поддршката за Агенцијата за филм и ДФРМ доаѓа од највисоките органи на власта и немаше никаква смисла по стоти пат да пишуваме за истото, кое во меѓувреме не само што не исчезна, не само што не се намали, туку повредите на законот, судирите на интересите и корупцијата се зголемија. Затоа и во нашиот последен напис се шегувавме, дека би било подобро да престанеме да пишуваме, инаку Агенцијата за филм и Владата ќе им одобрат уште повеќе проекти. Па, рековме, подобро да молчиме за да не добијат уште некој небулозен проект, од редот на „Златна рамка“, од редот на разни „прирачници“ за филмаџиите, од редот на одбележување на јубилеи кои станаа фестивали, ама во „сопственост“ на семоќното ДФРМ (исто како што е во нивна сопственост и „Браќа Манаки“)… Не случајно, т.н. манифестација Три децении независен македонски филм, беше одбележана со филмови само на една продуцентска куќа односно со филмови кои се главно поврзани со челниците на ДФРМ, претседателот Игор Иванов и генералниот секретар Томи Салковски.

Медиумска бламажа во партиските поддршки

Факт е дека не можеме да се начудиме и на она во што се претворија медиумите и какви настани покриваат, а да не зборуваме за тоа како ги покриваат. Читам интервју со Томи Салковски, пазете на „функција“ генерален секретар на ДФРМ (дисега не сум читала интервју со генерален секретар на СОКОМ или Друштво на писатели, на пример), кој одговара на толку смешни и апсурдни прашања токму за новата 5. „Златна рамка“, која упорно си се одржува… Тој портал и тоа интервју би биле пример како медиумите не треба да работат. Навистина е срамно да немате поим за што зборувате, да поставувате прашања составени од нивните соопштенија и да го третирате ДФРМ како институција, за што долго пишуваме, бидејќи со оглед на нивната привилегираност тие уште малку ќе станат и Министерство за култура. Срамно, но сепак, како медиум нема да зборувам и да посочувам медиуми, ова е доволно.

Во филмот нема рамноправен пристап до буџетските средства

Но, да се вратиме на нашиот повод за овој текст. Поводот е навистина извонреден, затоа што конечно група филмски работници се одважи да реагира, да посочи на сиот криминал, корупција, конфликт на интереси и акумулирање на моќ во само неколкумина. Како што рековме, долго пишуваме за тоа, но сега филмските работници тоа го направиле навистина супер, со сите факти и податоци и членови во законот кои се прекршени и го поднеле до вицепремиерката во Владата, Славица Грковска и тоа на 17 јануари, за, се разбира, до сега да немаат никаков одговор.

А и каков одговор би имале, кога токму „челниците“ на најважната културна „институција“ во државава ДФРМ, односно Игор Иванов и Томи Салковски се  режисер и продуцент на манифестации под покровителство на Владата на Македонија, како прославата за 8 септември (јубилејот 30 години) и прославите за 2 август. Тие се продуцент и режисер и на последната национална трибина на СДСМ. Не помагаат, како што рековме, ни укажувањата на Министерството за култура, кое во мислењето по Годишните извештаи за 2019, 2020 и 2021 год., укажало дека Агенцијата за филм финансирањето на работата на невладините организации треба да го остварува во постапка предвидена во Законот за филмска дејност, односно преку објавување на конкурс со кој во транспарентна постапка ќе им овозможи достапност до јавните средства на сите релевантни организации од филмската дејност. Бидејќи, практиката на финансирање на ДФРМ од страна на Агенцијата за филм на Македонија е спротивна на заложбите за рамноправен пристап на сите субјекти од дејноста до буџетските средства.

И дали нешто во меѓувреме се промени? Се разбира, не. Напротив.

„Транспаренси интернешенел“ бара конкурсот да се повтори

Пред само еден месец прес-конференција одржа и „Транспаренси интернешенел“ на која укажа на судир на интереси, на можности за дискриминација и реваншизам, нагласувајќи дека во постапувањето на Агенцијата за филм и нејзините органи има и елементи за кривично дело. Да појасниме, „Транспаренси интернешенел“ реагирало по пријава за корупција, за пречекорување на службена положба и конфликт на интереси, што се покажало како точно. Тие реагираа по два основа, дека две лица, Сашко Мицевски кој е член на Филмскиот совет и Ана Опачиќ, која од Агенцијата е назначена за филмски рецензент, на конкурсот си доставиле свои филмски проекти. Во моментот кога „Транспаренси интернешенел“ најавил дека ќе го преиспита последниот конкурс на Агенцијата за филм за избор на проекти, двете пријави се повлечени, на само два дена пред нивното доставување до Филмскиот совет.

Тоа е првата ситуација, а втората на која укажа „Транспаренси интернешенел“ се однесува на одобрување средства за новиот проект на Милчо Манчевски, за кој повторно, во својство на рецензент се јавува Ана Василевска, сменета пред две години токму поради негово укажување за судир на интереси и Бранко Петровски, како финансиски советник на Агенцијата, кој исто пред две години беше сменет поради укажување од страна на Манчевски за судир на интереси. „Таа ситуација доведува до можност за реваншизам и дискриминација и е недозволива во секое општество“, рекоа од „Транспаренси интернешенел“ кои веќе испратиле писма до одговорните институции. Нивната препорака е дека одлуките на овој конкурс се нелегитимни и дека тој треба да се повтори. Каква ќе биде сега реакцијата на пресот, особено со оглед на тоа што, и покрај „заложбите на Владата за потиснување на непотизмот, судирот на интереси и корупцијата“, Славица Грковска, заменик претседател на Владата задолжена за политики на добро владеење, не најде за сходно ниту да одговори на претставките од филмските работници, доставени до неа со бројни докази.

Исплатени средства за Национална стратегија која ја нема

Во претставката, како што истакнува групата филмски работници,  содржани се индиции за незаконско работење на Агенцијата за филм, кои се однесуваат на бројни прекршувања на законите по различни основи, како и за постоење на нагласена акумулација на управувачките и одлучувачки функции во мал број личности. Ова незаконско работење негативно влијае врз објективноста и квалитетот на одлуките во филмската дејност, поттикнува клиентелизам, реваншизам и дискриминација, а дополнително e и извор на корупција. Искрено, дури и јас, иако долго години следам и пишувам за тоа, бев изненадена од тоа колку мноооооогу прекршувања на закон и апсурди има во работата на Агенција за филм, особено во однос на таа мала шака луѓе во ДФРМ и сите оние кои се поврзани со нив, а се дел од управните органи на Агенцијата.

Со претставката, која укажува на уште многу нешта, како истите луѓе постојано добиваат поддршка за филмови, како се исплаќани средства за Национална стратегија за филм, а таа не е изработена, како се одобрени средства за ист филм два пати во тек на 6 години итн., некој допрва треба да се занимава, бидејќи ова што се случува во областа на филмот ги помина сите граници. Згора на сè, како што пишувавме, ДФРМ си добива редовни месечни средства, буквално како да се вработени, а за тоа не треба ништо да сработат. Каде постои тоа? Кое невладино здружение генерално во културата – друштво на писатели, на музичари, на ликовни уметници добива такви средства без конкурс, но и во филмската дејност – бидејќи ДФРМ не е единствено граѓанско здружение во филмот.

Кој смее нешто да му ускрати на ДФРМ

И тоа си продолжува, филмските работници се осудени да не можат реално и по принцип на здрава конкуренција да работат. Во која земја тоа е дозволено. Од една страна, нашата власт нѝ соли памет за европски пат и влегување во ЕУ, а од друга страна, се однесува толку самоволно, незаконски, па дури и криминално и очекува дека некој тоа не го гледа. Впрочем, нивните постапки во сè се исти, кога Заев поради своето неодговорно однесување мораше да биде тргнат, најдоа замена за да може неговите политики да си продолжат, а тој да не е во центарот на вниманието, исто беше и со, за жал, покојниот Тозија, кој после многуте скандали мораше да биде сменет и на негово место да се стави човек кој ќе продолжи исто, само веќе нема на тапет да биде претходникот…

Имено, кој смее нешто да му ускрати на ДФРМ, тоа друштво е закон во филмската дејност, но и во државата. И редно беше фелата да реагира, а ние секако сме тука за да ги поддржиме, што го правевме и претходно, без ефект, а така ќе биде и во иднина, но наше е да се бориме и укажуваме, иако надеж за промени барем засега нема. Но, мора да признаеме, дека и ова е своевидна промена.