Кон „Скејтбордингот не е за девојчиња“, режија: Дина Дума, сценарио: Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, улоги: Ефкјар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимович, Ганимет Абдула, фотографија: Фредерик Ноирхом, музика: Јура Ферина и Павле Михолјевиќ, монтажа: Ален Десуваж и Пјерпаоло Филомено, Македонија /Хрватска/Словенија/Белгија, 2026 година
Пишува: Сунчица Уневска

Новиот филм на Дина Дума има извонреден наслов, „Скејтбордингот не е за девојчиња“. Насловот веќе носи одредена метафора, покажува став, има во себе една динамичност и отпор, има бунт, има провокација, има пркос, има желба за промена. И тоа е одлично. Насловот е нешто што ќе ве натера да го погледнете филмот, а поради бројните алузии, ќе наметне и одредени очекувања. Тоа понекогаш може да биде и добро и лошо, но во секој случај не ве остава рамнодушни.
Мора да се каже дека во однос на нејзиниот претходен филм, „Сестри“, Дума доста научила и успева да избегне многу од слабостите во нејзиното деби. Иако, и овде се присутни доста од суштинските слабости, кои во отсуство на искуството, се нешто што, сепак, се учи во текот на образованието. Суштински работи кои главно ја даваат подлогата и ја носат или поткрепуваат приказната, но за жал кај нас тие работи не можат да се научат, освен ако авторите не успеат сами со текот на времето да го надополнат она што уште во стартот им недостига.
Но, на сето ова ќе се вратиме подоцна. „Скејтбордингот не е за девојчиња“ има приказна, вложено е многу во неговата визуелност, за многу работи и недостатоци во содржината Дума вешто го користи визуелниот израз, се труди во него да ја долови автентичноста, иако повеќе во изгледот отколку во суштината, и се труди да проговори за актуелни теми, како што се судирот на модерното и традиционалното, ограничувањето што го носи религијата или етничката припадност, особено во некои земји кои сѐ уште во западниот свет се доживуваат како „егзотични“.

Интересно е што кога сето тоа ќе им го понудите на луѓето од тие земји, тогаш веднаш работите се сфаќаат поинаку, редовно на филмот му се припишуваат значења што ги нема, му се припишува длабочина и содржина која „се подразбира“, а особено ако споменете бунтовност, несогласување со наметнатите правила итн. Тоа посебно им е важно и, секако, го гледаат како плус во поглед на авторскиот пристап, бидејќи совршено се вклопува во нивните предрасуди, па филмот добива уште повеќе на тежина. Што за авторката секако е добро, без оглед колку понекогаш се претерува или се оди во екстреми (се разбира, од нивна страна), но факт е дека функционира.
Не знам искрено и не би можела да кажам колку во сето тоа има свесност или калкулација, дали од страна на авторката или од страна на продуцентите, или на оние кои го кофинансираат филмот, но како и да е, тоа е добро и му отвора врати. Како понатаму ќе ја претставите својата идеја или порака, тоа веќе зависи од самите вас.

Но, да се вратиме на филмот. Да, „Скејтбордингот…“ има интересна тема, добро се замислени, иако повеќе теоретски, отколку суштински, трите лика, на двете ќерки и на мајката, а особено на тетката која во целата ситуација „здушно ќе сака да помогне“. Има добра идеја која непогрешливо ве тера да сочувствувате, сепак, тоа се две сестри и мајка кои се толку поврзани, кои се грижат една за друга, се сакаат и би направиле сѐ за да си помогнат. А така и ќе биде, дури едната од сестрите ќе прифати да се жртвува само за да ги спаси своите мајка и сестра, не гледајќи друг излез. Така е и со помалата Адела, која го сака секјтбордингот, тој е нејзиниот издувен вентил, но и начинот на отпор и пркос кон сето она што не и се допаѓа и сака да го промени. Во еден момент во тоа и верува, дека со скејтбордингот ќе може да ги промени работите, но, за жал, во вториот дел од филмот оваа нејзина пасија (но, и метафора) некако чудно ќе отиде на маргините, да не речам ќе исчезне сосем. Што е голема штета и пропуст.
И овде, како и во претходниот филм на Дума, има многу шаблони и клишеа, со кои најверојатно се обидува да го покрие недостатокот на дејствие. Затоа што целата приказна околу несреќната судбина на ова семејство, е повеќе дадена отколку доловена, го следиме логичниот развој на настаните, на борбата на мајката да не останат на улица, на нејзината несреќа и незадоволство што мора да го прифати „мудриот“ предлог на тетката за пазарот на невести во Бугарија, потоа несреќата на постарата Зара која знае дека нема друг начин и дека не може да ги остави своите на цедило, и на крајот Адела, која е тажна, која како и сите млади верува дека излез мора да има, сѐ додека настаните не го фатат својот тек.

Но, сето тоа, како што реков е зададено (поставено однапред), сето тоа е една приказна која се одвива според одредена замисла, сето тоа е нешто кое нема акција, нема внатрешен, па макар и надворешен судир, нема вистинска борба, нема тензија, кулминација или било што. Не, некако Дума сите тие нешта ги прескокнува додека одиме од ситуација во ситуација. Да, со одредени елементи, со преубави слики и бои, со една визуелна раскошност која на моменти ви дава чувство на бајка, но за нас, кои многу добро знаеме каде се границите на оние светови за кои зборуваме, сето ова е надвор од реалноста, или останува на нејзината површина.
Сите ситуации се многу бледи, онака механички водени, дури може да се каже и имагинарни, смислени, безначајни во дадениот контекст, бидејќи приказната не се одвива така, односно, ниедна животна приказна не се одвива така, каде е емоцијата, болката, неприфаќањето или внатрешната борба за прифаќање кои обично носат релации или тензии што ја обликуваат приказната, а не обратно. Ќе речете има емоции, пригушени, потиснати, но тоа не е нешто што треба да се подразбере, туку да се види, да се почувствува.

Факт е дека има убави визуелни елементи, особено кога Адела го вози скејтбордингот, кога снимателот го дели екранот давајќи му динамика и акцент, кога сето тоа е придружено со толку алузивна електронска или рап музика. Има преубави слики и во подготовката на девојките за свадбата, има во еден момент силна емотивност присутна во чувството и погледот на Адела додека се вози во забавниот парк (и толку), односно повеќе би рекла дека има една бајковидност во сето тоа која е убава за гледање, но далеку е од реалноста.
Имено, филм кој треба да биде изграден на емоции, на болка, на внатрешна борба, на бунтовност, на неприфаќање, филм кој треба да проговори за бесмислата на границите или предрасудите, повторно останува празен, повторно во него изостанува суштината која нив треба да ги донесе. Интересно е дека овде се повторува проблемот од претходниот филм, навистина не во толкава мера, но и овде се повторува фактот дека тоа што Дума го замислува во филмот го нема. Да, навестувањето е јасно, но… Повторно недостига развојот на приказната, повторно недостасува животноста, оној вистински развој на приказната, а не замислениот.

Силината на еден филм е во дадените ситуации, во взаемните релации, во судирите, во вистинската, а не замислена борба или идеја да се бара излез, во вистинската внатрешна борба да се прифати нешто кога нема друг избор, во вистинските разговори, превирања, со еден збор, во сето она што го доловува животот. Филмот треба да ја донесе приказната, а не да ни ја даде како готова, замислена целина од слики и идеи. Тоа е суштината, која како вештина се учи на факултет. За нашиот факултет да не го повторуваме истото, единствено што им останува на младите е надградбата, што секако зависи од самите нив.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е динамичен и на моменти забавен, носи одредена идеја, но далеку е од суштината на оние светови и традиции за кои зборува. Тоа можеби некој што не живее во „егзотичните“ земји го сфаќа здраво за готово, но ние ја знаеме разликата. Зошто е така спакуван филмот можеби има причина, можеби нема. Но, дека ова е далеку од филм кој ја раскажува приказната со целата нејзина реалност и веродостојност, е повеќе од очигледно. Жално, затоа што има приказна, има солидна глума на мајката Есма (Симонида Селимовиќ), додека Адела односно младата Ефкјар Абаз е исклучително експресивна и впечатлива во изразот, а тука е и тетката (Ганимет Абдула) која е многу автентична, но самиот филм, освен визуелно, во својата суштина автентичен апсолутно не е.

Дума повторно има добра и актуелна замисла, нешто што има потенцијал од локално да стане универзално, но на платното сето тоа го нема. Сочувството со ликовите не се постигнува, без оглед што разбирате каква е нивната положба. Тој расчекор, всушност, ја носи по правило суштината и разликата меѓу добар и да не речеме испран или површен филм. Голема загуба, бидејќи филмот можел и ги имал сите услови за тоа да го постигне, но, за тоа е потребна вештина. Дури тогаш една ваква приказна ќе може да не засегне на вистинскиот начин и да допре до секого, дури и без оглед на предрасудите. Бидејќи, универзалноста се состои токму во тоа, во доживувањето на суштинското, а не во барањето значења онаму каде што ги нема.