Уште на самиот почеток на 64. Виенале публиката се подели, па додека некои, изборот да се почне со краток филм, го сметаа како смела одлука, повеќето изразија големо незадоволство. Сепак, фестивалот донесе доста богата програма, вкупно 261 филм од 71 земја, како и ретроспективите на Роберт Олдрич и на Васко Прегељ. Најголемото признание, наградата за најдобар австриски филм „Wiener Filmpreis“ ја доби „Секогаш“ на Сандра Волнер, додека наградата „Фипресци“ му припадна на филмот за геноцидот во Руанда, „Benimena“, на Мари-Клементин Дусабејамбо
Наш специјален известувач
Душко Димитровски

Годинешното свечено отворање на 64. Филмски фестивал во Виена (од 22 октомври до 3 ноември), познатото Виенале, за првпат беше отворено со само еден краток филм, 21-минутното експериментално остварување на австрискиот режисер, Јохан Лурф, „Forever…Forever“, проектирано во 70мм техника.
За жал, љубителите на филмот и без своја волја беа доведени во чудна ситуација, да гледаат само еден краток филм за отворање чии влезници не беа воопшто евтини, на чија што одлука на организаторот повеќето од посетителите реагираа доста критички. Имаше неколкумина кои тоа го поздравија како смела одлука, на инаку многу агилната и амбициозна уметничка директорка, Ева Санџорџи, но повеќето го критикуваа како неуспешен експеримент, велејќи дека сепак би биле далеку позадоволни кога би можеле да присуствуваат на вообичаено традиционално отворање, со добар избор на долгометражен игран или документарен филм.
На незадоволните гледачи организаторите на крајот, како еден вид утеха, им приредија мал фестивалски коктел??? Но, прашање е колку ова ќе придонесе во иднина и за овој фестивал, но и дали било кој друг фестивал би ја следел оваа постапка…

Инаку, кога станува збор за краткометражниот филм „Засекогаш…Засекогаш“, треба да се каже дека тоа е навистина успешен експеримент во времето, светлината и просторот, кој е снимен цели 22 месеца, деноноќно, на едно место, низ сите годишни времиња, со авторовата своерачно конструирана камера, која ја користи техниката на временска компресија и автономната изложеност на филмот на светлинското дејство, притоа следено со субсоничната звучна подлога на Јунг Ан Таген, што на крајот, ѝ придава на киносалата значење на речиси мистично место за восприемање на визуелните стории.
И покрај невообичаениот почеток, сепак, фестивалот и годинава прикажа голем број филмови, вкупно 261 филм од 71 земја, распоредени во традиционалните програми, тргнувајќи од главната програма, па програмите на долгометражни играни и документарни филмови, селекцијата на кратки филмови, како и ретроспективите на класиците на седмата уметност, овој пат на американскиот режисер Роберт Олдрич и на исклучителниот словенечки и југословенски авангарден синеаст, Васко Прегељ.

Меѓу нив, како филмови со особени вредности би сакал да ги издвојам: австрискиот „Секогаш“ на Сандра Волнер, потоа српскиот „До крајот на денот“ на Јелена Максимовиќ, австриско-словенечкиот „Мила, Марија“ на Андрина Мрачникар, како и руско-францускиот „Минотаур“ на Андреј Звагинцев.
Филмот „Секогаш“ на Сандра Волнер има, исто така, доста експериментален карактер и во него гледачот често губи ориентација за тоа што е дадено како филмска „стварност“, а што е фиктивна надградба на авторката, искажана со многу добар визуелен јазик. Како што веќе констатиравме во известувањето од Венецискиот филмски фестивал, каде што српскиот филм „До крајот на денот“ на Јелена Максимовиќ имаше светска премиера, тоа е вешта вивисекција на студентските демонстрации во Србија, додека „Мила, Марија“ на Андрина Мрачникар може да се каже дека е речиси документарен, иако станува збор за игран филм, приказна за трагичната судбина на словенечкото национално малцинство во Корушка во текот на Втората светска војна за време на нацизмот. Филмот, пак, „Минотаур“ на Андреј Звагинцев е експресивно согледување на ситуацијата во денешна Украина, крајно исцрпена од воените случувања, видена низ семејниот микрокосмос на еден тамошен тајкун.

Инаку, како што е познато Виенале нема натпреварувачки карактер, па, сепак, на него се доделуваат неколку специјални награди. Најголемото признание, односно наградата за најдобар австриски филм „Wiener Filmpreis“ ја доби „Секогаш“ на Сандра Волнер за „необичниот спој на магичен и трагичен реализам при прикажувањето на тагата и загубата“, додека филмската награда на „Ерсте банка“ му припадна на краткометражниот филм „Засекогаш…Засекогаш“ на Јохан Лурф.
Специјалната награда на жирито (Vienna Film Award) отиде кај австриско-украинскиот документарец „Милитантропос“ во режија на: Алина Горлова, Јелисавета Смит и Симон Мозговиј, а наградата „Фипресци“ ја доби филмот за геноцидот во Руанда „Benimana“ на Мари-Клементин Дусабејамбо.
На крајот на овој осврт да кажеме дека веќе се најавува и следното јубилејното 65. Фестивалско филмско издание на Виенале во 2027 година, за кое се подготуваат пријатни изненадувања. Секако, останува да видиме.